Од 26 до 30 јуни, со научната манифестација „Отворени денови“, Институтот за македонски јазик одбележува 70 години од своето постоење, како и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков
Вчера започнаа „Отворените денови“ на Институтот за македонски јазик, со кои всушност се одбележуваат 70 години од постоењето на оваа научна институција, како и 120 години од издавањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. По свеченото отворање на манифестацијата, во наредните денови се предвидени повеќе активности и научни дебати. Денеска, според програмата, ќе има претставување на Институтот за македонски јазик, но и на други сродни институти од регионот. В среда и четврток, на 27 и 28 јуни, во просториите на Институтот во Скопје ќе се одржува осмата меѓународна конференција на тема „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“. На 30 јуни, во Струмица, исто така во рамките на манифестацијата, ќе се одржи тркалезна маса на Комисијата за фонетика и фонологија при Меѓународниот славистички комитет.
Институтот за македонски јазик е основан во 1953 година, со цел сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните и стручните работници во него. Во актуелниот современ геополитички контекст, исполнет со предизвици за македонскиот национален идентитет, постоењето и работата на Институтот за македонски јазик треба да претставуваат извориште на научната аргументација за милениумската посебност и автентичност на македонскиот јазик, како на глобален лингвистички план, така и во своето семејство на словенски јазици. Македонскиот јазик како еден од елементарните атрибути на македонското народносно постоење е носечкиот столб на македонскиот национален идентитет. Седумдесетте години на Институтот за македонски јазик се една современа отсечка на стандардизирано битисување на македонскиот јазик во долгата линија на временски континуитет, која се протега до времињата на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата, во 9 век, од сесловенските просветители Кирил и Методиј. Ј.П.