Надвор од секакви политички референции за ефектите од досега преземените мерки за зголемување на наталитетот, важно е да се нагласи дека на државата ѝ е потребна здрава и долгорочна популациска политика, наместо парцијални и неодржливи решенија
Дали Македонија има сериозна стратегија за зголемување на наталитетот или, пак, сите иницијативи за некакво подобрување или стимулација за планирање повеќедетни семејства се парцијално градени од политички причини?
Една од формите што требаше да го поттикне природниот прираст на населението, паричната помош од 8.048 денари за секое родено трето дете по десет години државата ја трансформира во еднократни поединечни парични додатоци за секое родено дете. Образложението од Министерството за труд и социјална политика е дека таа не дала никаков ефект и во практика покажала дека станува збор за недоволно осмислена стратегија.
Според експертите, време било за сериозна анализа за ефектот од мерката за парична помош за родителите за трето дете.
Според Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика, додатокот за трето дете бил наменет за зголемувањето на наталитетот, но податоците покажувале дека самата мерка немала никаков ефект врз наталитетот. Вели дека стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 во 2001 година до 11,1 во 2016 година.
– Исто така овој додаток бидејќи не беше наменет за сиромашните лица, додаток за трето дете добивале семејства, кои се во многу добра економска состојба и немало никакво ограничување во однос на ова. Промените што ги направивме ги отстрануваат овие проблеми и парите се насочени кон вистинските групи граѓани – посочи Царовска.
Во држава со стапка на детска сиромаштија од близу 30 отсто, многу извори покажуваат дека не е целисходно да се издвојуваат толкави средства без притоа значително да се влијае на намалувањето на сиромаштијата.
Според податоците на МТСП, 26 илјади семејства земаат родителски додаток за трето дете, а за негова исплата за 2017 година биле потрошени 2.643.706.000 денари.
Останува дилемата зошто никој во Македонија не се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со тоа кои се главните причини за намалената стапка на наталитет. Дали причините за овој тренд се од глобален карактер, поради тенденцијата за сѐ помалку склучени бракови и за семејства со помалку деца или, пак, одлучувачки фактор се економската (не)моќ на населението и иселувањето?
Демографот Дончо Герасимовски вели дека е очигледно дека мерката за парична помош на оние семејства што добиваат трето дете не ги покажала очекуваните резултати во насока на подигање на стапката на наталитет во земјава, односно не се покажала стимулативна во одлуката за планирање повеќедетни семејства. За таа цел, според него, треба да се прават промени и да се носат други решенија, кои би покажале подобар ефект.
– Донекаде таа мерка за родителски додаток за трето дете беше и дискриминаторска, но ќе видиме како ќе се покаже идната новина за помош на секое прво родено, второ и третородено дете во едно семејство. Мора да се потегне и стратегија за подобрување на состојбата на семејствата, зашто веќе две децении е познато дека наталитетот во земјава сѐ повеќе се намалува. Истата состојба, можеби и полоша, се случува и во соседните балкански земји, каде што има негативен природен прираст на населението, односно има повеќе умрени лица, отколку родени деца. Во Македонија состојбата сѐ уште не е таква, но ако продолжи ваквиот тренд, за неколку години и кај нас ќе има повеќе умрени лица, отколку родени деца – објаснува демографот.
Според него, причина за ова е иселувањето на младите, кои ја прават репродукцијата на населението, како и тоа што во едно семејство нема повеќе од три до четири деца.
– Ние не можеме да се споредуваме со странските земји каде што има висок животен и економски стандард и каде што повеќе се вложува во социјалната заштита на семејствата и во детската заштита. Дури и таму, со такви услови, наталитетот е во криза. Нашата состојба е слична со земјите на Балканот, како и со тие од Југоисточна Европа – додава Герасимовски.
Смета дека во странските држави веќе одамна постојат институции, во ранг на министерства, што се занимаваат со миграциската состојба, како и со популациската политика во конкретната земја, нешто што за нашата земја не е случај.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со предложените законски измени не се укинува надоместокот за трето дете, туку се унапредува во право за користење надоместок за прво, второ и трето дете. Оттаму велат дека на овој начин се проширува правото за користење еднократна парична помош за новороденче и се дава можност на истото тоа и за второродено и за третородено дете.
Социологот Јане Трпковски вели дека ако надлежните инстанци согледале некаква форма на недостатоци во конкретниот случај со мерката за родителски додаток за трето дете, во смисла на стагнација или пад на бројките на наталитет, тогаш логично е да се работи на предлози за измена на дотогашните концепти и во практиката и во опфатот на законските регулативи. Вели дека тоа се нормални потези засновани на научна основа и не би требало да се ставаат во корелација со некакви форми на политизација.
– Врз одлуките за родноста и планирање на семејството влијаат актуелните и потенцијални фактори, како што се пристапот до социјална и здравствена заштита, нивото на сигурноста од финансиска независност (дали се вработени, на каков тип договор, во која дејност, со колкав семеен буџет), можноста за школување, за домување, како и бројноста и квалитетот на домаќинствата – додава социологот Трпковски.
Затоа, според социологот, најпрецизен одговор е дека негативното салдо во природниот прираст на населението е последица на паралелно поместување на просечната возрасна граница за склучување брак и за раѓање прво дете, на нееднаквата можност за вработување и нископлатените и несигурните работни места, на трендот на масовно отселување на репродуктивното население, кое е и млад високообразован кадар.