Дефинитивно мислам дека не е во наш интерес да го потиснеме економскиот напредок на кинескиот народ. Кина успеа да извлече стотици милиони луѓе од сиромаштија и мислам дека треба да се восхитуваме на тоа, рече во Конгресот американската министерка за финансии Џенет Јелен
Американската министерка за финансии Џенет Јелен пред Конгресот со исклучително интересна порака
Американската министерка за финансии Џенет Јелен на последното сослушување во Конгресот рече дека целосното отфрлање на економските односи со Кина би било катастрофа за САД.
– Мислам дека имаме корист, а и Кина има корист од трговијата и инвестициите што се максимално отворени. За нас би било погубно да се обидеме целосно да раскинеме со Кина. Намалување на ризикот? Да. Целосна пауза? Апсолутно не – рече Јелен.
Таа додаде дека американските граѓани „имаат огромна корист“ од купувањето стоки што се поевтини за производство во Кина. Кина, од своја страна, има корист од американскиот извоз, кој во исто време ја поддржува американската економија. Покрај тоа, Јелен повика на продлабочување на економските врски меѓу двете најголеми светски економии и го пофали зачудувачкиот успех на Кина.
– Дефинитивно мислам дека не е во наш интерес да го потиснеме економскиот напредок на кинескиот народ. Кина успеа да извлече стотици милиони луѓе од сиромаштија и мислам дека треба да се восхитуваме на тоа – рече таа.
„Геополитика“: Реториката на Вашингтон и активностите преземени во согласност со неа често се против интересите на самите Американци
Во врска со ваквиот исклучително интересен став на американската министерка за финансии Џенет Јелен на последното сослушување во Конгресот, со своја анализа веднаш се јави угледниот аналитички портал „Геополитика“, каде што се тврди дека „САД сѐ повеќе се карактеризираат со фактот што официјалната политичка реторика на Вашингтон се разликува од практичните дејства на терен“. Во анализата исто така пишува дека „на работата може да се гледа уште порадикално и да се каже дека политичката реторика на Вашингтон, како и активностите преземени во согласност со неа, често се против интересите на самите Американци“.
Имено, според истата анализа, надворешнополитичките потези на Вашингтон ја „сечат гранката“ на која почива американската економија. Парадоксално, но на таква политика упорно се инсистира во име на наводните американски национални интереси.
Администрацијата на Бајден продолжува да го одржува „имиџот“ на американското глобално лидерство и во таа смисла, за жал, наместо сеопфатна соработка за заедничка корист, најмногу се користи за проектирање воена сила и политички и економски закани за оние земји што ги смета за закана за своите интереси.
Најочигледен пример за дисонанцата меѓу американската политика и реалните потреби на американското општество е токму Кина. САД и Кина се економски меѓусебно зависни до размери што е тешко да се замислат, додека во исто време двете мегаземји се политички во дијаметрално спротивни позиции.
Но, поради првото, Вашингтон во никој случај не треба да се вклучи во „дисциплинирање“ на Кина преку воено-политички средства или санкции, како што тоа обично го прави со „неволните држави“. Дури и ако е свесен дека Пекинг му е најголемиот ривал во сите сфери во 21 век.
И тој го прави токму тоа. Вашингтон ја прогласува Кина за „комунистичка диктатура, постојано ја критикува нејзината состојба на човекови права, демократија, воведува царини и санкции и – што е најважно – ја провоцира Кина за нејзиното најчувствително прашање, она поврзано со Тајван“. Во исто време, САД внесуваат сè поголем број воен персонал во „кинескиот двор“, ги зајакнуваат старите и воспоставуваат нови воени бази во Индопацификот, создаваат нови де факто антикинески сојузи (иако официјално не ги нарекуваат така) и ги охрабруваат азиските земји да се дистанцираат од „агресивната Кина“.
Сосема погрешна американска стратегија
Според авторот на анализата во „Геополитика“, тоа е сосема погрешна американска стратегија (без разлика што зад неа стојат несомнено големи мозоци и мајстори на геополитиката, но кои најчесто тргнуваат од посакуваното, кое можеби не секогаш е реално), не само затоа што на сличен начин не успеа да разбие една Северна Кореја или Иран, туку и поради повеќеилјадната филозофија на животот и состојбата на свеста на кинескиот народ, што мора да се земе предвид кога станува збор за интеракцијата со таа огромна и сè повлијателна земја.
Единствениот излез за САД во односите со Кина, според анализите на повеќе светски интелектуалци, е да се раздвојат трговијата и политиката, односно да му се дозволи на бизнисот да си ја врши својата работа и да се води според сопствената логика и законитости. Администрацијата на Бајден – добро свесна за важноста на Кина (Џенет Јелен) – очигледно сака да оди во таа насока, но во поограничен опсег поврзан со забраната за соработка со Кина во сферата на високата технологија.
Сепак клучното прашање за Вашингтон е дали е доцна за тоа, бидејќи Кина отворено и со реторика и практични потези покажува дека националната безбедност станува нејзин приоритет, дури и во однос на огромните економски придобивки од трговијата со САД.
„Геополитика“: Проблематични политики на Вашингтон и на Блискиот Исток
Во истиот контекст на тезата за „водењето проблематични политики на Вашингтон, кои може длабоко да се одразат на економијата на САД и на американските граѓани“ спрема Кина, е и текстот на катарската „Ал џезира“, но овој пат тоа се однесува на политиките на САД кон Блискиот Исток, а текстот е насловен „Блиски Исток: Збогум Америка, здраво Кина?“
Во него се вели дека минатиот јули, американскиот претседател Џо Бајден присуствуваше на самитот на Советот за соработка во Заливот и вети дека САД „нема да заминат и да остават вакуум што треба да го пополнат Кина, Русија или Иран“. Но се случи токму тоа. И покрај американските забелешки, во изминатата година нивните регионални сојузници станаа хибридни: ги подобрија односите со Пекинг и Техеран и одржуваа силни врски со Москва, пишува „Ал џезира“.
„Администрацијата на Бајден јавно ја омаловажи важноста на неодамнешниот договор со кинеско посредство на Саудиска Арабија и Иран за повторно воспоставување дипломатски односи, навидум избезумено поради растечкото влијание на Кина во регионот на Персискиот Залив… и поширокиот Блиски Исток“, се наведува во текстот.
Влијателниот катарски медиум во продолжение потсетува дека САД во последните дваесет години успеаја да станат енергетски независни поради зголемувањето на сопственото производство, но дека и понатаму инсистираат да бидат главни во регионот на Блискиот Исток за да го отсечат кинеското витално снабдување со енергија во случај на конфликт и да го обезбедат тоа за американските сојузници.
Како што предупреди Блинкен минатиот месец, „Кина го претставува најзначајниот геополитички предизвик со кој се соочуваме денес: земја со намера и, сè повеќе, способност да ја оспори нашата визија за слободен, отворен, безбеден и просперитетен меѓународен поредок“.
Сепак, како што пишува „Ал џезира“ понатаму, „автократијата во Пекинг всушност би можела да биде полесна и подобра за регионалните автократи отколку демократијата во Вашингтон и потсетува дека „руското влијание на Блискиот Исток се шири“ и дека „тоа исто така ги прави САД нервозни“.
„… Администрацијата на Бајден го засилува притисокот врз одредени држави од Блискиот Исток, јасно ставајќи до знаење дека трпението ѝ е при крај. Тој ги предупредува земјите во регионот да не ѝ помагаат на Русија да ги избегне санкциите и бара тие да изберат страна – или да се соочат со гневот на САД и земјите од Г7. Но, без успех“, пишува „Ал џезира“.
Саудиска Арабија ги отфрли барањата на САД за значително зголемување на производството на нафта за да се намали нејзината цена и да се неутрализира ефектот на западните санкции врз Русија, продолжуваат медиумите. Таа одржа добри односи со Москва и ја одложи поддршката за Украина. „Среден прст кон Вашингтон“ на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман наводно го направил исклучително популарен во регионот, се наведува во текстот.
Минатата година, како одговор на заканите на Бајден дека ќе го казни Ријад за неговата наводна дрскост, кралството беше домаќин на кинескиот претседател Си Џинпинг на билатерални разговори и на самитите Кина-совет за заливска соработка (ГЦЦ) и Кина-со арапските претставници. Саудиска Арабија потоа ги нормализира односите со Иран под кинеско покровителство, токму во моментот кога Западот ги заоструваше санкциите против Техеран и, во очигледен презир кон САД, почна да ги поправа односите со Сирија, пишува „Ал џезира“.
Но, овој нов став кон односите со САД не е видлив само во Ријад; тоа е регионален феномен. Обединетите Арапски Емирати, еден друг сојузник на САД, исто така негуваа поблиски врски со Кина, ги подобрија стратегиските односи со Франција и работеа на ангажирање на Иран, Русија и Индија. Тоа понекогаш беше на сметка на нивните односи со САД.
„Регионот како целина го диверзифицира својот глобален ангажман. Тоа е сосема видливо во неговите пазарни односи. Помеѓу 2000 и 2021 година, трговијата меѓу Блискиот Исток и Кина се зголеми од 15,2 милијарди долари на 284,3 милијарди долари; во истиот период трговската размена со САД само скромно се зголеми од 63,4 милијарди долари на 98,4 милијарди долари“.
„Не е ни чудо што во истражувањето од 2022 година, спроведено од Арапскиот центар за истражување и политички студии со седиште во Доха, во 14 арапски земји, 78 отсто од испитаниците сметаат дека САД се најголем извор на закана и нестабилност во регионот. Спротивно на тоа, само 57 отсто мислат на Иран и Русија во оваа смисла, и двете имаат свој дел од валканата работа во регионот – од Сирија до Ирак и Јемен“, пишува „Ал џезира“.
Стивен Сајмон: Подемот и падот на американските амбиции на Блискиот Исток
Во својата книга со соодветен наслов „Големата заблуда: Подемот и падот на американските амбиции на Блискиот Исток“, поранешниот американски функционер Стивен Сајмон проценува дека САД потрошиле од 5 до 7 трилиони долари за војни што резултирале со смрт на милиони Арапи и муслимани и уништување на нивната заедница. Покрај тоа, во овие конфликти биле убиени илјадници американски војници, повредени десетици илјади, а тоа доведе до околу 30.000 самоубиства на американски ветерани“ . Сите овие информации се од јавен карактер, за кои секако целосно се запознаени американската администрација и тамошниот естаблишмент. Сепак, како да се врати ситуацијата во „нормала“ без да изгледаат неуспешно во очите на домашната и меѓународната јавност – е очигледно прашање на кое Вашингтон нема вистински одговор. Засега тие го бараат на погрешна страна и користат погрешни алатки – зголемување на економскиот и воениот притисок и отворање кризи – што е успешен рецепт речиси цел век. Но многу работи во меѓувреме се променија, бидејќи сите веќе добро знаат за проверениот американски рецепт и играта „лов во темнина“. Но малкумина веќе сакаат да учествуваат во него.