По завршувањето на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

„My name is Medeja“ од Милош Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, во изведба на Битолскиот театар е најдобрата претстава на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата освои уште четири награди – за режија на режисерот Себастијан Хорват, за главна улога на Илина Чоревска за улогата на Медеја, за рекламен материјал во претставата за Сашо Илковски и за музиката на Драго Ивануша.
Наградата за главна машка улога отиде во рацете на Дамјан Цветановски за улогата на Бун, за споредна женска улога ја доби Емилија Мицевска за улогата на Џуди во „Чудна случка со кучето во ноќта“, додека за епизодна улога отиде кај Дин Ибрахим за улогата на Микаил во претставата „Човек перница“. За кореографија и сценски движења добитник на наградата е Симон Симоновски за претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмскиот театар, наградата за костимографија ја освоија Елена Вангеловска и Раде Василев и за сценографија на Константин Трпеноски во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“. Лидија Митоска Ѓорѓиовска е наградена за сценска драматизација на текстот во претставата „Мистерија Буфо“, додека млад актер е Хакан Даци за улогата на Катуриан во „Човек перница“, а млада актерка е Матеа Јанкоска во улогата на Роња, во претставата „Роња ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци. Според претседателот на жирото Јанко Љумовиќ, (членови Милош Латиновиќ, Мирослав-Мики Радоњич), наградената претстава е високопрофилирана, со изразена висока уметничка вредност и ја донесува мисијата на современиот театар во моментот.

И преку мотото „Враќање дома“, разговорите на тркалезната маса, работилниците, 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ симболично и практично се врати дома меѓу театарските работилници и во публиката, а Прилеп беше вистински домаќин. Се прикажаа десет претстави во официјална конкуренција, сите со различна естетика и со различен избор на текстови, за жал, немаше претстави од домашната драма во официјалната селекција, но затоа тука беше независната продукција.
Фестивалот за првпат годинава ја воведе програмата „Автор во фокус“ посветена на – Коле Чашуле, со чија драма „Вејка на ветрот“, премиерно праизведена во Прилеп (1957), почнува модерната македонска драматургија. Во тие рамки се одржаа повеќе манифестации, а беше промовирана монографијата „Чашуле“ за овој голем македонски драмски автор од Ана Стојаноска.
Се одржа и трибината на темата „Македонскиот театар низ визурата на меѓународната јавност“, при што еминентни театарски работници го искажаа својот став што и како му е потребно на македонскиот театар, но и на фестивалот, посочувајќи дека театарот има свои посебности од каде што доаѓа, но е универзална уметност и неопходни се соработки и размени на идеи.
Според уметничката директорка Ана Стојаноска, фестивалот е подготвен да разговара и на пошироки теми, особено на темата за тоа каков е македонскиот театар во очите на луѓето што доаѓаат од страна да го гледаат.
Чекор напред во универзалноста на естетиката на уметноста, според Јанко Љумовиќ, професор на ФДУ во Цетиње, Црна Гора, било поставувањето претстави од македонски автори и со македонски режисери на сцените во регионот.
– Преку мрежата на национални театри се покажува дека Македонија сака да ги развива театарскиот систем и уметноста што претставува жив дел од современата култура и тоа е за почит – потенцира Љумовиќ.
За Мирослав Радољиќ, директор на „Стериино позорје“, македонскиот театар е на добар пат не само да го зачува оној ореол што го имаше од порано како еден од значајните театри на бившите југословенски простори.
Милош Латиновиќ, директорот на „Битеф“, смета дека е добра соработката преку српското театарско милје за презентација на македонската уметност во Европа и дека македонската продукција има потенцијал.

Полн погодок беше и програмата „Чернодрински за деца“, на која дојдоа до израз активностите од работилниците што се реализираа во две основни и две средни училишта во Прилеп и, како што посочи режисерот Милош Б. Андоновски, било „чест и задоволство да се води новата програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
– Програмата продолжува и следната година зашто фестивалот не само што ја има моќта туку е и должен да образува и обликува нова публика и идни театарџии – додава Андоновски.

Ка.М.