Во училишната торба стојат учебниците и тетратките и одговорност на родителите е да видат што има во торбата на нивното дете. МОН не може да биде на местото на родителот или на местото на психологот, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на дебата за врсничко насилство „Стоп булинг“ што денеска ја организираше Американскиот Универзитет на Европа – ФОН.
-Одговорен е и родителот кој кривично одговара ако некој има некаков материјал и размислуваме за тоа во препораките. Не можеме во период од 18 часа да го знаеме движењето на учениците и секој треба да е одговорен – истакна министерот.
Шаќири со ова реагираше на заклучокот на актерката од МНТ Весна Петрушевска, учесничка во дебата, дека „кажува бајка“ кога зборува што презема МОН за превенција од оваа појава во училиштата, меѓу кои и најавените протоколи од новата учебна година.
Министерот соопшти дека во фаза на изработка е правилник наменет за училиштата за превенирање и за постапување во случај на насилство.
-Исто така, мора добро да размислиме за ограничување на влијанието на социјалните мрежи во училишната средина. Отворивме и електронска адреса каде учениците, родителите, но и граѓаните, може да пријават случај на врсничко насилство – рече Шаќири, додавајќи дека МОН е во фаза на консултации со професорите и експертите што е тоа што може да се преземе за да се подигне институционалната грижа за правилниот развој на учениците.
Петрушевска соопшти дека ги анкетирала 80-те деца од 8 до 14 години во нејзината актерска школа и сите кажале дека имало ножеви во нивните одделенија, па праша: Како ќе го регулирате тоа? Наместо со тимови, комисии и системи, рече таа, треба да се почне со 12 до 14-годишните деца кои на училиште одат со ножеви.
-Има деца кои не сакаат да кажат за врсничкото насилство затоа што, прво, имаат страв од родителот дома да не го осуди, а, второ, кога ќе пријават кај психологот во основното училиште и кај класниот раководител, секогаш жртвата е виновник… Овие деца се други, растат во друго време и во таа насока треба да ги воспитуваме и да се грижиме за нивното ментално здравје кое во Македонија е табу-тема – додаде Петрушевска.
Според проф. д-р Ана Фрицханд, раководителка на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет, за врсничкото насилство треба да се разговара и родителите мора да знаат како нивните деца поминуваат на училиште и дали се соочуваат со некаков проблем. Рече дека феноменот е повеќеслоен и затоа и пристапот за решавање е таков и треба да се вклучат секој од својата позиција и во својот домен да го вложи максимумот – родителите, наставниците, стручните служби, безбедносните претставници…
-Основен минимум е децата да знаат што е добро, што е лошо, тоа значи да имаат веќе изграден некаков систем на вредности… Една карика не смееме да ја заборавиме секогаш кога зборуваме за врсничкото насилство, а тоа се пасивните набљудувачи кои, според истражувањата, надминуваат и 80 проценти од целиот контекст. Не е само жртва – насилник, туку што правиме со сите тие што тоа го гледаат, снимаат и различно реагираат на такви ситуации – рече проф. Фрицханд.
Таа порача и дека жртвата на насилство мора веднаш да каже за тоа, а не да молчи, затоа што, рече, колку повеќе молчи, му помага на насилникот.
-Од пракса знаеме дека некогаш родителите последни дознаваат, а меѓу први кои дознаваат се соучениците. Важно е насилството не само да го препознаат, туку и да дејствуваат, да бидат проактивни, да не бидат пасивни – додаде Фрицханд.
Одговарајќи на прашање за каков вид насилства се дописите што во минатите два дена стигнале на е-поштата на МОН [email protected], министерот Шаќири одговори дека нема да спомнува конкретни случаи, но за оној за кој известувале медиумите, од родителите разбрал дека „проблематичното дете не е веќе во класот повеќе од осум дена“, но смета дека не е решение да биде отстрането од одделението.
-Ги побарав сите документи кои институции како постапиле во конкретниот случај. Другите мејлови се слични на оваа ситуација, имаме анонимни пријави за кои треба да се потврди изворот на пријавата за да знаеме дали се точни податоците – додаде Шаќири.