Презентираниот нацрт статут на Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) на Косово ја претставува желбата на Србија да формира една Република Српска на Косово, изјави косовскиот премиер Албин Курти по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, пренесува „Анадолија“.
Курти пред новинарите изјави дека на почетокот на средбата, со посредство на високиот претставник Жосеп Борел и специјалниот посредник на ЕУ, Мирослав Лајчак, се договориле за договорот за исчезнати лица, кој е преточен во Декларацијата за исчезнати лица за време на војната во Косово.
Косовскиот премиер изјави дека менаџерскиот тим потоа им го презентирал нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, што е целосно спротивен на Уставот и законите на Косово, спротивно на демократијата, европските вредности, човековите права и малцинските права.
– Реков дека поднесениот нацрт на статутот е суштински спротивен на Уставот. Нацрт-статутот што беше претставен е резултат на желбата за Република Српска на Косово, додека нацрт-статутот што јас го поднесов е нешто слично на оној што Србија го има со Хрватска – рече Курти.
Тој рече дека и покрај ова, Косово е заинтересирано да се најде решение во согласност со членовите 7 и 10 од Договорот за нормализација постигнат на 27 февруари во Брисел.
– Претставив нацрт-визија за тоа како треба да изгледаат вредностите и принципите, која би била рамката што го регулира прашањето за немнозинските заедници, етничките малцинства, поконкретно Србите во Косово. Верувам дека тоа ќе биде сериозно третирано од посредниците Борел и Лајчак – рече Курти и додаде дека Србите треба да живеат во Косово и да имаат права.
Тој изјави дека е против идејата некои Срби да се поважни од другите Срби, бидејќи се’ во оваа или онаа општина. Тој ова го оцени како сегрегација на Србите. Курти рече дека Косово ја отфрла територијалната автономија.
Наведе и дека на посредниците им предал документ во кој наведува дека Србија го прекршила Договорот од 27 февруари.
– Само во март и април 8 од 11 члена од тој Договор се прекршени. Бараме гаранции за спроведување на тој договор и апелираме – рече премиерот.
Одговарајќи на новинарски прашања зошто го отфрлил европскиот предлог за надминување на ситуацијата на северот на Косово, Курти рече дека не е среќен што излезноста на изборите на 23 април е слаба. За тоа ја обвини Српската листа која одби да учествува на изборите и рече дека за грешката на Српската листа не може да се обвини државата Косово.
Тој рече дека градоначалниците се неопходни за да бидат во служба на граѓаните.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денеска имал тешки средби во Брисел и дека е многу загрижен бидејќи за клучното прашање за формирањето на ЗСО, Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред 10 години.
– Го знаев тоа, но денеска првпат удривме во ѕид и беше јасно од моментот кога беше воведен Нацртот и начинот на кој се обидоа да ги понижат двете жени кои го направија тоа, до нивната реакција потоа, дека тоа е неприфатливo од нив – изјави Александар Вучиќ по средбата и додаде дека од Приштина велат дека тоа не е во согласност со косовскиот устав.
Како што наведе, сите членови од Нацрт-статутот јасно се однесуваат на претходно договорени членови од 2013 и 2015 година. „Ќе слушнете безброј изговори и работи, но суштината е ова“, рече тој.
Појасни дека потоа дошле до третата точка која била еднакво важна, а тоа е „актуелната состојба по срамните и нелегитимни избори на цело Косово“.
– Како да се надмине ситуацијата, бидејќи се работи за длабока делегитимизација. ЕУ излезе со свој предлог, јас го прифатив, Приштина го одби и тој предлог. Се надевам дека до следниот круг на техничко ниво, на 11, 18 или 20 и некој мај може да има реакции од некои други кои би можеле да влијаат на промена на таквите ставови. Инаку се плашам дека сите сме во голем ќорсокак. Не сум оптимист, но можам да ветам во име на Србија дека ќе дадеме се од себе да ги зачуваме мирот и стабилноста – рече тој.
„Се надевам дека разговорите ќе продолжат“, додаде и рече дека се надева и дека и покрај тоа што денеска стигнале до ѕид, во иднина ќе можат да прифатат некои решенија.