Фото: Игор Бансколиев

Од осамостојувањето до денес во или врз Македонија се наложуваат и спроведуваат најразлични експерименти речиси во сите сфери од општественото живеење. Ако во науката експериментите и тестирањата се разбирливи и имаат цел да се добијат некои нови сознанија за испитуваната материја, различните „ин виво експерименти во и врз Македонија“ имаат далекосежни последици по самите државни институции, нацијата и севкупно по граѓаните. Очигледно е какви се резултатите. Последниот пример на еден експеримент е повторно во образованието, со спојување четири образовни предмети (Физика, Хемија, Историја и Биологија) во еден. Меѓутоа, тоа е само еден од низата конкретни примери за тестирање најразлични експериментални модели, било да станува збор за образованието, надворешната политика, внатрешното уредување, локалната самоуправа, правосудството, евроинтеграциите итн.
Во продолжение даваме сублимиран осврт на некои од експериментите врз македонскиот народ и држава што не ги дадоа очекуваните резултати, при што, за жал, изостанаа државниот и националниот просперитет и одржливиот развој

Ако сакате да уништите една држава, уништете ѝ го образованието

Има една изрека што вели ако сакате да уништите една држава или нација, уништете ѝ го образованието. Македонскиот образовен систем со години и децении се соочува токму со такви уништувачки пориви, со кои постојните проблеми не се решаваат туку само се продлабочуваат. Еве и конкретни показатели. Се експериментираше во основното образование со воведување на програмата „Кембриџ“, но таа доживеа неуспех. Потоа се воведе деветолетка, што исто така наиде на критики, исто како и Болоњската програма во високото образование. Образовните експерти се едногласни во ставовите дека токму многубројните промени на образовните програми во сите сфери на образованието во изминативе декади, заедно со длабоката политизираност, и слабите институции го довеле македонското образование на самото дно во светски рамки.
– Во секторот образование со години и децении се прават некакви експерименти со образовните програми. Во овој долг период не успеавме да го изградиме системот. Образовните програми се градени од секој министер посебно, и тоа од почеток, без притоа да се користат соодветни анализи и планирања од професионалци и експерти. Затоа имаме еден многу слаб систем, кој не продуцира квалитетни решенија и квалитетни кадри – велат познавачите на состојбите во образовниот сектор.
Притоа континуирано пред почетокот на секоја учебна година се соочуваме со исти проблеми, како неповолни техничко-материјални услови, отсуство од опремени кабинети и библиотеки, нејасни и обременети наставни програми, немање учебници по одделни предмети, лошо осмислен проект на екстерна проверка на знаењата итн. Нема идеален образовен систем, а тешкотии секогаш ќе има, но клучното е што кај нас, проблемите се повторуваат и не се решаваат.
Светски познатиот лингвист и филозоф Ноам Чомски генерално го критикува образовниот систем во светот, нарекувајќи го потполно вештачки.
– Наставниците не се рангираат според својата способност да им помогнат на децата да ги остварат своите потенцијали и да ги истражат своите креативни интереси. Тие работи не подлежат на тестови. Акцент се става на оценувањето на децата и на наставниците, па учењето се сведува на подготовка за тестови. А тестирањата влијаат како на судбината на учениците, така и на наставниците. Тоа гарантирано го уништувате секој смислен образовен процес – смета Чомски. Ако Чомски увидел мани и недостатоци во образовните системи во светот, тогаш што да кажеме за нашиот од по маките во образованието.


Погубни експерименти со локалната самоуправа и територијалната поделба на државата

Во 2004 година беше извршен голем политички и територијален експеримент со кој се прекрои картата на општините и локалната самоуправа во државата.
Таквата нова територијална организација на Македонија, со која одредени делови и населени места се припоија кон некоја општина, предизвика големи етнодемографски импликации и нарушување на претходната етничка рамнотежа во државата. Притоа целата операција беше спроведена нетранспарентно, по етнички клуч и спротивно на волјата на граѓаните, со цел да се направи етничка поделба помеѓу, условно кажано, македонски и албански „територии“. Така, во општината Гостивар, во која според старaта поделба имаше 26,54 отсто Македонци, со припојување на општините Вруток, Долна Бањица, Чегране и Србиново (со територијалната поделба од 2004-та) се намали бројот на Македонците на 19,77 отсто. Во општината Тетово според старата поделба имаше 28,17 отсто Македонци, а со припојување на општините Џепчиште и Шипковица нивниот број се намали на 23,16 отсто, со тенденција да опадне под 20 отсто поради високиот наталитет и константното доселување на Албанци од Косово,
Општината Струга тогаш имаше 47,94 отсто Македонци и тие беа најмногубројни во општината, а со припојување на општините Велешта, Делогожди, Лабуништа и Луково бројот на Македонците опадна на 32,09 отсто, а бројот на Албанците се зголеми од 41,54 отсто на 56,86 отсто.
Експериментите со различни форми на етничкиот инженеринг во Македонија продолжија и понатаму и актуелни се и сега.
Така, неодамна се појави инцијатива за формирање заедница на албански општини во Македонија, по моделот на српските општини во Косово. Тоа само покажува дека апетитите на одредени политички структури никогаш нема да се задоволат и дека теренот останува отворен за нови и нови експерименти. За жал, на штета на македонскиот народ и држава. Аналитичарите, пак, се категорични дека воопшто нема потреба да се цртаат нови внатрешни граници во Македонија, во форма на некаква замислена заедница на албански општини.
– Лекција што сите ние од просторите на поранешна Југославија ја научивме најсурово и најбрутално е дека нема цртање и прецртување нови граници, внатрешни и надворешни, без војна и крв – смета Ивица Боцевски.

Фото: Игор Бансколиев

Експерименти и преседани во надворешната политика, евроинтеграциите и односите со соседите…

Ако некаде најмногу се експериментирало на штета на Македонија, тоа е несомнено на полето на надворешната политика, односите со соседите и евроинтеграциите. Тоа е тој магичен „бермудски триаголник“ во кој Македонија лека-полека ги губи сите свои национални и идентитетски обележја. Иако со години и декади Македонија постојано добиваше позитивни препораки за почеток на преговорите со Европската Унија, никогаш не дојде до тоа. На тој наш пат кон ЕУ постојано излегуваа нови пречки, уцени, условувања и експерименти со кои се разјадуваше и разградуваше нашиот национален идентитет.
Случувањата во надворешната политика, евроинтеграциите и односите со соседите можат да се оквалификуваат и како преседани или трагични експерименти. Без разлика, епилогот е ист, а тоа е обесправена и уценета Македонија.
Иако уште одамна ги имавме исполнето сите Копенхашки критериуми како единствен услов на патот кон ЕУ, за нас и само за нас се измислуваа нови услови, се поставуваа нови барања. Кога го исполнивме и тоа, ЕУ ја смени играта, па се воведе нова методологија за членство и така до недоглед. Сето ова македонскиот народ и држава премногу скапо го платија. И притоа никој не знае уште што нѐ чека и до каде ќе нѐ доведе.


Критики за двојазичноста и од Брисел, но залудно

Во Македонија се отиде премногу далеку и на планот на правата на малцинските етнички заедници. Иако во согласност со Уставот единствен службен и официјален јазик на државата е македонскиот јазик, во 2019 година беше донесен таканаречениот закон за двојазичност, со кој на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, но и друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албански јазик) исто така беше прогласен за службен јазик.
Токму ваквите јазични отстапки што ги направи државата, на штета на јазикот на мнозинскиот македонски народ, а во полза на јазикот што го зборува некоја малцинска заедница, постојано ни се враќаат како бумеранг на домашен и меѓународен план. Најнов пример се политичките реакции и препукувања за тоа на кој јазик се обратил македонскиот министер за надворешни работи при посетата на Шпанија. Според правните експерти, иако уставотворецот одредил само неколку области каде и кога може да се употребува албанскиот јазик, тој се користи буквално секаде каде што може да се протне, што значително го отежнува функционирањето на државната управа. Токму на ваквата неприменливост на законот за двојазичност укажа и Венецијанската комисија, како тело на Европската Унија.
– Правните експерти на Советот на Европа сметаат дека новиот закон за двојазичност значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици – оцени Венецијанската комисија.
Оттаму предупредија и дека овој закон може да оди премногу далеку со наметнување нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, што би можело значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
За жал, овие суштински препораки од Венецијанската комисија никој досега не ги уважи заради мир во куќа, односно да не се нарушат односите и стабилноста на Владата.

Фото: Игор Бансколиев

Малцинството одлучува наместо мнозинството

Македонија со години се соочува со еден чуден политички парадокс на наметнување на волјата на малцинството над мнозинството. Па, така, имавме случаи десет или 20 пратеници од помалите албански партии да го наметнуваат своето влијание над преостанатите 100 пратеници. Само во Македонија функционира условот да мора да има албанска партија во власта. Таков пример нема никаде во светот. Никому однапред не му е загарантирано место во власта. Парламентарната демократија не познава такви примери и експерименти.
Во Македонија или ќе биде тоа што го бараат дузина пратеници од некоја албанска партија или влада нема да се формира, ниту да опстојува. Дали е тоа демократски пристап?!
Но она што веројатно е уште попроблематично е фактот што албанските партии, кои се дел од власта, речиси никогаш не нудат развојни концепти и проекти што се во интерес на државата и граѓаните, туку секогаш се водат од своите исклучиво етноцентрични барања.
Така, на пример, беше и со предолгото тактизирање за спроведување на пописот, лобирањето во дијаспората, па до измените што се направија (со вклучувањето на нерезидентното население) за да се добијат поповолни бројки за албанската етничка заедница итн.
За многубројните експерименти што се прават врз Уставот изминатиот период и премногу е пишувано и одвишно е што било да се додаде. Но она што сепак мора да се нагласи е дека конечно мора да се стави точка и да престанат сите понатамошни експериментирања на штета на македонскиот народ и држава. Само со ставање крај на уцените, незаконските процедури и беззаконието, погазувањето на Уставот, ќе покажеме дека сме држава со свој национален интегритет и суверенитет, која не дозволува да биде нечие лабораториско заморче. Или, со други зборови, ќе покажеме дека сме држава што прилега да биде членка на ЕУ.