Фото : Бруно Ле Марие /фејсбук

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер изјави дека Франција и Европа сакаат да го следат патот на независна политика од Соединетите Американски Држави и Кина, но имаат намера да бидат „силни и сигурни сојузници на САД“.

На маргините на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, тој рече дека постоела силна координација меѓу Париз и Вашингтон за нивните ставови за Кина пред неодамнешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на таа земја.

Коментарите на Ле Мер доаѓаат во екот на жестоките реакции во САД и Европа поради повикот на Макрон до Европската Унија да ја намали зависноста од САД и ја предупреди да не биде вовлечена во кризата околу Тајван, која е водена од „американскиот ритам и кинеската претерана реакција“.

Запрашан за коментарите на Макрон, Ле Мер рече дека контроверзноста е „многу врева за ништо“, бидејќи францускиот претседател со години се залага за таков пристап.

– Сакаме Европа да биде суверена. Мислам на геополитички прашања, индустриски прашања, технолошки прашања, сакаме Европа да биде понезависна. Ова е во центарот на француската политика повеќе од шест години – рече Ле Мер.

Тој рече дека Макрон разговарал со американскиот претседател Џо Бајден пред да ја посети Кина и додаде дека САД, Франција и Европа имаат „координиран пристап“ кон односите со Кина.

– Сакаме да ја ангажираме Кина затоа што цврсто веруваме дека најдобриот начин да се добијат конкретни резултати од нашата врска е да се вклучи Кина – рече Ле Мер.

Тој додаде дека вклучувањето на Кина е неопходно за да се стави крај на руската инвазија на Украина, но и за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и обезбедување олеснување на долгот на сиромашните земји.

Ле Мер нагласи дека Макрон побарал од Кина да води повеќе дијалог за прашањата поврзани со Тајван.

– Бараме од Кина да ги деескалира воените дејствија околу Тајван – рече францускиот министер.

Инаку, Макрон синоќа оцени дека да се биде сојузник на САД не значи да се биде нивен вазал. – Да се ​​биде сојузник не значи да се биде вазал. Да се ​​биде сојузник не значи дека веќе немаме право да размислуваме со своја глава, рече тој на прес-конференција во Амстердам.

– Франција е за статус кво во Тајван, ја поддржува политиката на една Кина и бара мирно решение на ситуацијата – додаде тој.

Макрон предизвика бран на недоразбирање во САД и Европа барајќи од Европската унија „да не ги копира“ Вашингтон и Пекинг за прашањето на Тајван. Изјавите веднаш беа протолкувани како дистанцирање од Вашингтон.

– Позицијата на Франција и на Европејците за Тајван е иста: ние сме за статус кво – изјави францускиот претседател во Амстердам.

– Таквата политика е константа, не е променета – потенцираше Макрон.