Македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,4 отсто, следната од 2,7, а во 2025 од 2,9 проценти, прогнозира Светска банка во пролетниот Економски извештај за регионот на Европа и Централна Азија. Стапката на инфлацијата, пак, годинава ќе достигне 9,3 отсто, во 2024 ќе се намали на три, а во 2025 година ќе биде два процента.
Светска банка во делот од извештајот за Македонија наведува дека и покрај брзото закрепнување по ковид-пандемијата, енергетската криза го намали растот и ја подигна инфлацијата на највисоко ниво во последните две децении, оптоварувајќи ги јавните финансии во услови на пораст на трошоците за задолжување. Инфлацијата се забрза и го достигна врвот од близу 20 проценти кон крајот на 2022 година, поттикната од двоцифрениот раст на цените на храната и енергијата.
Високата инфлација создаде дополнителни предизвици. Сиромаштијата се намали умерено во 2022 година. Повисоките цени на храната и енергијата негативно влијаеја на благосостојбата на домаќинствата, особено кај помалку богатите кои трошат поголем дел од приходите на овие ставки и имаат помалку механизми за справување со повисоките цени. Мерките за поддршка на Владата, вклучително и субвенциите за електрична енергија и зголемувањето на минималните плати за 18 отсто, според СБ, до одреден степен го ублажија шокот.
Растот на корпоративните кредити, наведува банката, остана стабилен до декември 2022 година, иако влошувањето на финансиските услови во време на пораст на влезните трошоци и трошоците за позајмување може да влијае на перформансите на фирмите и да го наруши кревкото закрепнување. Преклопувачките кризи, исто така, имаа негативен фискален ефект и значително го намалија фискалниот простор за поддршка на растот на среден рок. Јавниот долг се намали на 59,6 отсто од БДП во 2022 година, но заостанатите долгови се зголемија на 3,2 отсто, додека примарниот дефицит остана висок, а субвенциите на државната компанија за електрична енергија за покривање на загубите достигнаа 2,4 отсто од БДП.