Инсистирањето да се отвори Уставот и во исто време да се спроведуваат повеќе измени може да биде, всушност, отворање на Пандорината кутија за еден од столбовите на македонскиот конститутивен концепт. Уставните експерти сметаат дека не се согледани сите аспекти и опции што би се отвориле со менувањето на формулацијата од „20 отсто“ во Уставот, но сериозно треба да се размислува во насока дека тоа би можело да значи и дерогација на Охридскиот договор
Инсистирањето на ново отворање
на Уставот крие опасни стапици
Обврската за отворање на Уставот, која македонската влада ја презеде да ја истурка со прифаќањето на францускиот предлог на преговарачката рамка за ЕУ, односно за ефективно започнување на преговорите за членство во Унијата со отворање на поглавјата, неколку политички партии од албанскиот блок ја гледаат како „шанса за да ги проврат“ нивните барања и интереси за менување одредени уставни одредби. Но да почнеме по ред. Според анкетите, во македонската јавност силно е изразен скептицизмот за потребата за уставни измени за внесување на Бугарите во преамбулата, како „дел од народ“ (формулација присутна во актуелниот македонски устав, што остава простор за недоумица дали се работи за еквивалент на малцинство или е сепак нешто повеќе). Покрај тоа, партијата од албанскиот блок, Беса, до Министерството за правда достави писмо во кое се бара при подготовката на уставните измени да се земе предвид и промената на амандманот В од Уставот. Со оваа промена се инсистира во Уставот да биде наведен албанскиот јазик наместо формулацијата 20 отсто, како што е актуелната уставна состојба.
Од Министерството за правда потврдија дека го добиле писмото, наведувајќи и дека „сите барања во врска со уставните измени ќе бидат предложени и разгледани на работната група, која ќе биде наскоро формирана, а во која свој член ќе имаат политичките партии, меѓу кои и партијата Беса“.
Барањето за менување на формулацијата „20 отсто“во Уставот со „албански јазик“, веќе неколку изборни циклуси се провлекува во програмите на неколку албански партии, а конкретно во овој политички миг го актуализира новоименуваниот министер за правда Кренар Лога. Тој на првиот брифинг со новинарите, по стапувањето на функцијата, рече дека приоритет за уставните измени е преамбулата, во делот на вметнување на помалите заедници во државата, но дека се размислува и за други измени на Уставот, во деловите каде што: министерот за правда по функција е член на Судски совет, регулирање на вакуумот со распуштање на Собранието, како и во делот со 20 проценти за јазикот.
На оваа иницијатива на министерот за правда, со која навести дека се отворени повеќе можности со отворањето на процесот на менување на Уставот, реагираа премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тие беа категорични дека приоритет во однос на Уставот е исполнување на обврската од преговарачката рамка усвоена од 27 земји-членки на Европската Унија во делот на уставните амандмани за вклучување други делови од народи што живеат во Република Македонија, како и дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот.
Сепак и по изразувањето на ставот на најангажираните во Владата по прашањето на уставните измени, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, излезе со ставот дека отстранувањето на „20 отсто“ за да стои изрично „албанскиот јазик“ во Уставот треба да се случи сега, кога ќе се отвори Уставот за внесување на Бугарите. Тој изјави дека уставните измени се историски момент зад кој стојат сите албански партии, вклучувајќи ги и македонските партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
– Алијансата за Албанците е среќна што сега дојде моментот кога политичките партии во Македонија ќе можат да ја изразат својата согласност албанскиот јазик да се именува како таков и повеќе да не се нарекува погрешно „20 отсто“ – вели Таравари. Според претседателот на АА, сите партии што ќе учествуваат во оваа промена ќе бидат запишани во историјата како демократски партии, особено европски.
Доставувањето на предлогот за менување на формулацијата „20 отсто“ во Уставот до Министерството за правда од страна на Беса (и покрај изразените ставови од Владата „дека не е време) по ова прашање, создава разногласие во јавноста и дополнителна недоверба во процесот на отворање на Уставот, што се наведува како императив за продолжување на евроинтегративните процеси. Инсистирањето во исто време да се спроведуваат повеќе измени на Уставот може да се претвори во отворање на Пандорината кутија за еден од столбовите македонскиот конститутивен концепт, земајќи предвид дека во него веќе е имплементиран Охридскиот договор. Уставните експерти сметаат дека не се согледани сите аспекти и опции што би се отвориле со менувањето на формулацијата од „20 отсто“ во Уставот, но сериозно треба да се размислува во насока дека тоа би можело да значи и дерогација на Охридскиот договор.
– Во оваа ситуација, кога сме соочени со преземената обврска за отворање на Уставот за да го продолжиме нашиот евроинтегративен пат, треба да се направи разграничување на иницијативите и барањата за други интервенции во конститутивниот акт. Не треба во исто време да се меша внесувањето во Уставот на другите делови од народи што живеат во Македонија, како услов што ни е поставен за продолжување на процесот на преговори за членство во ЕУ, со отворање на поглавјата и други иницијативи, како менувањето на формулацијата „20 отсто“ за албанскиот јазик. Уставните измени за продолжување на европскиот пат се од заеднички интерес на сите етнички заедници во Македонија, додека тие за формулацијата „20 отсто“ се од посебен интерес на една етничка заедница, за што има време понатаму да се расправа. Уставот може и еднаш, и два, и три пати да се отвора, ако се согледа потреба од сите политички фактори со земјата за тоа. За уставните измени поврзани со нашите евроинтеграции, Собранието донесе заклучок дека треба да се влезе во процес на нино усвојување, но за други измени нема таков заклучок. Треба да се остават простор и време за да им се објасни на Собранието и на политичките фактори во Македонија значењето на другите измени што се бараат. Во овој миг, двете барања за уставни измени имаат различно значење. Освен тоа, не се познати сите импликации што може да ги предизвика менувањето на формулацијата „20 отсто“ во уставниот поредок на државата. Многу нешта укажуваат дека со тоа би можел да биде дерогиран Охридскиот договор, односно да се доведат во контрадикторност повеќе уставни одредби базирани токму на тој рамковен договор. Во секој случај, несоодветно е да бидат ставени во иста процедура за менување на Уставот нешто што е јасно и значајно и нешто што не му се знае целта – вели професорот Владо Поповски, еден од креаторите на Уставот на независна Македонија.
И најголемата опозициона партија е подготвена веднаш да учествува во процедурата за смена на македонскиот устав, но „по хрватски модел“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека е подготвен уште утре да учествува во процедурата за смена на македонскиот устав, ако се користи хрватски модел. При одговор на новинарско прашање дали тој би прифатил промена на Уставот според хрватскиот модел, како што тоа го предлагаат СДСМ и ДУИ, Мицкоски без дилема кажа дека ако е тоа што го бараат Ковачевски и Ахмети уште утре ќе го поддржи ваквиот предлог. Мицкоски вели дека ако се оди по хрватскиот модел на уставноста, каде што државата е на хрватскиот народ и на сите други малцинства, тој веднаш би ги поддржал уставните промени при што Бугарите би биле вметнати на листата со сите други малцинства.
– Ако тоа е формулата за успех, уште утре да ја почнеме процедурата, Македонија да биде држава на еден народ и на малцинствата во неа! Еве ако сакаат (СДСМ и ДУИ) уште утре да ја отвориме преамбулата на македонскиот устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк. Но само да не се каат, па да не речат некои други етнички заедници: „А не било така како што ни кажуваат“. Ако сакаат според преамбулата на хрватскиот устав веднаш – да. Не знам дали ја прочитале, дали ја виделе или така на памет си кажуваат. Но, еве, ние како ВМРО-ДПМНЕ, веднаш прифаќаме. Таква уставна измена веднаш прифаќаме – изјави Мицкоски.