Фото: Нова Македонија

Правот во воздухот, има тенденција да го намали целокупниот квалитет на воздухот за дишење, а опасноста се зголемува со времето на изложеност

Вчера, денес и во текот на утрешниот ден, во земјава ни пристигнува прав од Сахара. На Балканот сахарскиот прав пристигнува од Италија, па преку Хрватска стасува и во земјава.

Први со предупредување за сахарскиот прав излегоа хрватските метеоролози, а во текот на вчерашниот ден и нашите метеоролози предупредија за зголемената концентрација на прав во воздухот.

Овој феномен е доста честа појава кај нас, доколку се земе предвид фактот што само пред пет месеци, односно во септември ја имавме истава појава. Веројатно за многумина не претставува ништо посебно, меѓутоа добро е да се укаже на тоа какви последици остава и кои мерки треба да се преземат за заштита од него.

– Сахарскиот прав е појава што е присутна над територијата на целата држава и тоа не се случува многу ретко. Кај нас се случува неколкупати годишно. Како што е вообичаено, тоа значи дека ќе се зголемат концентрациите на ПМ10 честички и тоа ќе трае неколку дена. Концентрацијата на овие честички ќе биде зголемена над целиот Балкан – велат метеоролозите.

На прашањето колку и дали се штетни овие честички, тие велат дека станува збор за покрупни честички, кои не навлегуваат длабоко во дишните органи и, можно е само некои повозрасни лица да почувствуваат одредени проблеми.

Што е тоа сахарски прав и колкава е неговата штетност?

Песочните бури обично се случуваат кога силни ветрови ќе подигнат големи количества песок и прав од голи и суви почви во сахарските предели. Правот што во форма на облак доаѓа од Сахара се состои главно од ситни парчиња минерали, кои порано биле карпи.
Откако ќе се ослободат од површината, честичките од прав се подигнуваат на повисоки нивоа во тропосферата со турбулентно мешање и конвективни нагорни струи. Тие потоа можат да се транспортираат со ветрови долго време, во зависност од нивната големина и метеоролошките услови, пред повторно да паднат на земјата. Просечниот животен век на честичките од прав во атмосферата се движи од неколку часа за честички со дијаметар поголем од 10 микрометри, до повеќе од десет дена за помалите.
Според анализа направена од страна на „Нешнл џиографик“, научниците одамна предупредуваат дека дишењето ситни честички не е добро за белите дробови. Постојат многу извори на нездрави фини честички, а најчесто тоа се изгорените фосилни горива и земјоделските загадувачи, кои го оптоваруваат воздухот со микроскопски ситни честички, кои потоа ги иритираат белите дробови.
Во една студија објавена во „Нејчр сустеинабилити“, научниците ги следеле ефектите на правот што доаѓал од местото Бодел во Чад, еден од најголемите, најистакнатите извори на прав во светот. Правот од таа депресија е пронајден дури и на Гренланд и во Јужна Америка, а нејзините облаци се најгусти и најштетни во Западна Африка и во супсахарска Африка. Воздухот таму држи толку многу прав што понекогаш е тешко да се дише.

Фото: Пиксабеј

Па, како се мери количината на сахарски прав во воздухот?

Сите овие врсти мали суспендирани честички припаѓаат на групите ПМ10 и ПМ2,5, што се всушност честички помали од десет микрони и 2,5 микрони во дијаметар. Обично се користат за одредување на квалитетот на воздухот. Затоа и се користат кога ја има сахарската прашина во воздухот, бидејќи го намалува неговиот квалитет.

Правот во воздухот, има тенденција да го намали целокупниот квалитет на воздухот за дишење, а посебно влијае на ПМ10 концентрациите.

Токму затоа, кога е зголемено количеството на сахарски прав во воздухот, важат истите препораки како и кога воздухот е загаден од други причинители. Во такви случаи, на граѓаните им се препорачува носење заштитни маски и да се избегнува подолг престој на отворено.
Научниците следеле 15-годишни записи за влијанието на правот врз квалитетот на воздухот во заедниците на африканскиот континент. Откриле дека од концентрацијата на прав, директно зависи дали новородено бебе ќе преживее една година. Во Западна Африка, ако правот го згусне воздухот за околу 25 проценти – дополнителни 10 микрограми прав на секој кубен метар воздух – веројатноста тоа бебе да преживее се намалува за 18 проценти.

Сахарскиот правлив облак е концентриран систем за испорака на фини честички што му штетат на човековото здравје. Опасностите од изложеноста на лошиот квалитет на воздухот се добро познати, особено ако изложеноста трае долго.
Она што е клучно, се големината на честичките од прав и потенцијалната опасност што ја предизвикуваат по здравјето на луѓето. Честичките поголеми од 10 микрометри не се вдишливи, така што може да ги оштетат само надворешните органи – најчесто предизвикувајќи иритација на кожата и очите и појава на конјунктивитис, како и на носот и на грлото.
Секојдневната или честа изложеност на ПМ10 честички, пак, може да предизвика сериозни здравствени проблеми, а кај некои и смрт. Кардиоваскуларни импликации, како аритмии, срцеви удари, астма и бронхитис, се само мал дел од влијанијата што загадениот воздух ги предизвикува кај граѓаните.

Зошто се појавуваат сахарските облаци?

Главната причина за појавата на овие сахарски облаци се силни ветрови, но голем удел во нивната појава имаат луѓето и нивните (не)дела за да ги намалат и спречат климатските промени. Тоа може да одреди дали во иднина ќе има повеќе или помалку прав и дали ќе биде подебел или поредок.
Според Натали Маховалд, климатска научничка од универзитетот „Корнел“, дошло до зголемување на сахарскиот прав во дваесеттиот век. Според неа, околу половина од зголемувањето е поради климатските промени, а другата половина е веројатно под влијание на зголемувањето на искористеноста на земјиштето во Сахара, бидејќи земјоделската и човечката експлоатација на земјиштата е зголемена.