Илустрација / Фото: Пиксабеј

Во последните три години интензивирано е купувањето онлајн, но зголемен е и бројот на поплаките, посебно во делот на нелегалната интернет продажба.

-Најголемиот број поплаки се однесуваат токму на нелегалната продажба, од нерегистрирани субјекти на социјалните мрежи. Потрошувачите се измамени, им се доставуваат производи со различен квалитет и боја од она што го нарачале, некогаш им се доставуваат и детски играчки, а нарачале технички апарат. Исто така, не им се доставува гаранција. Тука посебно треба да се внимава – велат од Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

Евидентирани се поплаки и поради проблеми со платежните картички.

-Има случаи кога потрошувачите купувале нешто на некоја платформа, ставиле картичка и кај нас се јавуваат по неколку месеци да пријават дека од картичката им биле симнати по 2.000 – 3.000 евра. Тоа е зашто потрошувачите не внимаваат каде ја оставаат картичката, ставаат податоци и по неколку месеци може да им бидат повлечени пари од сметката. Затоа апелираме постојано и едуцираме – да не се даваат личните податоци, ниту картичките кога се купува онлајн – предупредува ОПМ.

Треба да се внимава и на онлајн продавачите, посебно ако се утврди дека немаат оставено контакт или адреса.

-Треба да се истражи дали таа „продавница“ навистина постои физички. Ако не, тоа дава некаков сигнал дека е можеби нелегална. Кај нас се уште нема механизам за нелегалните онлајн продажби и потрошувачите нема како да се заштитат. Одат во Државниот инспекторат, но без фискална сметка, фактура, доказ за плаќање и не можат да си ги остварат правата. Нашата препорака е – да се внимава од кого се купува и без фискална сметка или друг доказ, да не се подига производот што ни е доставен – подвлекуваат од ОПМ.