Очигледни се двојните стандарди на бугарската држава. Имено, Софија при квалификациите и третманот на учесниците во двата познати инциденти, предизвикани со „значително количество алкохол“ кај актерите на случувањата, применува двојни критериуми. Имено, инцидентот во Благоевград се минимизира со оправдание за „алкохолно расположение“, а инцидентот, пак, во Охрид беше исконструиран да биде кренат на пиедестал на меѓудржавен инцидент, за кој Софија веднаш ја информира ЕУ, без да се почекаат резултатите од истрагата… Правните експерти ги препознаваат двојните правни критериуми на бугарските институции за споменатите случаи, што е недозволиво, ако се смета за правна држава. Прашање е дали ЕУ и понатаму ќе биде толерантна за испадите на Софија: таа дели лекции за функционирање на принципите на владеење на правото, а во практика демонстрира принципи на селективност, протекционизам и арбитрарност
По лавината негаторски навреди од страна на Бугарија
Динамиката на инсценирани провокативни случувања од бугарската страна е особено интензивирана почнувајќи од 14 јануари. Со интенциозно навредливиот и шовинистички настан (наводно за чествување на Мара Бунева) во Скопје, организиран од двајца бугарски политичари, едниот европратеник, а другиот пратеник во бугарското собрание, тргна лавината негаторски навреди. Од тој настан, спрема Македонија и Македонците беа упатени голем број силни провокации, така што бугарската страна од настанот исфингира конструирање меѓународна перцепција за „малтретирани самосвесни Бугари во Македонија“.
Климаксот на бугарските провокации требаше да биде на 4 февруари
Своевидна кулминација на таквиот план требаше да биде чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, на 4 февруари, со агресивната најава за организирана посета на неговото вечно почивалиште во Скопје од групи бугарски граѓани. Чествувањето во Македонија беше оценето и спроведено како настан со висок безбедносен ризик, кое сепак мина без инциденти во официјалниот дел, во скопската црква „Свети Спас“. Сепак, одредени тензии се случуваа на македонскиот граничен премин со Бугарија, Деве Баир, поради долгото чекање на нервозните бугарски граѓани за влез во Македонија. Таа состојба подоцна беше наведена како причина за инцидентот, за уште едно демолирање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија.
За тој инцидент се приведени четири лица – двајца мажи и две жени, сите на возраст од околу 40 години. Како што потврдиле од бугарското МВР, сите го признале делото и останува да се види како делото ќе биде квалификувано и процесирано. Повикувајќи се на извори од истрагата, „станува збор за две веќе идентификувани семејства од Благоевград, кои во саботата, на 4 февруари, биле на празнување на Денот на виното во селото Добрава. Тие биле празнично расположени. Но исто така биле и револтирани поради тоа што истиот ден, од утрината, бугарски државјани со часови чекале да влезат во Македонија. Затоа тие го искршиле стаклото на македонскиот културен клуб во Благоевград“.
Двојни критериуми на Бугарија при квалификување на делата на сторителите
Индикативни се двојните стандарди во однесувањето на бугарските државни структури во третманот и давањето значење на два инцидента предизвикани со значително количество алкохол кај актерите на случувањата. За разлика од минимизирањето на намерите на сторителите на инцидентот во Благоевград, со „оправдание за алкохолно расположение“, инцидентот со физичка пресметка (исто така со присуство на алкохолни промили) на македонски граѓани (некои од виновниците и со бугарско државјанство, но не и жртвата), на македонска територија, во Охрид, од бугарска страна беше искористен за конструирање меѓудржавен инцидент, за кој требаше да се информира ЕУ, без да се почекаат резултатите од истрагата на македонската полиција. Најновите информации за охриѓанецот Пендиков, кој е означен како жртва во насилниот инцидент во Охрид, наводно поради неговата бугарска самосвест, по „евакуацијата“ за лекување во Бугарија, е дека ќе добие стан за престој во Софија, бугарско државјанство по итна постапка и лично обезбедување.
– Со минимизирање на инцидентот со македонскиот културен клуб во Благоевград, а со предимензионирање на случајот во Охрид и третманот што сега охриѓанецот Пендиков го добива во Бугарија, бугарската држава всушност испраќа порака до сите што имаат проблем со законот во Македонија дека се посакувани кандидати за добивање бугарско државјанство.
И не е првпат Бугарија да им нуди и дава прибежиште на македонски државјани што имаат проблеми со законот во Македонија: тргнувајќи од случаи на судски семејни процеси (случајот на Спаска Митрова, за старателство на дете по развод на брак), до давање државјанства на високи функционери во владите на Македонија, кои имале судски процеси за незаконско работење и финансиски проневери (поранешниот министер за здравство Владо Димов и поранешниот стечаен управник Владимир Тамбурковски…). Бидејќи не може да пронајде случаи на дискриминација врз етничка основа во Македонија, ниту пак да пронајде доволно „самосвесни Бугари“, Бугарија во ваквите случаи на престапници на законот настојува да наметне перцепција (пред ЕУ) за „репресирано бугарско малцинство во Македонија“ – вели Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден – Пирин.
Нескриена е намерата на бугарската страна како членка на ЕУ да издејствува за себе неоснована бенефиција
Во речиси тригодишната состојба на тензични билатерални односи што Бугарија ѝ ги наметнува на Македонија, нескриена е намерата на бугарската страна со политички притисок како членка на ЕУ да издејствува од македонската држава нереципрочни отстапки, кои се целосно спротивни на критериумите за проширување на Европската Унија и нејзините основни декларирани вредности.
– Основната цел на сите провокации и инциденти, во кои ангажирано учествуваат истакнати бугарски политичари, е да ѝ наштетат на Македонија во нашите евроинтеграции. Секој во ЕУ што е запознаен со спорот што Бугарија ѝ го наметнува на Македонија лесно може да ја препознае заднината на сите конструирани инциденти. Се чини како сите бугарски политичари да се натпреваруваат кој може повеќе да наштети, да ја прикаже Македонија како „неевропска земја“, која не заслужува да биде во ЕУ, дури и како проруска… и сѐ што можат да смислат за да не дозволат да напредуваме кон ЕУ. За жал, се чини дека таквата бугарска антиевропска позиција за Македонија не добива соодветно ефикасен одговор од македонската официјална политика.
Најчесто, на рафалните стрелби на бугарските политичари со негирање на македонскиот државен интегритет, суверенитет, национален идентитет, историја и јазик, од Македонија добиваат премолчени или млаки реакции. Таквите несразмерни реакции од македонска страна на бугарските провокации создаваат амбиент за лицемерни двојни стандарди во однесувањето на бугарската држава во инцидентни ситуации од ист вид. Во Бугарија можат да си дозволат демолирањето на македонскиот културен клуб во Благоевград да го сведат на „инцидент под дејство на алкохол“, а од тепачка во Охрид да издимензионираат меѓудржавен спор. Третманот што охриѓанецот Пендиков го добива од официјална Софија, веројатно ја разбудил идејата кај поголем број лица од Македонија што имаат проблеми со законот за опцијата на бугарско државјанство. Бугарија како држава се става во сериозно искушение да биде прибежиште на криминалот од Македонија – вели Александар Пандов од Институтот на ВМРО-ДПМНЕ.