Бомби испратени по пошта, масакр во синагога и расистичка реторика. Таква е сликата за Америка во пресрет на изборите за Конгресот на 6 ноември.
Многумина ги сметаат за референдум за Трамп, кого критичарите го обвинуваат дека со потпалувачките изјави уште повеќе ги подгрева тензиите во земјата
Морин Осиецки се сеќава на шокот кога Доналд Трамп победи во нејзината сојузна држава Мичиген и на неговото влегување во Белата куќа. За таа ноќ пред две години таа вели дека „срцето ѝ застанало и дека нејзиниот татко се превртувал во гробот“.
На 6 ноември, Осиецки првпат ќе има шанса формално да решава за мандатот на Трамп. Изборите за Конгресот ќе одлучат кој ќе ја има контролата врз законодавниот дом и можат да му удрат шлаканица на претседателот. Малкумина паметат толку остри поделби во Америка за конгресните избори, кои во изминатите денови беа одбележани со бомби испратени по пошта до истакнати демократи и со масакрот во синагогата во Питсбург. Исто така, малкумина паметат претседателот толку активно да ги поттикнува разликите како изборна стратегија.
– Тој е свиња. Нема никакви чувства, никаква емпатија. Татко ми беше републиканец, но се согласувавме и не се навредувавме меѓусебно – вели Осиецки (76), бивша службеничка во одделот за просторно планирање на градот, додека разговара со пријателките во ресторан „Вендис“ во Понтијак.
Отспротива, во „Тако бел“, Линда Ендрус (66) има спротивен став. Таа е задоволна што претседателот го кажувал својот став.
– Можеби неговите твитови не се политички коректни, но политички коректните луѓе не направија ништо, според мене. Тој ги исполни ветувањата зашто е човек од збор. Ласкањето во минатото се покажа како неуспешно – вели таа.
Ендрус, која е воена ветеранка и пензионирана медицинска сестра што ќе гласа за републиканците, Трамп го доживува како хирург. Иако можеби на народот не му се допаѓал неговиот пристап, тој сепак ги решавал проблемите.
Конгресните избори, на кои според првичните гласања можеби ќе има најголем одзив во изминатите неколку децении, секогаш помалку или повеќе претставуваат гласање доверба за актуелниот претседател.
Но Трамп самиот се стави во центарот на вниманието. Пред поддржувачите во Мисисипи, порача дека иако формално не фигурира на гласачкото ливче, сепак го има зашто на некој начин гласањето е еден вид референдум за него. Тој сака народот да гласа и да замисли дека тој е една од опциите.
Додека неговите претходници се бореа да ги надминуваат разликите и да постигнат единство, тој ја усвои политиката на поларизација по родова, расна и културна основа со надеж дека ќе ја зголеми поддршката, не сакајќи да признае дека засекогаш загуби голем дел од гласовите на народот. Конгресните избори ќе ја дадат првата официјална слика дали љубовта кон Трамп ќе ја надмине омразата кон него.
– Најдобриот начин да се размислува за тоа каде сме денес е да сфатиме дека имаме избори во две различни Америки – вели Ејми Волтер, уредничка во билтенот „Кук политикал репорт“.
Таа истакна дека многу од местата во Сенатот за кои се во гласа во сојузните држави го поддржуваат Трамп, и тоа во Индијана, Мисури, Северна Дакота, Западна Вирџинија, Тенеси и Тексас, што веројатно значи дека републиканците ќе го задржат, па можеби дури и ќе го зголемат бројот на местата во Горниот дом на Конгресот. Но во приградска Америка, во Чикаго, Денвер, Далас и Северна Вирџинија, и особено меѓу белите жени со високо образование, претседателот нема поддршка, што значи дека демократите ќе го преземат мнозинството во Претставничкиот дом, односно во Долниот дом на Конгресот.
– Се чини дека на крајот ќе имаме изборна ноќ во која секој ќе го добие тоа што го посакува. Исто како во фудбал, сите ќе добијат пехар, секој е победник, но државата ќе остане поларизирана и поделена како на денот по претседателските избори од 2016 година. Голем дел Американци ќе кажат дека им се допаѓа насоката во која се движи државата, дека го сакаат претседателот, дека ќе го поддржат и тие ќе ја однесат победата, а другиот дел од Америка ќе каже дека не го сака претседателот, не ги сакаат неговите ставови и оваа победа ќе се случи во Претставничкиот дом. Така, Претставничкиот дом ќе се обои во сино, а Сенатот ќе добие уште поцрвена боја или барем ќе ја задржи, и на крајот повторно имаме иста ситуација – изјави Волтер.
Борбата меѓу синиот и црвениот табор не почна со Трамп. Во неговата најнова книга „Црвените и сините“, писателот Стив Корнацки неа ја истакнува со жестоките конфронтации меѓу демократскиот претседател Бил Клинтон и републиканскиот претседател на Претставничкиот дом, Њут Гингрич, во 1990-тите. Гингрич и Пет Бјукенан одиграа клучна улога за да го стават законот за абортус во центарот на вниманието во „културните војни“, кои исто така ги користеа како оружје прашањата за цензура, употреба на наркотици, поседот на оружје, хомосексуалноста и доселувањето.
Барак Обама, во обраќањето пред Универзитетот во Илиноис минатиот месец, порача дека „ова не започна со Доналд Трамп и дека тој е само симптомот, а не причината. Тој само ја искористува омразата што другите политичари со години ја разгоруваа“.
Но како што се ближат конгресните избори, тој ја искористува на начин што само тој може, со зачестување на нападите, со страв од доселениците и ширење лаги додека ги поттикнува несогласувањата и конфронтациите меѓу Американците. На еден митинг во Монтана, тој порача дека „ова ќе бидат избори за Кавано, кампањата, законот и редот и за здравиот разум“.
Трамп претпочита да зборува за овие прашања наместо за здравството или за социјалната помош. Неодамнешната расправа за неговиот кандидат за врховен судија, Брет Кавано, кој беше обвинет за сексуален напад што наводно го сторил како тинејџер, беше жолчна дури и за сегашните стандарди. Трамп и сенаторите како Линдзи Греам притискаа за негов избор и покрај жалбите на демонстрантките, кои кампуваа пред Конгресот и потоа беа уапсени. Републиканците сакаа да ги обележат како гневна левичарска толпа со надеж дека ќе ги охрабрат претежно белите машки поддржувачи на партијата.
Френк Ланц, републикански консултант и анкетар, изјави дека „Кавано не одигра добро за демократите. Три дена постојано само се зборувало за гневот, врескањето и пискањето во комората и во галеријата. Тој смета дека Американците им го забележале стравот. Со ова се стави на знаење дека демократско мнозинство само ќе донесе поголем хаос“.
Ланц додаде дека првичните гласови за републиканската страна се повеќе од очекуваните. Црвените држави само ќе ја зголемат поддршката, а сините држави нивната. Постои син, но и црвен бран.
Карванот од 4.000 до 5.000 луѓе главно од Хондурас се движи низ јужно Мексико и се наоѓа на нешто повеќе од 1.600 километри од граничниот премин Мекален во Тексас. Таквите карвани се редовна слика и претежно поминуваат незабележани. Но сега е сезона на избори, а претседателот е самопрогласен „националист“.
За искористувањето на стравовите од карваните со бегалци и за незаконското доселување, Трамп објави на Твитер дека „криминалците“ и „непознатите доселеници од Блискиот Исток“ се дел од нив, за подоцна да признае дека сепак нема докази за ваквите тврдења. Мрежата „Фокс њуз“ што го поддржува Трамп го следеше патот на мигрантите со морбиден восхит. На Гингрич ова му беше лична опсесија.
Чарли Сајкс, конзервативен критичар и автор на книгата „Како десницата го загуби паметот“, порача дека „ако Трамп е извршниот продуцент на реалното ТВ-шоу за конгресните избори, тогаш карванот со бегалци е најдобрата епизода: темнокожи луѓе доаѓаат да ја освојат државата и само тој може да ја заштити од натрапниците. Кавано му донесе огромна победа кај неговите поддржувачи и им овозможи на конзервативците да се чувствуваат како победници. Карванот со бегалци му дава шанса повторно да ги користи најголемите нативистички реторики“.
Сајкс го загрижуваат силите што се јавија како резултат на ова, но и за неволноста на претседателот да ги контролира. Тој вели дека „се чувствува дека нацијата оди по тенка линија и дека Трамп нема проблем да ги подгрева поделбите“. Сајкс се сеќава на годината кога бил убиен Мартин Лутер Кинг. Политичкото насилство секогаш постои како опција и секогаш е подлабоко. Реториката на Трамп навистина може да открие одредени темни импулси. Претседателот има единствена позиција да го обедини народот, а тој го прави токму спротивното, смета Сајкс.
Изминатите денови, ова беше уште поистакнато како што никој не очекуваше. Тринаесет пакети со експлозивни уреди беа испратени до истакнати демократи и други цели на сарказмот на Трамп, вклучувајќи ги Обама, поранешниот потпретседател Џо Бајден, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и медиумската мрежа Си-ен-ен. Бомбашот Цезар Сајок (54) од Авентура, Флорида, е бодибилдерот-аматер, но и поранешен стриптизер и „приврзаник“, чие комбе беше излепено со транспаренти со Трамп и чии профили на социјалните медиуми пропагираа ултрадесничарски теории на заговор.
Грубиот обид да се тргне целото лидерство на една главна политичка партија беше момент на вистината за претседателот. Наместо да им ја гарантира безбедноста на оние што се најдоа на тапет, тој го искористи тоа да им се заканува на американските медиуми за политички придобивки. Тој на Твитер објави дека „многу голем дел од гневот што се забележува денес во општеството се должи на намерното лажно и неточно известување на водечките медиуми што тој ги нарекува лажни вести. Состојбата толку се влоши и има толку омраза што не се опишува. Водечките медиуми мора да го средат хаосот зад себе и тоа веднаш!“
На митинг во Северна Каролина, Трамп ги обвини новинарите дека го искористиле инцидентот со бомбите за да „добијат политички поени“. Насобраната толпа негодуваше и почна да скандира „Си-ен-ен е катастрофа“, слоганот што беше закачен на комбето на Сајок.
– Трамп чита површна изјава што ја составил неговиот тим и потоа ги напаѓа медиумите. Тој повторно се врати на реториката од претседателската кампања, но овој пат е многу неизвесно. Ова функционира кај неговите поддржувачи, но тие не се доволни. Тој не е претседател како сите други. Поради него дури и Ричард Никсон има подобар углед во историјата – изјави Боб Шрам, долгогодишен стратег на демократите.
Роберт Бауерс, вооружен со пушка и три пиштоли, упадна во синагога во Питсбург и, упатувајќи антисемитистички навреди, уби најмалку 11 лица, а рани шест други. Ова беше еден од најкрвавите напади против еврејската заедница во американската историја. Трамп продолжи најнормално со кампањата и побара почесто да се практикува смртната казна.
Бајден истакна дека „омразата ја зафаќа Америка“. Кога омразата наидува на плодна почва, има простор да се шири, дрско се манифестира во историските американски градови, кога нејзиниот искривен светоглед постојано добива сила по форумите на Интернет, кога американското политичко лидерство вели дека има добри луѓе меѓу оние што жестоко се обраќаат, тогаш таа неконтролирано се расте.
Жестоките обраќања се присутни во многу од кампањите за конгресните избори. Ендру Гилам, африканско-американскиот кандидат за гувернер на Флорида, беше жртва на непознати телефонски повици во кои му се обраќаа со понижувачки тон со афроамерикански жаргон: „Здраво, јас сум црнецот Ендру Гилам и сакам вие да ме изберете за гувернер на вашата сојузна држава Флорида“. Неговиот републикански противник Рон де Сантис, претходно им порача на гласачите „да не си играат со вакви нешта“. Во една дебата Гилам порача дека „не го нарекол Де Сантис расист, туку само сакал да каже дека расистите веруваат дека тој е еден од нив“.
Во Џорџија, каде што демократката Стејси Абрамс сака да стане првата црномуреста гувернерка во американската историја, нејзиниот противник, државниот секретар Брајан Кемп, беше обвинет за вршење притисоци за да се намали одзивот на афроамериканското население. Во една видеоснимка од кампањата, републиканскиот кандидат за гувернер на Пенсилванија, Скот Вагнер, го предупреди својот противник дека „треба да си стави шлем на главата затоа што ќе го прегази и ќе победи заради Пенсилванија“.
Сето ова покажува дека Америка е лесно запалива, а нејзиниот претседател е како дете што си игра со кибрит. Барем по незадоволството од неговата инаугурација, гласачите сега ќе имаат можност да ја тестираат неговата моќ. Доколку демократите освојат места во Претставничкиот дом и во Сенатот, тогаш тие ќе имаат моќ да бараат импичмент на Трамп и потоа да го отстранат од функцијата. Но поголеми се шансите да има поделена влада, со тоа што претседателот ќе ги добие заслугите за победата на неговата партија и ќе ги обвини другите за поразот со што ќе се најави уште пожестока борба за Белата куќа во 2020 година.
Лери Џејкобс, директорот на Центарот за политика и управување на Универзитетот во Минесота, вели дека „ќе има мешана слика и нема да бидат задоволи оние што очекуваа дека Доналд Трамп ќе биде казнет“. Републиканците ќе бидат казнети во Претставничкиот дом, но во Сенатот може да добијат повеќе места. Годинашните избори нема да бидат поволен референдум за Трамп, смета Џејкобс.