„Тој, Рафаел, како и неговиот брат… кој се наоѓа во Битола, беа потполно во услуга на револуционерното дело во Битола уште од 1894 година, кога беа поставени основите на ВМОРО. Тие беа доверливи лица на Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев и Атанас Лозанчев, тогашни раководители…“ – Тома Николов

Од историските архиви

Во бугарската историографија може да се сретне наративот дека битолскиот Евреин Рафаел Камхи е меѓу ретките што го преживеале холокаустот, благодарение на бугарските власти, кои го спасиле. Доколку внимателно се читаат и анализираат историските документи и сведоштва, непобитен е фактот дека тогашната бугарска фашистичка влада предводена од Богдан Филов го ослободува Камхи. Но неговиот брат што живеел во Битола, тогаш под окупација на царска Бугарија, како и сите негови роднини од Солун биле депортирани и убиени во Треблинка. Од неговите роднини, единствено преживеала ќерката на неговиот брат, Роза Камхи, која по војната се омажила за Бено Русо, првоборец и учесник во македонската Народноослободителна борба во текот на Втората светска војна. Ова е исклучителен пример кога еден македонски Евреи е спасен од холокаустот, но благодарение на влијателната македонската емиграција во Бугарија и нејзините организации, како што се Македонскиот научен институт и Илинденската организација, а не на бугарските власти. Рафаел Камхи е еден од првите членови на Македонската револуционерна организација (МРО) и учествува во борбата за ослободување на Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во текот на својата револуционерна активност, Камхи соработувал со голем број македонски револуционери, вклучувајќи со Дамјан (Даме) Груев, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов и др. Следствено, во екот на погромот на македонските Евреи, неговите поранешни соборци од македонското револуционерно движење вложиле напори во бугарското општество за да издејствуваат негово ослободување. Впрочем, ова е во духот на македонската револуционерна идеологија, која била ослободена од шовинизам и национализам, како и од антисемитизам.

Лажни толкувања за спасувањето на Евреите од страна на Бугарија

Во бугарската историографија постои одреден молк за местото и улогата на царска Бугарија во холокаустот. Меѓутоа постојат обиди да се прикаже Бугарија како спасителка на Евреите врз основа на лажни толкувања, вклучувајќи и на македонскиот Евреин Рафаел Камхи. Дека историската вистина е поинаква потврдува и д-р Здравка Крстева од Софискиот универзитет, која истакнува дека меѓународната научна заедница честопати со недоверба пристапува кон бугарскиот феномен за спасување на Евреите од страна на Бугарија. Според Крстева, сите авторитетни истражувачки центри за холокаустот на идентичен начин ги прикажуваат постапките на бугарските власти кон Евреите за време на Втората светска војна, наведувајќи ги: антисемитското законодавство, депортацијата на Евреите од Македонија и од Пирот спроведена од бугарските окупациски власти и нивното предавање на нацистичка Германија.
Меѓународните авторитети исто така нагласуваат дека спасувањето на бугарските Евреи е благодарение на притисокот на еден дел од бугарското општество и црквата, но и поради фактот што нацистичка Германија ја губи војната и не се исполнуваат плановите за депортирање на Евреите на предвоените граници на Бугарија.
Д-р Здравка Крстева исто така нагласува дека постојат голем број писма и молби од луѓе што раскажуваат за лично преживеаните репресивни дејства извршени од претставниците на бугарската војска, полиција и администрација во Беломорска Тракија и Вардарска Македонија. Други, без лично да настрадаат, ја аргументираат својата позиција со долгот што го носат кон споменот на мртвите. Дискурсот е најчесто многу емотивен, вели Крстева.

Бугарската историографија го злоупотребува Рафаел Камхи

Во почетокот на Втората светска војна, Рафаел Камхи живеел во Солун. Во 1943 година, Камхи бил испрашуван и мачен од нацистите и грчките соработници, а подоцна со семејството требало да биде испратен во концентрационен логор во Централна Европа. Меѓутоа поради интервенцијата на бугарската влада на Богдан Филов бил ослободен, но не и неговите роднини, кои биле депортирани и убиени во Треблинка. Трагичната судбина на Рафаел Камхи се злоупотребува од страна на бугарската историографија, затоа што Камхи бил спасен од македонската емиграција во Бугарија, како и од поранешните дејци на македонското револуционерно движење, кои извршиле притисок во бугарското општество.
Конкретно, благодарение на ангажирањето на Македонскиот национален институт, Илинденската организација и на Националниот комитет на македонските братства од Софија пред бугарската влада бил издејствуван посебен третман за Рафаел Камхи. Тома Николов, македонски свештеник, револуционер, член на Македонската револуционерна организација (МРО) во својата молба до претседателот на Националниот комитет на македонските братства од Софија истакнал: „Тој, Рафаел, како и неговиот брат… кој се наоѓа во Битола, беа потполно во услуга на револуционерното дело во Битола уште од 1894 година, кога беа поставени основите на ВМОРО. Тие беа доверливи лица на Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев и Атанас Лозанчев, тогашни раководители… Не само до востанието туку и по него, нивната куќа служеше како скривалиште на комитетската кореспонденција, оружје и нелегални луѓе. Таму се криеше и легендарниот војвода Наум… Според мене наполно заслужуваат двајцата браќа да бидат покровителство на бугарската власт и слободно да живеат во Бугарија.“
Молби и барања испратиле и Атанас Лозанчев (раководител на Битолскиот револуционерен округ и член на Главниот штаб на Илинденското востание), како и Лука Ѓеров (македонски револуционер и учесник во македонското револуционерно движење). Последниот во својата молба укажал: „Евреинот Рафаел Сомун Камхи, како и неговиот помал брат… ми се добро познати од Битола, тие беа примерни дејци на нашата организација во Битола и како револуционерни дејци на времето беа интернирани од турските власти…“
Благодарение на заложбите на неговите поранешни соборци, Рафаел Камхи го преживеал холокаустот, но неговиот брат, кој живеел во Битола, тогаш под окупација на царска Бугарија, како и сите негови роднини од Солун биле депортирани и убиени во Треблинка. Од неговите роднини, единствено преживеала ќерката на неговиот брат, Роза Камхи, која по војната се омажила за Бено Русо, првоборец и учесник во македонската Народноослободителна борба во текот на Втората светска војна. Д.Ст.


Рафаел Камхи – војводата Скендербег

Во 1894 година се запознал со Даме Груев и влегол во ТМОРО. Учествувал на Првиот конгрес на ТМОРО во 1896 година, во Солун, како битолски делегат на местото на Даме Груев. Учествува во аферата „Мис Стон“. Камхи како член на МРО бил организатор на финансиските акции за помош на Организацијата, нејзин специјален курир и врска меѓу солунскиот Централен комитет, битолскиот Окружен комитет и Задграничното претставништво на Организацијата во Софија. Во 1903 г. е депортиран заедно со брат му Ментеш во Дебар. Се поврзал со тамошната организација и под името Скендербег учествувал во Илинденското востание во Дебарско, а потоа и во Малесија. Длабоко разочаран од делбите на Македонија и од решенијата на Версајската конференција во 1919 година, Рафаел Камхи се преселил од Софија во Солун. По Втората светска војната извесен период живеел во Софија, а по 1950 г. се преселил во Тел Авив, каде што починал во длабока старост во 1970 година.