ЦЕФТА-договорот е во сериозна криза, а идејата за економско поврзување на регионот е на стаклени нозе поради честите еднострани, провокативни одлуки на поединци од владите во регионот и поради воведувањето вонцарински бариери во трговијата со Србија, оцени српскиот вицепремиер Расим Љајиќ, според кого, регионот е во фаза каде што или ќе регресира, или ќе направи чекор напред во насока на понатамошна економска интеграција
Македонија ќе го врати стариот правилник за контролните маркички за брашно, но тоа ќе биде привремено решение и допрва ќе се прецизира од кога ќе почне да се применува. Стариот правилник важеше сѐ до февруари оваа година, а потоа нашата страна воведе измени, кои наидоа на остра реакција од Србија и најава за воведување контрамерки.
Вицепремиерите на Србија и на Македонија, Расим Љајиќ и Кочо Анѓушев, се договориле дека владите ќе направат напори до 30 јуни оваа година да бидат потпишани и ратификувани меморандуми за соработка во областите безбедност на храна и ветеринарство и фитосанитарна соработка, со кои меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите.
Како што се појаснува, на тој начин практично ќе престане потребата за двојно земање примероци и анализи на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат македонските и српските стопанственици.
Анѓушев и Љајиќ се согласиле дека дотогаш двете влади ќе ги преземат сите неопходни мерки за олеснување на трговијата и за отстранување на вонцаринските бариери при трговијата помеѓу двете земји.
Српските гранични служби се обврзале дека ќе ги отстранат бариерите во извозот на ориз, сувомесни и млечни производи од Македонија во Србија, што беше и главното барање на македонските компании што извезуваат во Србија.
Евиденцијата на маркичките за брашното пред пуштање во промет што се издаваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) продолжува со целосна контрола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, како на увозното, така и на домашното брашно, соопшти МЗШВ.
Паралелно, Агенцијата за храна и ветеринарство преку инспекторските служби на граничните премини, континуирано го следи увозот на производи и врши редовна контрола, со намера на македонскиот пазар да доаѓаат безбедни увозни производи.
– Во претстојниот период продолжуваат преговорите со Србија во насока на наоѓање решение од заеднички интерес во делот на контролните маркички – наведуваат од МЗШВ.
По средба во Белград, од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев беше истакнато дека при увозот на брашно треба да се овозможат услови за непречен инспекциски увид од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин. Со тоа ќе се контролира дали маркичките се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна декларација.
Со двата договора од областите безбедност на храна и фитосанитарна соработка, што треба да ги потпишат Македонија и Србија до 30 јуни годинава, треба да се овозможи на српскиот пазар да се продаваат македонски јогурт и кисело млеко. Тие, како производи со краток рок за користење, воопшто не можеа да се појават на пазарот во Србија поради долгиот период на чекање на граница.
– Анализата во акредитирана лабораторија во Србија чини во просек 500 евра, а кај нас лабораториската анализа, која со договорот ќе биде признаена од Србија, изнесува 200 евра. Дополнително, времето за чекање, кое сега изнесува од 10 до 12 дена за добивање лабораториска анализа, со договорот ќе се сведе само на време за транспорт, односно на еден ден – укажуваат од ресорното министерство, додавајќи дека тоа важи и за другите производи што се извезуваат во Србија, а за кои досега се правеле лабораториски анализи.
На состанокот меѓу Анѓушев и Љајиќ е договорено да биде формирана мешовита работна група, во која ќе членуваат претставници од кабинетите на вицепремиерите и од стопанските комори. Тоа тело ќе треба секојдневно да комуницира за решавање на сите идни отворени прашања во трговијата помеѓу Македонија и Србијa.
Како што истакна неодамна Љајиќ, поради воведувањето акцизи од страна на Косово на увоз на градежни блокови, на акцизи за извоз на брашно од Србија и поради различни модели на креативност за вонцарински бариери со Македонија, не може да зборуваме за целосно заеднички економски простор.
– ЦЕФТА-договорот е во сериозна криза, а идејата за економско поврзување на регионот е на стаклени нозе поради честите еднострани, провокативни одлуки на поединци од владите во регионот и поради воведувањето вонцарински бариери во трговијата со Србија – истакна Љајиќ.
Тој тогаш најави дека доколку Македонија до денес не најде решение за увозот на српско брашно, Србија веднаш ќе преземе сет контрамерки.
– Србија разбира дека македонската влада е под страшен притисок на едно мелничко лоби, но српската влада веќе не може да трпи едно такво нелогично и неекономско однесување – спомена Љајиќ.
Тој додаде дека предложиле целосно да се укинат маркичките и од српска и од македонска страна, бидејќи нема потреба од двојни контроли ако меѓусебно се признаени сертификатите, затоа што на тој начин се зголемува вредноста на производот и на крајот тоа го плаќаат потрошувачите.
– ЦЕФТА-договорот се сведе на класичен договор на слободна трговија меѓу земјите во регионот, но ЦЕФТА даде многу важни резултати за трговијата меѓу земјите на овој простор. Меѓутоа дојде во фаза каде што или ќе регресира, или ќе направиме чекор напред во насока на понатамошна економска интеграција – смета Љајиќ.
Тој вели дека ЕУ не се занимава со овој проблем, освен што се одржуваат основните состаноци на кои ништо не се постигнува, а повторно разликите меѓу земјите-членки на ЦЕФТА се многу големи и не може да се постигне согласност.