Фото: З.А

Враќањето на печалбарите по повод Божиќните и новогодишните празници, изминатите две седмици го почуствуваа кичевските трговци, угостители, аптеки, занаетчии. Нивната работа се подобри, им живна прометот, а тоа делумно ќе ја санира традиционално слабата пролет.

Тоа го потврдуваат и самите дуќанџии и занаетчии кои благодарение на овој нешто подобар промет, ќе продолжат да живуркаат и во наредните неколку месеци.

– Повеќе од јасно е дека без парите на печалбарите не можеме да сметаме на добар промет. За наша утеха дел од печабарите се вратија во земјава околу Нова година и тоа даде значаен придонес прометот да се зголеми, што накратко ни даде кислород за подобро да дишеме во претстојните неколку месеци – вели Драган Сиљаноски, трговец.

Сепак и овој промет за одредени категории трговци е премал, бидејќи располагаат со големи залихи на стока, која очекуваат да се ефектуира во многу пократок рок, што во последната година не е случај, потврдија двајца кичевски златари.

Tрговците и занаечиите се свесни за потешкотиите со кои се соочуваат и нагласуваат дека состојбата не е ни малку розова и наведуваат примери на затварање на повеќе трговски објекти во градот.

– За каков промет зборуваме, па зарем не гледате дека секоја втора недела се затвора по еден дуќан во чаршијата. Кој би го затворил дуќанот ако има добар промет. Овие луѓе што ги гледате како шеткаат низ чаршијата се претежно пензионери кои го трошат времето за да им помине денот. Излезете утре и повторно ќе ги забележите истите луѓе а таквата состојба не се менува со месеци, па и со години. Тоа е знак дека допрва ќе гледате нови катанци на дуќани – вели Енсул Туфекчи и додава дека нема кој да купува бидејќи секојдневно од градот се иселуваат се повеќе и повеќе млади лица.

Во последните две децении бројот на жители во општина Кичево е намален за над 30 проценти, параметар според кој Кичево е меѓу водечките во државата.

З.А