И во Македонија дрвокрадците и ловокрадците пустошат низ земјата / Фото: Игор Бансколиев

Во глобалната едномесечна акција „Гром“ против илегалната трговија со диви животни и растенија, која ја реализираа Интерпол и Светската царинска организација, учествуваа повеќе од 125 земји, кои преку полицијата, царината, единиците за финансиско разузнавање, агенциите за заштита на дивиот свет и шумарството извршија повеќе инспекции и контроли, при што беше спречена илегална трговија со диви животни и дрва. И во нашата држава, растителниот и животинскиот свет подлежат на различни регулаторни позитивноправни прописи со кои тие се заштитени, односно е регулирана нивната експлоатација. Но секојдневните билтени на Министерството за внатрешни работи регистрираат дека секојдневно се апсат дрвокрадци, но и ловокрадци…

Што донесе глобалната оперативна акција „Гром“ насочена против илегалната трговија со диви животни и растенија

Дрвокрадството и илегалната трговија со диви животни и растенија, кои се дел од законска регулатива, заштита и контрола, влегуваат во сферата на најгорливите проблеми за властите во многу држави низ светот. И Македонија, во тој контекст, има сериозен проблем со дрвокрадството. Илегалната трговија со огревно дрво е најраспространета, а трговијата со егзотични растенија е присутна во помал обем. Но противправната трговија со огревно дрво заради затоплување на домовите, која е повеќе од масовна, му нанесува непоправливи штети на целокупниот биосистем на земјата. Статистиката доволно говори за сериозноста на овој вид криминалитет што се извршува, со сета своја бруталност и немилосрдност, а последиците се и моментални и долгодецениски.

АКЦИЈАТА „ГРОМ“

Во глобалната едномесечна акција „Гром“ против илегалната трговија со диви животни и растенија, која ја реализираа Интерпол и Светската царинска организација, учествуваа повеќе од 125 земји, кои преку полицијата, царината, единиците за финансиско разузнавање, агенциите за заштита на дивиот свет и шумарството извршија повеќе инспекции и контроли, при што беше спречена илегална трговија со диви животни и дрва.
Преку инспекции и насочени контроли, со користење класични, но и специфични методи, мерки и активности, на пример, помош од кучиња трагачи и скенери на граничните премини, беа испитани стотици пакети, куфери, возила, чамци и транспортери на товар.
Како што информираа од Интерпол, запленети се животни, растенија, делови од животни, облека, производи за убавина, прехранбени производи, традиционални народни лекови, како и ракотворби.
Досега се запленети над 2.200 животни, растенија и други работи, а се идентификувани 934 осомничени, при што се реализирани и голем број апсења, а почнати се и голем број истраги поврзани со илегална трговија, преработка, увоз и извоз на заштитени животински и шумски видови.
Дополнително, во акцијата се идентификувани 141 компанија, кои биле дел од илегалната трговија.

ШТО СЀ БИЛО ЗАПЛЕНЕТО

Досега, од криминалците што се обиделе да шверцуваат диви заштитени животински видови, одземени се, меѓу другото, 119 животни од родот големи мачки и други помали видови мачки, 34 примати, 136 дела од телото на примати, 25 рога од носорози, 750 птици и повеќе од 450 дела од птици.
Сите животински видови се ставени под заштита и сместени во специјални живеалишта, каде што ја добиваат потребната нега.
Дополнително, шверцерите се обиделе да шверцуваат и 780 килограми и 516 парчиња слонова коска и 27 дела од тело на слон, 1.795 влечуги и речиси половина тон делови од рептили, големо количество морски производи, вклучувајќи корали, јагули и морски краставици, 1.190 желки… Дополнително, запленети се повеќе од еден тон и 17.081 единици други диви животни, делови и деривати.
Во рамките на акцијата на Интерпол се запленети и разни растенија. Меѓу заплените се растителни видови што се заштитени и со кои не смее да се тргува. Меѓу нив се пронајдени и 47,28 кубни метри розово дрво и 17.163 парчиња од ова дрво. Речиси 47.000 кубни метри и 6.764 парчиња друга дрва, 710 кактуси, 1.706 кг орхидеи. Речиси 3,5 тона и 7.815 единици други растенија.

АЗИЈЦИТЕ НАЈГОЛЕМИ ПОБАРУВАЧИ

Само во Јужна Африка, властите на Намибија пресретнале големи количества дрва пред да бидат прошверцувани во регионот, при што полицијата на Ангола уапсила граѓанин од Азискиот Регион што се обидел да отпатува во Азија со рогови од носорог и украси од слонова коска, а властите во Малави заплениле заби од слон во домот на човек со азиско државјанство.
Во Азија, Тајланд, се пријавени неколку заплени на желки од Источна Африка и стотици живи влечуги од Европа, додека полицијата во Индонезија извршила две големи заплени на дрва наменети за Блискиот Исток и за Азија. Индија заплени околу 1.200 рептили (игуани, питони, гуштери и желки) прогласени за „украсни риби“ и спакувани во картонски кутии.

ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС И ВО ЕВРОПА И ВО САД

И Европејците сакаат ексклузивни животни и растенија, па така, во акцијата за заштита на дивиот свет, француската полиција успеа да заплени влечуги чии шверцери се обиделе да ги внесат во земјата од Централна Африка, кои биле скриени во багаж. Германските власти, пак, открија амајлии од кожа од тигар скриени во пакет од Азија, а во Велика Британија, пак, успешно се запленети парчиња слонова коска, а уапсено е и лице што онлајн продавало диви животни.
Акцијата се реализира и во Соединетите Американски Држави, каде што беа запленети стотици заштитени диви животни, уапсени беа трговци со дрва, а на неколку аеродроми во САД се запленети папагали, јајца од игуана, корали, производи од крокодилска кожа, кавијар и месо од ајкула.
– Операцијата „Гром“ е важна за глобалната безбедност бидејќи трговијата со дрва и диви животни не се само прашања за зачувување – полицајците ги губат своите животи секоја година борејќи се со овој криминал, средствата за живот се уништуваат, болестите се шират, владите ослабуваат и цели економии се уништуваат. Тоа е затоа што огромните финансиски придобивки што треба да се остварат привлекуваат сериозен организиран криминал и терористички милитанти што ги подмачкуваат тркалата на криминалот со големи дози корупција – рече генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.
Ваквите акции имаат цел да ги стават криминалците зад решетки, но и да ја издигнат јавната свест за тоа кои видови или производи луѓето можат или не можат да ги купат, продаваат или да ги земаат од дивината.

ВО МАКЕДОНИЈА ДОМИНАНТНО СЕ ПРИСУТНИ ДРВОКРАДСТВОТО ЗА ОГРЕВ И ЛОВОКРАДСТВОТО

Македонските граѓани многу не се заинтересирани за егзотични животински и растителни видови, но далеку од тоа дека растителниот и животинскиот свет кај нас се поштедени од противправна експлоатација. За тоа говорат секојдневните билтени на Министерството за внатрешни работи, каде што секојдневно се апсат дрвокрадци, но и ловокрадци.
Токму неодамна, во националниот парк Шар Планина, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Маздрача уапсија четири лица, од кои тројца биле лишени од слобода, А.Н. (59) од с. Градец, Гостиварско, Д.А. (55), Г.Б. (36) и Д.Р. (18), тројцата од Италија. Тие беа уапсени поради незаконит лов.
Дрвокрадството во земјава, пак, се реализира од економски причини, бидејќи економската криза што оваа година ја зафати земјава влијаеше и на цените на огревните дрва. Па така, речиси секојдневно полицијата запленува илегално исечено дрво од шумските предели во земјава, кои биле наменети за загревање на домовите. Дополнително, забележани се и складови што продаваат огревно дрво без жиг. Кон сето тоа огромен придонес имаат граѓаните, кои за да заштедат го поттикнуваат овој вид криминал, купувајќи дрва по пониска цена од онаа што е легално и пазарно утврдена.