Во кризни ситуации е највидливо колку сме мали и немоќни и колку, и како поединци и како заедница, ни се потребни меѓусебната почит и разбирање, порача претседателот Стево Пендаровски, на свечениот предновогодишен прием на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи насловен „Вера посилна од секоја криза“.
Во вакви тешки времиња, нагласи Пендаровски, на луѓето најмногу им треба утеха, солидарност, верба и надеж, а верските храмови се честопати местата каде црпиме смисла за тоа. Таму се мотивираме да продолжиме понатаму и по најстрмните животни патеки. И во лошо и во арно, верата е чест придружник на многумина од нас, изјави Пендаровски.
Тоа што на едно место денеска се собрани верски поглавари и највисоките државни претставници, според Пендаровски, испраќа порака дека сме обединети околу истите цели: мир, здравје, радост и подобар живот за сите граѓани.
– Во годината која изминува, за жал се соочивме со нови искушенија и со длабока светска енергетска и економска криза, која има разорни ефекти врз нашата и онака кревка економија. Иако пиковите на пандемијата на Ковид-19 се зад нас и светот малку здивна, се случи енергетска и економска криза, како резултат на руската агресија врз Украина. Сето ова негативно влијае врз нашите животи, психа, амбиции и планови, а истовремено ја зголемува сиромаштијата врз најранливите категории, изјави Пендаровски.
Како што кажува и насловот „Вера посилна од секоја криза“, Пендаровски нагласи дека, ниту едно премрежие, опасност, тешкотија, криза од каков било интензитет и карактер не можат да го уништат верувањето како фундамент на човековото постоење.
– Дека не е се така црно околу нас потврдуваат и вашите активности во верската сфера во 2022 кога сведочевме дека верските заедници и религиозните групи и одделно и заедно во групите работеа посветено за реализација на своите мисии. Тоа е охрабрувачка порака која отвора нови перспективи и дава надеж за подобра иднина затоа што само за заеднички сили и солидарни можеме полесно да минеме низ времињата на кризи и да имаме достоинствен и исполнет живот, изјави Пендаровски.
Во рамки на настанот годинава за прва пат ќе биде доделено и ново востановеното признание „Вељо Манчевски“ за особен придонес во верската сфера на правни и физички лица кои со својот долгогодишен труд оставиле значајни траги.
Претседателот на Комисијата се заблагодари на сите претставници на верските заедници и религиозни групи кои беа присутни.
– Да развиваме долгорочна историска свест и да ги инспирираме младите да создаваат личности како Вељо Манчевски, со цел за посветла иднина – нагласи Даријан Сотировски.
Признанијата се доделија на:
Доне Илиевски, постхумно, за јакнење на врските со верските заедници и државата.
Протуѓер ставрофор Спасе Стефановски за јакнење на улогата на македонските православни општини во Австралија.
Особен придинес во исламската наука и образование на Хасан Џило, автор на првиот превод на куранот на македонски јазик.
Амбасадор Иван Ангелов, за придлабочување на врските со Светата Столица.
Особен придонес во развојот на евангелско-методистичката црква Михаил Цеков.
За чувањето и негувањето на еврејска култура во Македонија, на Горан Садикаријо, директорот на Меморијалниот центар на холокауст на евреите во Македонија.
Последното признание беше доделено на член на фамилијата на Вељо Манчевски.
Во името на наградените се заблагоради највозрасниот, Спасе Стефановски.