Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на бизнис-заедницата и на стопанските здруженија од повеќе области и дејности излегоа со заеднички став дека се потребни нови економски политики и финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза. Според нив, постојат топ пет прашања на кои државата треба да се фокусира во 2023 година. Кои се тие?

АНАЛИЗА: БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА ГИ ДЕТЕКТИРА СЛАБИТЕ АЛКИ ЗА ИДНАТА ГОДИНА

Пред завршетокот на уште една кризна година, главните носители на економските активности и на економскиот раст и развој на Македонија излегоа со загрижувачки предвидувања и предупредувања за предизвиците со кои ќе се соочат во 2023 година. Веќе е јасно дека високите цени на енергентите и инфлацијата се најсериозни ризици за работењето на домашните компании, кои во изминатата година го презедоа најголемиот товар од долгогодишниот кризен период, поради пандемијата и здравствената криза, а потоа и со прекинот на синџирите на снабдување со суровини, поради војната во Украина. Претставниците на бизнис-заедницата и на стопанските здруженија од повеќе области и дејности излегоа со заеднички став дека се потребни нови економски политики и финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економската криза. Имено, како најголем предизвик за наредната година, од бизнис-заедницата се посочува потребата од сеопфатни решенија за побрз излез од енергетската криза!
Со ваквиот став на претставниците на домашната бизнис- заедница се согласија и од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, кои исто така изнесоа сериозни забелешки за високите трошоци за електрична енергија и енергенти, кои се зголемени за 300 до 500 проценти (од три до пет пати) кај некои од анкетираните компании.
Според Виктор Мизо, претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комора на Македонија, и тие како асоцијација форматирале топ пет прашања на кои државата треба да се фокусира во 2023 година.
– Компаниите се незадоволни од инфраструктурата во местото каде што ја вршат дејноста, а над две третини се изјасниле дека сѐ уште имаат потреба од решавање инфраструктурни проблеми, како канализација, пристапен пат и приклучок на вода. Повеќето од компаниите се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила. Компаниите имаат проблем со одлив на кадар, најчесто во странство. Најтешко се доаѓа до техничари и инженерски кадар, а најлесно до административен кадар – изјави Мизо.
Во однос на прашањата на кое треба да се фокусира државата во следните 12 месеци, најголем дел компании ги издвоиле: намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ, подобрувањето на инфраструктурата и навремено исполнување на договорните обврски, усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствените правила според меѓународните стандарди, усогласувањето на царинските стапки со оние во ЕУ и олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странски државјани.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија, како главен приоритет за наредната година, освен проблемот со енергентите, ја посочуваат и потребата за ефикасни даночни реформи, за кои изнесоа и неколку забелешки за најавените измени на Законот за данок на добивка што предвидуваат да се укине ослободувањето на компаниите од плаќање годишна такса ако немаат направено три милиони денари промет, што доведува во опасност за опстојување околу 50 илјади мали и микрофирми. Од ова бизнис-здружение бара власта да се откаже од овие измени, а наместо нови давачки за фирмите што работат легално, да успее во даночниот систем да ги внесе правните и физичките лица што работат на црно и од нив да го полни буџетот.
– Втора клучна забелешка на истиот предлог-закон е одредбата со која се предвидува обврска за плаќање петкратен износ на данокот во случаите ако даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста – велат од Сојуз на стопански комори.
Според бизнисмените, овој начин на правно регулирање на постапката ќе остави простор за субјективно одлучување и казнување, ќе има можност за корупција и ќе се намалат инвестициите.
Сепак, како најголем предизвик за наредната година, од бизнис-заедницата се посочува потребата од сеопфатни решенија за побрз излез од енергетската криза! Од Организацијата на работодавците на Македонија излегоа и со предлог до Владата за директно субвенционирање на цената на електричната енергија што ја купуваат компаниите на отворениот пазар над одреден ценовен плафон од 100 или 200 евра за мегават-час.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија, меѓу повеќето економски приоритети за наредната година, ги споменуваат и правилното спроведување на законодавството, како предуслов за владеење на правото, и формализирање на неформалната економија.
– Сивата економија е многу блиска и поврзана со корупцијата, како една од главните причини за застојот на нашиот економски раст и развој е токму корупцијата. Владата во следниот период, доколку навистина цели кон интеграција во Европската Унија, ќе треба да се заложи во борбата против корупцијата и формализацијата на сивата економија, кои се клучни фактори за забавување на прогресивните процеси било во социолошки или економски аспект – велат од Комората на СЗМ.

М.Ј.


ТОП 5 ПРЕДИЗВИЦИ ЗА ДРЖАВАТА ШТО ГИ ДЕТЕКТИРА БИЗНИС-СЕКТОРОТ ЗА 2023 Г.

1. Сигурност во снабдувањето со електрична енергија

l поголемо учество на домашните капацитети во вкупните потреби за енергија;
l одржување прифатлива ценовна политика за енергентите;
l обезбедување конкурентска цена за енергијата за сите домашните компании;
l стабилен систем за производство и пренос на струјата.

2. Балансирана фискална и монетарна политика

l мерки насочени кон ниска инфлација и стабилизирање на цените;
l намалување на каматните стапки за кредитите за фирмите и граѓаните;
l намалување на непродуктивните буџетски трошоци;
l ефикасни реформи во јавните финансии.

3. Ефикасен даночен систем

l ослободување од данок на добивка за компаниите со помал годишен промет;
l одобрување поволни кредити за компаниите;
lнамалување на сивата економија;
l ослободувања од давачки за нови инвестиции во производството.

4. Подобрување на конкурентноста на компаниите

l обезбедување поевтини суровини за прехранбената и преработувачката индустрија;
l подобрување на инфраструктурата;
lнадминување на проблемот со недостиг од квалификувани работници и одливот на кадар.

5. Поенергична битка против корупцијата

l поголема активност во спречувањето на корупцијата;
l подобрување на услугите на јавната администрација и локалната самоуправа.