Фото: Маја Јаневска-Илиева

Организацијата на работодавци во Македонија во пакетот мерки што ги предлага за излез од економската криза смета дека „со работно ангажирање на лицата со навршени 16 години може да се намали дефицитот од работници, пред сѐ во услужниот и туристичкиот сектор, како и во земјоделството и во трговијата“. Од друга страна, во врска со оваа иницијатива, аналитичарите со кои се консултиравме за оваа идеја велат дека „отвора низа социјални, економски и правни дилеми“…

ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА РАБОТОДАВЦИ ВО ПАКЕТОТ ЗА ИЗЛЕЗ ОД ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПОНУДИ ПРЕДЛОГ ЗА ПОГОЛЕМА ФЛЕКСИБИЛНОСТ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

Континуираното иселување на домашните работници во европските држави ги стави во незавидна позиција домашните компании, кои се принудени да наоѓаат нови начини за привлекување слободна работна сила од неангажираното работоспособно население.
Токму во овој контекст, минатата недела од Организацијата на работодавци во Македонија, во пакетот на мерки што се предлага за излез од економската криза, беше презентирана и идејата за воспоставување поголема флексибилност на пазарот на трудот, односно можност за работно ангажирање млади лица над 16 години, заради „задоволување на потребите од понискоквалификувана работна сила“. Со искористувањето на дел од овој работниот потенцијал може да се намали дефицитот на работници, пред сѐ во услужниот и туристичкиот сектор, како и во земјоделството и во трговијата, во кои може полесно да се вклучат лицата што немаат стекнато работни навики, сметаат од Организацијата на работодавци. Но за нивно целосно ангажирање се отвораат и низа социјални, економски и правни дилеми, за што се неопходни измени во постојната законска регулатива.
Според објаснувањата на Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, постои разлика меѓу статистичката слика за неискористениот потенцијал на младите лица во периодот од 16 години до полнолетството, искажан низ статистички бројки, и реалните можности за нивно вистинско работно ангажирање.
– Ангажирањето на младите лица од 16 и 17 години е ограничено од постојните законски решенија. Според нашата регулатива, многу граѓански права се стекнуваат со навршување 18 години. Затоа се неопходни низа законски усогласувања за нивно работно ангажирање. Знаеме дека нашата земја, која почна и преговори за зачленување во Европската Унија, ќе мора да се усогласува со европското законодавство, што важи и во работните односи, за кои постојат голем број прописи за спречување на злоупотребите при искористувањето на детскиот труд. Најверојатно со овој предлог се сака да се пополнат некои работни места за кои е потребно само основно образование, но друго прашање е колку од нив би сакале да се ангажираат во домашните компании. Едно е да се има добра желба и намера, но на овој начин и потенцијалот за економско ангажирање на овие млади лица е ограничен – ни изјави Герасимовски.

Тој посочува дека едноставно нашата земја се соочува со намален наталитет и бројот на лицата што посетуваат средно образование континуирано се намалува, а со тоа и бројот на потенцијалниот број нови работници на 16 и 17-годишна возраст. Позагрижувачки е податокот дека бројот на невработените лица од 50 до 64 години е висок и е економски неискористен, иако се во делот на работоспособно население. Според нашиот соговорник, загрижува фактот дека 70-80 отсто од оваа категорија невработени се пријавуваат во Агенцијата за невработени без да имаат вистинска желба и да најдат работа. Имено, според податоците на државната статистика, во третиот квартал за 2022 година неактивното население од 50 до 64 години изнесува 144.185 лица, од кои како невработени се водат 70.934 лица.
Во претпријатијата од хотелско-угостителскиот сектор во Македонија имаат позитивен пристап кон идејата за работно ангажирање помлади работници. Во образовниот процес овие млади лица стекнуваат теоретски знаења, но им недостига практика, која можат да ја стекнат низ работното ангажирање, се најчестите забелешки на домашните компании.

– Оваа можност ја искористивме минатата сезона, кога преку нашите хотели беа ангажирани околу 250 млади лица, на возраст од 16 и 17 години, и се покажа како успешна. Задоволни сме од покажаниот интерeс на младите да бидат работно ангажирани. Особено што на нивна возраст можат да се стекнат со работни навики, а за тоа да добијат и соодветен надомест. Платите се на ниво на минималната плата во државата. Овие млади работници беа ангажирани претежно на полесни работни задачи, за кои не е потребна некоја поголема обука. Беа ангажирани во услужниот дел, како помош на постарите работници, на поставување маси, грижа околу лежалките на плажите, чистење излози, поставување разни производи во продажниот дел и слично. Ова не е непозната практика во западните земји и може да се примени и кај нас – ни изјави Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.
Младите што навршуваат 18 години се посмели и заминуваат надвор да бараат работа. Кај помладите лица, склучувањето работен договор се прави во согласност со нивните родители. Но, сепак, ако им се понуди можност тие да можат низ образовниот процес и да заработуваат, постои поголема веројатност овие работници и да ги задржиме за подолг период во земјата. Но од организацијата на хотелиерите нагласуваат ангажирањето на младите лица да може да се прави и повеќе месеци во годината, а не само во текот на летната сезона. Тоа значи дека би требало да се поттикне вработувањето на младите лица така што државата би го субвенционирала нивното ангажирање или, пак, фирмите би биле ослободени од плаќање на придонесите за младите работници до навршување 20-годишна возраст. М.Ј.