Мислам дека имаше две работи во мојот живот значајни за целиот свет. Првата беше кога го соборив рекордот на Фишер, станувајќи најмладиот велемајстор, на 15-годишна возраст, и подоцна кога го победив светскиот првак Каспаров, вели Полгар

ЈУДИТ ПОЛГАР, НАЈСИЛНА ШАХИСТКА НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Поткастот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) е една од главните иницијативи родени под капата во „Годината на женскиот шах“, како соработка помеѓу Комисијата за женски шах на ФИДЕ, потоа Мајкл Бусе од еден германски шаховски поткаст и Лили Хан од Шаховската спортска асоцијација, пишува ФИДЕ на својата интернет-страница. Во текот на 2022 година, месечните епизоди презентираа серија интервјуа со познати шахистки, официјални лица, инфлуенсери, научници и други извонредни женски личности. Гостинка на неодамнешната епизода беше Унгарката, шаховската велемајсторка (ВМ) Јудит Полгар (46), една од најинспиративните личности во светот на шахот, најсилната шахистка на сите времиња, единствената жена што надминала границата од 2.700 рејтинг-поени и е рангирана во првите десет од сите шахистки.
Денес таа е коментаторка на некои од врвните светски турнири, како и шаховска амбасадорка, која се залага да има повеќе жени во шахот, кои треба да го користат шахот како алатка за едукација. Таа играше и на второто Европско поединечно првенство во Охрид во 2001 година, задно со шахистите, и го освои четвртото место, во конкуренција на 203 шахисти од 13 држави.
Во интервјуто Полгар, меѓу другото, зборува за своето детство и образовниот експеримент што го спроведе нејзиниот татко Ласло Полгар, докажувајќи дека децата можат да постигнат исклучителни достигнувања доколку се обучуваат за специјализирана тема уште од најрана возраст.
– Имавме многу тешкотии за време на нашето воспитување. Унгарската шаховска федерација апсолутно не ја поддржуваше идејата дека девојчињата можат да го достигнат истото ниво како момчињата и дека треба да играат заедно со нив. Исто така, имавме многу големи предизвици со Владата, оти во тоа време беше апсолутно невообичаено да одлучите да ги школувате вашите деца дома. Овие две работи предизвикаа толку многу противење на идеите на моите родители, но ние навистина бевме еден за друг – вели Полгар, пренесе ФИДЕ.
Полгар не мисли дека би ги достигнала височините што ги постигна да не биле условите што ги создале нејзините родители.

– Бев воспитана сосема поинаку од другите шахистки. Моите родители никогаш не ме ограничуваа, туку секогаш нѐ охрабруваа мене и моите две сестри (исто така силни шахистки – н.з.) дека треба да бидеме што е можно подобри во шахот. Во меѓувреме, повеќето девојки имаат многу класичен пристап од страна на нивните тренери и родители. Ако си девојче, играш на турнири за девојчиња. Во суштина, тоа значи дека ги ограничуваш девојките и ја ставаш летвичката на пониското ниво за нив. Ќе бидам многу среќна да може да се промени тоа. Верувам дека турнирите за девојки и жени може да бидат сосема добри и вака, но јас би го претпочитала пристапот кога тренерот би рекол: „Ти си талентирана, па зошто да не станеш најдобра што можеш?“ – вели Полгар.
Според неа, пристапот дека шахот е чисто ментално натпреварување и дека настапот на шаховската табла е независен од полот, бил клучот за нејзиниот успех во нејзината кариера.

– Мислам дека имаше две работи во мојот живот значајни за целиот свет. Првата беше кога го соборив рекордот на Роберт Фишер, станувајќи најмладиот велемајстор на 15-годишна возраст, и подоцна кога го победив светскиот првак Гари Каспаров. Тоа претпоставувам беше нешто посебно за светот. Одеднаш беше јасно дека е можно жена да победи светски шампион – објаснува Полгар.
Зборувајќи во „Годината на женскиот шах“, Полгар рече дека има многу начини да се поддржи тоа.
– Се разбира, одлично е кога има поголем награден фонд за женските турнири. Исто така, би можело да има некои семинари за наставниците и за родителите за прашањата за начинот на размислување, ценење на жените во шахот, не само како професионални играчи туку и во други улоги. Треба да имаме повеќе настани што се инспиративни за девојките за да станат шахистки. Да создадеме безбедна средина каде што девојките ќе можат да се чувствуваат удобно меѓу момчињата и мажите. Исто така, важно е и да се признаат резултатите на девојките и жените. Бев среќна што ФИДЕ ги креира наградите за жените, бидејќи тоа значи многу за нив и е многу охрабрувачко да бидат препознаени – рече меѓу другото Полгар во интервјуто.


Осма на листата на ФИДЕ, четврто место на ЕП 2001 во Охрид…

Унгарката Јудит Полгар е родена на 23 јули 1976 година, а денес живее во Будимпешта. Велемајсторка (ВМ) станала во 1991 година, на 15 години и четири месеци, во тоа време најмладиот шахист со титулата ВМ. Има две сестри, исто така шахистки, Сузан живее во САД (светска првенка 1996-1999) и Софија во Канада. Највисокиот рејтинг, Јудит (2.735 поени) го достигнала во јули 2005 година. Од 1 јуни 2004 година е број еден во женскиот шах, а највисокиот пласман ѝ е осмото место на машката рејтинг-листа. Во мај и во јуни 2007 година таа играше на Турнирот на кандидатите за светски првак. Во 2008-та играше на втора табла за Унгарија на 38. Шаховска олимпијада за мажи во Дрезден, остварувајќи резултат 3,5/8. Во 1993 година, Полгар во егзибициски меч го победи поранешниот светски шампион Борис Спаски, а во 1998 година го победи и Анатолиј Карпов, кој во тоа време беше светски првак, во меч во забрзан шах (двапати по 30 минути по играч). Таа е победничка на повеќе турнири во светот и игра само со шахисти. Јудит Полгар играше и на Второто европско поединечно првенство за мажи во Охрид во 2001 година и го освои четвртото место во конкуренција на 203 шахисти од 13 држави. Г.И.