Американските научници денеска соопштија за голем напредок во трката за ресоздавање на нуклеарна фузија. По првпат е направен огромен пробив во експериментирањето и успеале да произведат повеќе енергија отколку што потрошиле, јави Би-Би-Си.
Физичарите ја следат технологијата со децении бидејќи ветува потенцијален извор на речиси неограничена чиста енергија.
„Ова е најава која се подготвува со децении“, објави денеска на Твитер американското Министерство за енергија.
„На 5 декември 2022 година, тим од Националната лабораторија Лоренс Ливермор (DOE) влезе во историјата со постигнување самоодржлива фузија. Овој пробив засекогаш ќе ја промени иднината на чистата енергија и националната одбрана на Америка“, се посочува во твитот.
Пробивот означува пресвртница на патот кон развивање на нов извор на енергија кој можеби еден ден би можел да генерира електрична енергија во огромни количини на одржлив и безбеден начин.
Американската министерка за енергетика Џенифер Гранхолм денеска потврди дека американските научници постигнале голем напредок во развојот на технологијата за фузија, енергијата што ги напојува Сонцето и ѕвездите.
Иако ова е голем чекор кон технологија која би можела да обезбеди практично неограничена енергија без штетни гасови и со малку радиоактивен отпад, сè уште има долг пат до нејзината комерцијална употреба со огромни научни и инженерски предизвици.
За разлика од фисијата, која ги дели атомите во постоечките нуклеарни реактори, фузијата ги спојува јадрата на атомите, на пример, со комбинирање на атоми на водород за да се добие хелиум, со што се ослободуваат огромни количества енергија.
Физичарите се обидуваат од 1950-тите да ја искористат реакцијата на фузија што го напојува Сонцето, но досега не успеаја да произведат повеќе енергија од реакцијата отколку што трошат во процесот, што би резултирало со нето добивка на енергија.
Иако многу научници веруваат дека до електраните на фузија нè делат децении, потенцијалот на технологијата е тешко да се игнорира бидејќи, според Фајненшл Тајмс, реакцијата на фузија не испушта јаглерод или долготраен радиоактивен отпад, а со една чаша водородно гориво, теоретски, со струја може да напојува една куќа стотици години.