Имаме постигнато доволно добро ниво и мораме да ги забрзаме реформите кои ќе имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните, но има уште многу што да се направи, порача денеска во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ во обраќањето на првиот ден од дводневниот билатерален скрининг за Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.
– Приоритет на македонската администрација и правосудни органи мора да остане исполнувањето на обврските во оваа област со цел задржување на динамиката и напредокот во преговорите. Скринингот и текот на преговорите очекуваме да дадат брзи мерливи резултати кои квалитативно ќе се одразат на целиот процес и на целокупниот општествен амбиент – рече Маричиќ, додавајќи дека континуирано расте напредокот во правосудството, што е потврдено од страна на Европската комисија.
Претставниците на Европската комисија на почетокот на состанокот, исто така, нагласија дека е очигледен напредокот и посветеноста на реформите во правосудството, што е нотирано и во годишниот Извештај на ЕК за 2022 година, но дека не е сè направено и мора уште да се работи.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, експертите посочија дека нема сомнеж оти земјава има значајно подобрување во оваа област и ја истакнаа проактивноста на Државната комисија за спречување на корупција. Според нив, земјава е добар пример за мултиетничко општество, но дека мора да продолжи во обезбедувањето на основните права и заштитата на малцинствата.
На билатералниот скрининг за Поглавјето 23 учествуваат над четириесет претставници од државните институции кои презентираат и одговараат на прашањата од експертите на Европската комисија во четири тематски целини: судски реформи, антикорупциска политика, фундаментални права и права на граѓаните на ЕУ.
Одговорна институција за Поглавјето 23 е Министерството за правда, а координаторка на преговарачката група е државниот советник за ЕУ интеграции Фросина Тасевска.
– Македонскиот преговарачки тим презентираше две теми: Антикорупција и фундаментални права, со акцент на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и сл. Презентирањето за фундаментални права, ги опфати прашањата поврзани со правната рамка на фундаменталните права, понатаму правата на слободно изразување и религија, мерки за борба против расизмот и ксенофобијата, говорот на омраза и злосторство од омраза, правата на детето, недискриминација – расна или етничка дискриминација, вклучително и права и дискриминација на Роми, дискриминација против ЛГБТ заедницата, родова еднаквост и насилство врз жените, слобода на изразување, вклучувајќи ја слободата на медиумите и плурализам и права на лицата со попреченост – се додава во соопштението.
Билатералниот скрининг за Поглавјето 23 продолжува утре на темата фундаментални права и судство.