Иако плаќањата преку интернет генерално се безбедни, најмногу благодарение на методите за сигурна автентикација на клиентите што се широко имплементирани во Европа, криминалците континуирано ги менуваат своите техники за да најдат нови начини на крадење пари. Следствено на тоа, сосема е оправдан скептицизмот на граѓаните што не сакаат да користат ниту картички на банкомат, а камоли да користат услуги за интернет-плаќање. Со оглед на тоа што секојдневно се евидентираат случаи на онлајн измами, што од продавачи што од купувачи, нормално е граѓаните да бидат воздржани кога треба да реализираат некоја зделка преку интернет
Во пресрет на празничните шопинг-денови, експертите по сајбер-безбедност со предупредување до граѓаните
Ни претстои празничен период во кој сите ние ќе сакаме да пазаруваме, да купуваме подароци или, пак, да уплаќаме за разни екскурзии, прослави, третмани и сето тоа од удобноста на нашиот дом, од телефон или компјутер. Меѓутоа, токму во периодот што следува, сите треба да бидеме свесни дека сајбер-криминалците, односно, оние што преку интернет најлесно се стекнуваат со парични средства со помош на методи на измама, ќе бидат уште поактивни, со цел да измамат што е можно повеќе интернет-корисници за нелегално да заработат пари.
КРИМИНАЛОТ СЕ СЕЛИ ОНЛАЈН
Како што надоаѓаат новогодишните празници така расте и бројот на измами евидентирани на Стариот Континент.
Дури и ако плаќањата преку интернет генерално се многу безбедни, најмногу благодарение на методите за безбедна автентикација на клиентите што се широко имплементирани во Европа, криминалците континуирано ги менуваат своите техники за да најдат нови начини на крадење пари. Следствено на тоа, сосема е оправдан скептицизмот на граѓаните што не сакаат да користат ниту картички на банкомат, а камоли да користат услуги за интернет-плаќање. Со оглед на тоа што секојдневно се евидентираат случаи на онлајн измами, што од продавачи што од купувачи, нормално е граѓаните да бидат резервирани кога треба нешто да реализираат преку интернет.
Но за ваквата ситуација е свесна и полицијата на глобално ниво, па континуирана е борбата токму против ваквиот вид криминал. Па така, во едномесечната операција реализирана минатиот месец, дури 19 земји учествуваа во обид да се сузбијат криминалните мрежи што користат украдени информации од туѓи кредитни картички, сѐ со цел да ги искористат за сопствени потреби, а пред сѐ за да нарачаат скапи и ексклузивни производи со високи цени од онлајн продавниците.
Полициските службеници на земјите што учествувале во акцијата реализирале неколку рации на локации каде што била сместена нелегално купената стока, а во рациите успешно апселе и осомничени лица што биле затекнати во просториите.
ДА СЕ ВНИМАВА НА НАЈЧЕСТИТЕ ВИДОВИ ИЗМАМИ
Свесни за опасноста со која се среќаваат граѓаните секојдневно, сајбер-експертите на Европол предупредуваат на најчестите видови измами што ги регистрирале полициските власти.
Па така, најчест вид измама е крадењето броеви од кредитни картички, односно таканаречени „фишинг измами“. Тоа е облик на измама што опфаќа збир на активности на неовластени корисници преку користење лажни пораки од е-пошта и лажни веб-страници на поголем дел од финансиските организации, обидувајќи се од корисниците да добијат доверливи лични податоци, како што се ЕМБГ, корисничко име, ПИН-броеви и сл. За жал, голем е бројот на корисници што не се запознаени со овој вид измама. Штом еднаш ќе дојдат до доверливите податоци, злонамерните испраќачи или сами ги користат или им ги продаваат на други криминалци.
Следна најчеста измама на која се пожалиле и граѓаните е измама за преземање сметка. Оваа измама се случува кога криминалецот ќе добие пристап до сметката на корисникот во продавница за е-трговија. Ова може да се постигне преку различни методи, вклучувајќи купување украдени лозинки, безбедносни кодови или лични информации на темната мрежа или успешно спроведување шема за „фишинг“ против одреден клиент. Откако ќе добијат пристап до сметката на корисникот, криминалците можат да се вклучат во измамнички активности. На пример, тие можат да ги менуваат деталите за сметката на корисникот, да купуваат во продавници за е-трговија, да повлекуваат средства, па дури и да добијат пристап до други сметки за овој корисник.
Во овој контекст, полицијата бележи и измама со лажни интернет-страници. Овој тип измама се случува кога онлајн криминалците поставуваат лажна или реплика на веб-страница за да ги примамат купувачите со евтина стока. Понекогаш овие лажни веб-страници може да се појавуваат во реклами или да се испратат по е-пошта на корисникот што ја пребарува веб-страницата, повторно со обид за „фишинг“. Овие наводни стоки што се продаваат се фиктивни и воопшто не постојат, па, се разбира, никогаш не се испорачуваат на купувачите.
Цел се и трговци и физички лица: Како да се заштитите?
Токму поради тоа што откако почна пандемијата на коронавирусот значително се интензивираа онлајн продажбата и онлајн купувањето, и уште тогаш беа евидентирани голем број случаи на измами, не само на купувачи туку и на продавачи, па и на држави што паднаа во замка на криминалните организации, полициските експерти за сајбер-криминал од европскиот континент постојано ги усовршуваат советите за тоа како сите категории учесници во интернет-сообраќајот да бидат заштитени.
Она што сопствениците на бизнис треба да го знаат е, доколку имаат онлајн продавница, да бидат максимално внимателни, бидејќи иновативноста на криминалците е во подем, особено кога станува збор за интернет-измами.
Купувачите, пак, кои се всушност и најчестите жртви на овие измами, мора да бидат внимателни и претпазливи.
– Никогаш не испраќајте му го бројот на вашата картичка, ПИН или други информации за картичката никому преку е-пошта. Исто така, никогаш не испраќајте му пари некому што не го познавате, а препорачливо е секогаш да ги зачувувате сите документи поврзани со онлајн купувањата. Ако не купувате ништо, не поднесувајте детали за вашата картичка. Редовно проверувајте ја вашата онлајн банкарска сметка. Веднаш известете ја вашата банка ако видите плаќања или повлекувања што самите не сте ги извршиле – препорачуваат сајбер-експертите од Европол.