Дали постојат двојни стандарди за доселениците на Стариот Континент?
Прага ја повикува Европската Унија (ЕУ) да преземе повеќе активности бидејќи има голем пораст на мигрантите, особено од сириско потекло, кои се обидуваат да стигнат до Германија или до Северна Европа преку таканаречената балканска маршрута, која преку балканските држави поминува во Унгарија, Словачка и во Чешка, истакнува Дејвид Хат за „Јуроњуз“
Границата долга 250 километри што ги дели Чешка и Словачка во голема мера е само на хартија, откако и двете земји влегоа во шенген-зоната во 2007 година. Но неодамна, Чешка привремено ги врати контролите на својата граница со Словачка како одговор на зголемувањето на илегалната миграција. Вит Ракушан, чешкиот министер за внатрешни работи, рече дека илегалната миграција, главно од Сирија, се зголемила за 1.200 отсто оваа година. Тој процени дека чешката полиција од почетокот на годинава уапсила вкупно 11.000 илегални мигранти. Ракушан објасни дека Владата ќе бара решенија на европско ниво, но, за жал, е неопходно да се преземе радикален чекор.
По соопштението од Прага, министерот за внатрешни работи на Австрија, Герхард Карнер, рече дека неговата земја ќе воведе привремена контрола на границата со Словачка за да ги спречи мигрантите да ја користат Австрија како алтернативна маршрута. Ништо од ова не помина добро во Словачка, која очекува одредени нарушувања во трговијата поради зголемените гранични проверки. Австрискиот канцелар Карл Нехамер се очекува заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со српскиот претседател Александар Вучиќ да најде решение за ова миграциското прашање.
Прага ја повикува Европската Унија (ЕУ) да преземе повеќе активности. Германскиот полициски синдикат, исто така, повика на повеќе безбедносни проверки на чешко-германската граница, иако Берлин досега изјави дека нема да го стори тоа. Причината е големиот пораст на мигрантите, особено од сириско потекло, кои се обидуваат да стигнат до Германија или до Северна Европа преку таканаречената балканска маршрута, која преку балканските држави поминува во Унгарија, Словачка и во Чешка.
Украинските бегалци добредојдени во Централна Европа
Беше направена споредба меѓу најновата паника за бегалците и мигрантите од Блискиот Исток и топлото добредојде што централноевропските држави го направија за украинските бегалци. Повеќе од 439.000 украински бегалци се прифатени во Чешка, што е околу четири отсто од нејзиното население, според Агенцијата на ОН за бегалци. Словачка, која е многу помала земја, прими нешто помалку од 100.000 бегалци.
Истражувањето објавено оваа година од локалниот Центар за истражување на јавното мислење покажа дека 75 отсто од Чесите се согласуваат дека бегалците од Украина треба да бидат прифатени во земјата. Истиот центар откри во студија од 2015 година дека повеќе од 70 отсто од Чесите не сакаат да примат бегалци и имигранти од Сирија и од Северна Африка. Причините за овие разлики се делумно историски, културни и демографски, вели Филип Костелка, професор на Европскиот универзитетски институт.
Огромното мнозинство од украинските бегалци се жени и деца, додека многу бегалци од Блискиот Исток се млади, неженети мажи. Украинците беа, исто така, најголемо малцинство што живееше во Чешка пред избивањето на конфликтот во февруари. Многу Чеси, исто така, го гледаат конфликтот во Украина низ нивната сопствена историја. Меѓутоа, во случај на бегалците од Блискиот Исток, Чесите се плашат од проблеми со интеграцијата и се сомневаат дека некои од бегалците се всушност економски мигранти.
Кризата со трошоците за живот предизвикува политички немири
Инфлацијата во август се искачи на 17,2 отсто во Чешка и околу 14 отсто во Словачка, што е едно од највисоките зголемувања во Европа. Чешка, исто така, забележа еден од најголемите порасти на трошоците за енергија и домаќинства од која било европска земја. Големи протести се одржаа во Прага против коалициската влада, која го преживеа гласањето недоверба во парламентот на почетокот на септември и која беше обвинета дека не прави доволно за да им помогне на обичните луѓе во услови на економска криза. Темата за миграцијата од Блискиот Исток им дава на опозициските партии дополнителни средства за напад на коалициската влада, но аналитичарите велат дека веројатно нема да ја надмине економската состојба како клучно прашање. Сепак, опозициските политичари почнаа да ја прекоруваат Владата за нејзините, наводно, бавни реакции на проблемот.
Опозициските партии обвинуваат за лошо справување со кризите
Во Чешка, Андреј Бабиш, поранешниот премиер и лидер на опозициската АНО, која го зголеми својот удел во местата во поголемите градови на општинските избори, се очекува да се фокусира на миграцијата во наредните недели. Неговата партија веќе тврди дека Владата им дала премногу помош на украинските бегалци додека ги игнорирала чешките државјани. Томио Окамура, лидерот на екстремно десничарската Слобода и директна демократија (СПД), втората по големина опозициска партија, вети дека ќе бара одговорност од Владата во врска со нејзините одговори за миграцијата.
Во Словачка, најголемиот дел од дебатата досега беше фокусирана на домашната политика и неуспесите на Владата, наместо на самите мигранти, рече Катарина Клингова, виша научна соработничка во политичкиот институт ГЛОБСЕК. Сегашната словачка влада е во криза. На почетокот на септември, таа го загуби мнозинството во парламентот откако се повлече помалиот партнер, партијата Слобода и солидарност (САС). Во интервју за „Фајненшл тајмс“, премиерот Хегер предупреди дека економијата на земјата е изложена на ризик од „колапс“ поради зголемувањето на цените, освен ако не добие значителна помош од ЕУ. Јурај Крупа, словачки политичар од САС и претседател на парламентарната комисија за одбрана и безбедност, повика на ограничувања на границата на Словачка со Унгарија и истрага за одговорот на министерот за внатрешни работи Роман Микулец, кој преживеа неколку гласања за недоверба. Словачкото министерство за внатрешни работи потоа издаде соопштение во кое се спротивстави на неговите коментари.
Одредени политичари и коментатори, пријателски настроени кон Москва, исто така ја користат најновата загриженост за миграцијата од Блискиот Исток и Северна Африка за да ја критикуваат поддршката на Братислава за Украина, што е индикација дека некои се обидуваат да ги поврзат двете прашања, рече Клингова. Некои, вклучувајќи ги и оние што се обвинети за ширење проруски пораки, изјавија дека „таква состојба требаше да се очекува со избивањето на украинскиот конфликт, и покрај фактот што мнозинството илегални мигранти не се од Украина, додаде таа.
Ситуацијата на други места во Централна Европа е поделена. На 20 септември, опозициската Словенечка демократска партија (СДС), предводена од поранешниот премиер Јанез Јанша, поднесе предлог за оцена против министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар поради нејзината одлука да ја отстрани оградата по должината на границата со Унгарија, која беше подигната во 2015 година за да се запре илегална миграција. Словенија, наводно, забележала зголемување од 13 отсто на нерегуларните гранични премини меѓу јануари и август, во споредба со целата мината година, според локалните медиуми.