Експлозиите што предизвикаа три истекувања во двата гасовода на „Северен тек“ под Балтичкото Море би можеле да имаат далекусежни последици по Европа. Можноста за прекин на енергетската и комуникациската структура на ЕУ со акт на саботажа би ги принудила европските армии да се подготват за неочекуван нов фронт во украинската војна, наведуваат дел од светските медиуми.
Експлозиите во гасоводите потсетија на „играта на мачка и глушец“ со големи влогови помеѓу НАТО и советските флоти во Балтичкото Море, во екот на Студената војна, пишува „Политико“.
Централната информативна агенција (ЦИА) во јуни предупредила повеќе европски земји, вклучувајќи ја Германија, дека гасоводите на „Северен Тек“ би можеле да бидат цели на напади, пишува „Њујорк тајмс“. Изворите на „Њујорк тајмс“ одбиваат да кажат дали Русија била спомната при предупредувањата, но посочуваат оти тие не биле детални. Германскиот магазин „Шпигел“ прв извести за разузнавачките информации што ги пружиле САД.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, беше претпазлива да не ја обвини Москва за инцидентите, ниту пак да впери прст кон друг можен виновник, со што Белата куќа истакна дека не сака да шпекулира на темата.
И Кремљ изрази загриженост поради забележаните истекувања на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, оценувајќи дека не треба да биде исклучена ниту една претпоставка, вклучително и саботажа, според портпаролот Дмитриј Песков.
Тековните истраги во истекувањата на гасоводите се спроведуваат во Данска и во Шведска кои се најблиску до локациите на инцидентите. Тамошните власти изразија уверување дека се рабити за намерни напади, односно за саботажа. Таков став изнесе и полскиот премиер Матеуш Моравјецки, додека советникот на украинскиот претседател Владимир Зеленски, Михаил Подолјак, ги оквалификува инцидентите како „терористички напад испланиран од Русија“.
Додека Европа очекува одговори за инцидентите, доаѓаат и предупредувања за засилување на безбедноста.
Европа треба да сфати дека енергетската инфраструктура носи безбеносни ризици. Ако нешто вакво се случи на цевководите во Норвешка или во Алжир, ние ќе бидеме во голема неволја на зима. Треба да ги засилиме безбедносните активности во клучната енергетска инфраструктура бидејќи непријателските актери можат да го повторат овој вид на акции – заклучува Симоне Талјапјетра од економскиот тинк-тенк „Бругел“.