Интригантно е да се проанализира односот на Толстој (фигура трибун) кон Достоевски (фигура хронистерик) и кон Чехов (фигура кловн). Толстој и Достоевски, има ли полуцидни набљудувачи на животот од овие двајца книжевни божества?, но меѓу нивните авторски стратегии, иако се современици, наоѓаме малку сродности. Дали затоа што во првиот преовладуваат трибунските, а во вториот хронистеричките креативни и човечки сили? Речиси врсници (Достоевски е постар седум години), водечки класици уште во животот, во своите импресивни книжевни опуси, тие тогаш, како и денес, се врвови на два различни планински масиви, а читателското искуство на нивните безбројни почитувачи носи силни, но издвоени доживувања. Веќе напоменав – иако на прв поглед се чини дека книжевната категорија на трибунот може да се определи преку оцртаната мапа на неговите книжевни дејствувања и постапки и да се вдлабочи неговата сраснатост со судбината, природата, дури и „физиономијата“ на неговиот народ (Гете, Иго, Андриќ, Крлежа, Конески…) – таа е многу посложена, послоевита и во зависност од особената поетика на секој автор трибун, односно, неговото сфаќање за улогата (за функцијата) на книжевноста. Кај Толстој таа е уште поочигледна и поспецифична! Ова уште појасно се гледа во споредба со писателот хронистерик, големиот Достоевски и нивниот суштински писателски и човечки расчекор. Во есејот „Достоевски – со мерка“, седумдесет и едногодишниот Томас Ман искрено ќе признае: „Чудна работа: во својот книжевнички живот напишав опсежни студии за Толстој, како и за Гете – по неколку за секој од нив. За другите два едукативни доживувања на коишто не сум им помалку должен, што толку, барем еднакво, ја возбудија мојата младост и поради чие обновување и продлабочување моите доцни години не знаеја за умор, никогаш не сум пишувал поврзано; ниту за Ниче, ниту за Достоевски… Откаде тоа избегнување, тоа извлекување и молчење – наспроти онаа, секако недоволна, но радосна говорливост, што во мене ја предизвикува величината на двајцата други уметници?… Ме обзема страв, длабок мистичен страв што диктира молчење, пред религиозната величина на проколнатите, пред болеста во ликот на генијот и генијот во ликот на болеста, пред типот на страдалникот и лудакот, во кој се соединуваат светителот и злосторникот“. За трибунот Ман, хронистеричката природа, колку и да ѝ се восхитува, е онаа различната, другата, онаа на „болеста во ликот на генијот и генијот во ликот на болеста“, оттаму за него „здравите“ трибуни како Гете и Толстој предизвикуваат „блиска почит и восхит“, а соочувањето со хронистериците е налик на средба со вознемирувачкото демонско, колку тоа да е возбудувачко и силно.
Сепак, „здравите“ ги ставив во заграда, зошто повеќето од трибуните се вулкани почесто со внатрешни, но некогаш и надворешни ерупции.
(продолжува)