Кон изложбата на скулптури на проф. Жарко Башески, која се отвора утре, во Македонската академија на науките и уметностите
Секој што застанал пред скулптурите на нашиот реномиран скулптор Жарко Башески (1957), почувствувал мешавина од воодушевување и ежавење. Воодушевувањето доаѓа од Аристотеловото мимезис, или подражавање, нешто што ликовната критика кај него го именуваше како „хиперреализам“. Ежавењето, пак, доаѓа од сфаќањето дека „копијата“ на стварноста изобразена во скулптурата е речиси верна на оригиналот. Поточно, на уникатот, затоа што Башески главно се фокусира на телото, а секое тело е уникатно, како впрочем и секоја личност и душа. Според тоа, ужасот (horor), кој и самиот е наслада (да се потсетиме на Мери Шели и црниот готски роман, на нејзиниот Франкенштајн!), доаѓа од сознанието дека и уникатното може симулакрично да се умножува. Тоа е како да постојат двајца целосно исти примероци на ист човек. Ама целосно исти, без ниедна разлика, без ниедна differentia specifica. И конечно, тоа ужасување од сознанието дека нема уникат поминува повторно во воодушевување, зашто станува јасно дека оној што ги создал тие скулптури ја има истата техне (во старохеленската смисла на зборот) како и Творецот и Седржителот на уникатите, штом тие не се разликуваат воопшто од делата на рацете Господови.
Но: уметноста е привид и измама дури и кога е најжесток реализам, референцијална илузија за светот и човекот, ама сепак илузија. Ако е така, исказите за таа илузија, како овој мојов и како секоја критика, нужно ќе бидат уште поголема илузија. Ве заведов кога реков дека телата претставени во скулптурите на Башески немаат ама баш ниедна разлика по однос на оригиналите. Ве измамив, ве хипнотизирав: па, зар не гледате, дури и на оној автопортрет на Башевски, скулптурата не е жива. Таа е од синтетички материјали, не е од крв и месо, иако изгледа така.
Во познатиот дијалог на Платон Кратил, во кој јунаците расправаат за „вистинитоста“ на имињата по однос на стварите (во филозофска смисла на зборот), читаме, како јунаците да разговараат за автопортретот на нашиот Жарко:
„Сократ: Зарем не би имал два објекта – Кратил и Кратиловата слика – во случај кога некое божество би ги прикажало не само твојата боја и формата, како што прават сликарите, туку и ако сè однатре се направи како што е во тебе, репродуцирајќи ги истата меморија и температура, потем додавајќи ги движењата, душата и разумот исти какви што се твоите, и со еден збор – ако сето она што го поседуваш го стави крај тебе во вид на копија – дали тоа би бил Кратил и Кратиловата слика, или тоа би биле два Кратила? КРАТИЛ: Ми се чини, Сократе, дека тоа би биле два Кратила.“ Овој фрагмент завршува со она од каде што тргна Жан Бодријар, кога го искова терминот „симулакрум“. Сократ му вели на Кратил: „Во тој случај (на максимален хиперреализам – заб. моја), сè би станало некако удвоено и не би можел да ги разликуваш првото од второто, па да кажеш кој од нив е предмет а кој назив“.
Погледнете ги хиперреалистичните скулптури на Жарко Башески. Тие целосно кореспондираат со тоа удвојување на светот за кој разговараат јунаците на Сократ во Кратил. Оние скулптури направени од полиестер и силикон, пред кои се ежавите зашто се „како живи“, се радикална форма на мимезис, односно – симулакруми. А симулакрум е копија „поверна“ од оригиналот, нешто што не само што е вистина повистинита од вистината, туку нешто што прикрива дека вистината постои! Тоа е уметнички чин од прв ред! Космички демијуршки настан!
Ако така стојат работите, тогаш единственото вистинско прашање што треба да се постави за да се објасни уникатниот уметнички феномен Жарко Башески е: како се прави од мермер (или од полиестер, или од силикон, или од што и да е синтетика) – крв и месо? Или поточно – како е можно мермерот да има кожа? Токму тоа што мермерот на Башески има кожа, создава силна симулакрична илузија дека тоа се оригинали, уникати, а не копии.
Кожа: биолозите ја рангираат во органи за допир. А Михаил Епштајн во својата прочуена книга „Филозофија на телото“ тврди дека човекот е хаптичко суштество, суштество што допира, и дека допирот е неговата главна карактеристика. Главно, допира со органот што го очовечил: со рацете. Така, има еден длабок хуманизам (кој според мене е поважен од етикетата „хиперреализам“) кога говориме за скулптурите на Башески. Тој хуманизам лежи во можноста (и не само можноста туку и во силниот копнеж!) да ги допрете неговите скулптури, за да се уверите, како Тома Неверниот. Во што да се уверите? Во две нешта: дека мермерот може да има кожа, и второ – дека, внимавајте, можеби (потенцијалитет!) таа кожа на мермерот е лажна. Дека можеби е илузија. Дека можеби е фикција. А ако е лажна, ако е фикција и илузија, тогаш пред вас стои уметност од прв ред, заразена со „бацилот“ на демијургот на сè што постои.
Затоа, наместо етикетата „хиперреализам“, за скулптурите на Башески многу посоодветен квалификатив е етикетата „божествено“. Тоа е креација во вистинската смисла на зборот, како одново да се создава уникатот, а не како да се создава негова копија. И второ: наместо етикетата „хиперреализам“, јас попрво за скулптурите на Башески би ја користел етикетата „синестетички скулптури“. Зошто? Затоа што, се разбира, никој од нас, или ретко кој од нас би ги допрел тие скулптури на изложба; тоа дури се смета за непристојно и е знак на таканаречените хаптички репресивни култури. Тоа се култури во кои допирот се смета за непристојно нешто! Наспроти нив, стојат либералните хаптици, како што е еден Лондонски институт за психологија, кој се носи со идеја да организира дури и „денови на допирање“ во британската култура, институт што за свое мото има прашање: допревте ли денес некого? Е, на изложбите на Башески вие, ако не со допир, со прст, тогаш со око нужно ги допирате неговите скулптури. А „допир со око“ е веќе синестезија, синестетичко искуство, преплет на сетила, во случајов на сетилото за вид, окото, со сетилото за допир.
Но дали сте сигурни дека со око (или со прст, сеедно) ги допирате скулптурите на Башески? Мислам дека не сте сигурни. Имате чувство како да се допирате себеси во Другиот. Идеална е во таа смисла скулптурата на човек како лежи во кревет со самиот себе. Таа е, всушност, генијална: не само што нè учи на она што пишувало уште во пророчиштето во Делфи – спознај се самиот себе, не само што ни тврди дека има едно невидливо огледало во секој од нас кое нашето „јас“ го дели на „јас кое гледа“ и „јас кое е гледано“, и дека двете стануваат „јас кое гледа дека е гледано“, туку нè учи на главното естетско начело и „верују“ на овој наш голем, генијален уметник: се допирам себеси во другиот. Затоа, оваа скулптура јас ја сметам за автопоетичка скулптура на овој автор. Таа ја објаснува поетиката на овој автор: огледалната структура е најблиску до дефиницијата на човекот. Погледни се самиот себеси. Ама како да си некој друг. Како „трето лице“. Можеби ќе научиш нешто за себе.
Според тоа, скулптурите на нашиот гениј се автогносеологија. Тие се и синестезија. И најчудно – бидејќи се хиперреалистични, тие се симболизам! Да се сетиме дека дури и симболистите тврдеа дека нивните надреални светови се реализам, повисок реализам од самиот „обичен“ реализам што ја имитира емпириската стварност. Тоа го тврдеа и надреалистите – нивната „повисока реалност“ ја сметаа за вистинска стварност, а својата уметност за вистински реализам. Во таа смисла, „хиперреализмот“ на Башески е толку надреален (затоа што е „повистинит од стварноста“) што може да се каже: Башески е и реалист, и симболист, и надреалист, дури и симулакрум уметник. Заеднички именител, крикот на неговите скулптури е највисокото начело на филозофијата: Крик по вистината, која е толку умножена денес, што станува – лага.
Знае Башески да биде и актуелен; да направи скулптура што праќа дури и идеолошка порака. Но тоа се исклучоци. Неговата главна естетска линија е – да се повтори подвигот на првиот Создател. А таква уметничка еруптивна енергија денес – речиси и нема. Затоа и велам: Башески е гениј. Тивок, како и секој гениј, зашто на гениите не им е потребен мегафон. Доволно е мермер, длето и ука како да се обложи со кожа артефактот. Креацијата. Браво, маестро!