Со зголемување на електронската трговија, особено во белгискиот центар на „Алибаба“, се промени природата на тргувањето, велат Камил Гајс и Питер Хаек за „Политико“
Оптоварување на работата на царинските служби
Во еден од најголемите центри за електронска трговија во Европа, на периферијата на аеродромот во белгискиот град Лиеж, царинските службеници признаваат дека речиси е невозможно следењето на приливот на производи и нивно проверување на илјадници страници од законодавството на ЕУ. И покрај плановите да им се дадат поголеми капацитети и да се удвојат вработените, одржувањето на контролата на квалитетот може да биде „многу тешко“, смета Арно де Вилде, шеф на Одделот за царинска контрола во Лиеж. Тој оцени дека службата секогаш има недостиг од персонал или време.
Не е ни чудо што Де Вилде и неговиот тим се борат да продолжат со работата. Логистичкиот центар во Лиеж е главната влезна точка во Западна Европа за кинескиот гигант за е-трговија „Алибаба“, бидејќи аеродромот обработува околу 3.000 тони товар вкупно секој ден. Огромниот обем на пакети на места како Лиеж и предизвиците со кои се соочуваат царинските службеници во следењето на протокот ги изложуваат европските потрошувачи на ризик од купување неисправни или дури и опасни производи, според групите потрошувачи. Ова, исто така, сугерира дека, иако Европската Унија (ЕУ) пишува ново законодавство за безбедноста на производите, Унијата не ја исполнува својата должност да обезбеди правилно спроведување на постојните правила.
Цариниците на аеродромот даваат сè од себе за да ги пресретнат производите што се во спротивност со регулативите на ЕУ. Но секој може да претпостави колку други неисправни или опасни производи се провлекле. Студијата од 2020 година на Европската организација на потрошувачи покажа дека две третини од производите што ги купиле на онлајн пазарите се во спротивност со законите за безбедност на ЕУ. Покрај зголемениот број на пакети, царинските агенти треба да постапуваат според правилниците на ЕУ, полни со регулативи, кои се движат од хемикалии до сајбер-безбедност за поврзаните уреди.
Промена на играта
Електронската трговија ја промени играта за безбедност на производите. Низ целиот свет, од царинските службеници и другите власти сѐ повеќе се бара да прегледуваат ситни пакети што милиони ги испорачуваат поединечно, наместо да се пренесуваат со контејнери што превезуваат стоки на големо, што го отежнува извршувањето на физичките инспекции, кои остануваат најефективниот начин да се спречат неисправните стоки. Наместо да воведат повисоки стандарди за електронските трговците на мало, политичарите обично им овозможуваат слободен прием, а токму аеродромот во Лиеж е таков пример. За белгиските политичари како поранешниот премиер Шарл Мишел, кој сега е претседател на Европскиот совет, како и поранешниот министер за надворешни работи Дидие Рејндерс, сегашен еврокомесар за заштита на потрошувачите, привлекувањето на „Алибаба“ беше дел од планот за заживување на економијата на Лиеж, со што се отворија илјадници нови работни мести на аеродромот по деиндустријализацијата на градот.
Состојбата на терен
Малкумина би ја оспориле важноста на работните места што ги носат логистичките центри или корисноста за потрошувачите што може да ја обезбедат сајтовите за е-трговија. Прашањето е како, па дури и дали, царинските службеници можат да продолжат. Властите исто така се обидуваат да се координираат на европско ниво, означувајќи ги прекршоците на колегите во другите земји на ЕУ, така што производителот не може лесно да ги пренасочува неисправните производи на други пазари. ЕУ има систем за брзо предупредување преку кој циркулираат информации за опасни производи меѓу националните власти. Моторните возила и играчките се највисоко рангирани на листата на небезбедни производи во 2021 година.
Пратениците на ЕУ, исто така, работат на зајакнување на правилата за безбедност на производите на Унијата, со преглед на таканаречената Општа регулатива за безбедност на производите, што се очекува да биде завршена оваа година. Сепак, прописите се исто толку добри колку и способноста да се постапува по нив. Надвор од прашањата за капацитетот, постои и потреба од експертиза за постојано растечкиот опсег на категории производи, секоја со свои правила на ЕУ.
Но генерално службениците се потпираат на други власти кога станува збор за безбедноста на производите или на производителите кога станува збор за фалсификувани производи. Секоја недела, претставниците на најмоќните брендови на светот имаат состаноци со царината за да ја проценат потенцијалната фалсификувана стока што била запленета претходната недела. За други видови неисправни или опасни производи, царината на Лиеж има контакти со други владини органи: локалните телекомуникациски оператори, регулаторот за безбедност на храната и агенцијата за безбедност на лекови.