Фото: Принтскрин

Михаил Горбачов, последниот советски лидер и миленик на Западот денеска ќе биде погребан без државни почести и без присуство на рускиот претседател Владимир Путин и западните лидери.

Горбачов стана херој на Западот затоа што помогна да се стави крај на Студената војна, да се олесни обединувањето на Источна и Западна Германија и да се склучи договор за контрола на оружјето со САД. Меѓутоа, многу Руси не може да му го простат тоа што не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, како и економскиот хаос предизвикан од неговата „перестројка“.

Горбвачов почина во вторникот на 92-годишна возраст, а московјаните ќе можат да го посетат неговиот одар во импозантната Сала на колоните, недалеку од Кремљ, каде што им се оддава последна почест на поранешните советски лидери.

Простувањето на Русите од Горбачов светските агенции го пренесуваат во живо.

Ќерката на Горбачов, Ирина, најави дека погребот ќе биде скромен. Тој ќе има воена почесна гарда околу одарот, што е само еден елемент на државните почести, соопшти Кремљ.

Тоа е минимално во споредба со националниот ден на жалост и државниот погреб во главната катедрала во Москва што се одржа во 2007 година за поранешниот руски претседател Борис Елцин, пишува „Политико“. Тој беше клучен во соборувањето на Горбачов додека се распадна Советскиот Сојуз, а подоцна лично го избра Путин за негов наследник. И покрај тоа, Горбачов, како и Елцин, ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи, покрај неговата сопруга Раиса, која почина пред 23 години.
Денот на Јелциновиот погреб беше ден на национална жалост, а церемонијата беше емитувана во живо на руската државна телевизија. На неговиот гроб, Путин истакна: „Патот на Јелцин е уникатен како и судбината на нашата земја, која помина низ невидена трансформација и тешки превирања за да ја одбрани својата држава и нејзиното право за слободен и независен развој“.

Спротивно на тоа, Кремљ чекаше неколку часа по смртта на Горбачов пред да објави соопштение од Путин, а кога дојде, тоа беше лаконско и нејасно. Во него, Путин му изрази сочувство на семејството на Горбачов, придружено со мошне контрадикторен комплимент бидејќи тој рамнодушно истакна дека Горбачов е „политичар и државник што имаше огромно влијание врз текот на светската историја“ – без да разјасни дали тоа било добро или лошо.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, донекаде ја пополни реторичката празнина, велејќи им на новинарите дека Горбачов „искрено сакаше да верува“ дека Студената војна ќе заврши и дека ќе осамне „нов романтичен период“ „меѓу обновениот Советски Сојуз“ и западните сили. „Тие романтични очекувања не се остварија. Крвожедната природа на нашите противници излезе на виделина и добро е што навреме го сфативме тоа“, додаде тој.
Со други зборови, Горбачов бил наивен и си дозволил да биде сопнат од западната бескрупулозност – повеќе будала отколку лукав. Возвишуван во Западна Европа и САД, Горбачов, на многу начини, беше идеализиран од погрешни причини. Многу често, тој беше идентификуван како либерал, иако никогаш не сакаше Советскиот Сојуз да се распадне. Тој ги повика советските републики да останат во еден реформиран Советски Сојуз, испраќајќи војници да ги задушат сепаратистите во Грузија, Латвија, Литванија и Азербејџан. Неговите реформи немаа цел да го срушат комунистичкиот систем, туку да го поправат, пишува Политико.

Горбачов беше политички лидер на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 година и генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, а меѓу историчарите се смета за една од најзначајните личности од втората половина на дваесеттиот век. Многу западни лидери изразија сочувство за смртта на Горбачов, кој помогна во надминувањето на разделениот биполарен свет пред три децении.
Роден е на 2 март 1931 година, во градот Приволноје, во близината на Ставропол, јужна Русија. Ѝ се приклучил на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во 1952 година, на 21-годишна возраст, а неговата кариера забрзано напредувала и во 1970 година бил назначен за прв секретар за земјоделство, а следната година станал член на ЦК. Од 1972 година беше шеф на советската делегација во Белгија, а две години подоцна, во 1974 година, стана претставник во Врховниот совет и претседател на постојаната комисија за младински прашања. Во 1979 година, Горбачов беше унапреден во Политбирото. По смртта на Константин Черниенко, Михаил Горбачов беше избран за генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, на 11 март 1985 година. Тој стана првиот партиски лидер роден по Руската револуција во 1917 година.
Тој ја презеде врвната функција во Кремљ во 1985 година, во време на таканаречената Студена војна меѓу Западот и Источниот комунистички блок, и го почна процесот на отворање на СССР и на дипломатско приближување со Западот. Како лидер на Советскиот Сојуз (најголемата држава на светот, со 15 републики), Горбачов се обиде да ја реформира владејачката Комунистичка партија, но и државниот и општествен систем во лидерот на Варшавскиот пакт. Соработуваше со двајца американски претседатели, Роналд Реган и Џорџ Буш Постариот.
Најпознатите руски зборови што се пробија и во западниот говор беа општествените иновации на Горбачов: „гласност“ (предвидуваше отвореност на системот за информирање на граѓаните), „перестројка“ (реструктурирање и реформа на општеството и економијата) и „ускорение“ (забрзување на економскиот развој). Неговото владеење беше обележено и со првите ефективни договори за контрола на нуклеарното оружје. Во 1986-та се случи катастрофата во централата „Чернобил“, најголем нуклеарен инцидент во историјата. Во февруари 1988-та, Горбачов објави повлекување на советските сили од соседниот Авганистан, каде што Советскиот Сојуз изврши инвазија во 1979 година. На крајот на 80-тите години и почетокот на 90-тите години од минатиот век, ерата на Горбачов заврши, тој доби Нобелова награда за мир, а СССР и Источниот блок се распаднаа.