Од она што е веќе јавно познато, во однос на количеството на материјалот и нивоата на класификација, дури и да постои некаква можна „прекумерна класификација“ што ја лиферуваат американските медиуми, може да се заклучи дека погрешното постапување со овој материјал претставува сериозна опасност за американската национална безбедност. Сепак, претседателот на државата располага со документи од високодоверлив карактер, вредни по својата содржина, а не новински исечоци… Засега нема ништо конкретно од надлежните органи што интензивно го истражуваат случајот

Сериозен престап на поранешниот претседател на САД или „лов на вештерки“

Постапката на поранешниот претседател Доналд Трамп, наводно, незаконски да пренесе сериозно количество класифицирани документи во својата резиденција на Флорида, отвори многу прашања и, очекувано, ја вознемири јавноста. Најголемите критичари на Трамп во фокусот го ставаат прекршувањето на Законот за претседателски досиеја, додавајќи дека дури и ако не бил вклучен доверлив материјал, сепак, треба да се земат предвид последиците по националната безбедност од ваквата постапка. Притоа се укажува и дека ова е своевиден преседан, за разлика од поодговорното однесување на другите поранешни американски претседатели.
Кога американските претседатели ќе ја напуштат функцијата, тие мора да ѝ ги предадат сите свои документи и е-пошта на владината агенција наречена Национален архив, а Трамп ги однел од Белата куќа на Флорида, во јануари 2021 година. Тој негира дека сторил нешто лошо, велејќи дека документите се декласифицирани и тврди дека тоа е „лов на вештерки“.
Целиот скандал беше обелоденет благодарение на едно писмо од 10 мај од вршителот на должност архиварка на САД, Дебра Вол, до еден од адвокатите на Трамп, во кое таа ги одбива тврдењата на претставниците на Трамп дека на поранешниот претседател треба да му се дозволи да задржи некои од документите врз база на извршна привилегија од неговото време во Белата куќа. Во нејзиното писмо се вели дека има „над 100 документи со ознаки за класификација“ во 15 кутии со материјали што Владата ги извади од Мар-а-Лаго во јануари оваа година, кога ФБИ и американските архивари собраа кутии со доверливи материјали од зимската резиденција на Трамп и приватниот клуб на брегот на Атлантикот.
Но, како да не беше доволно тоа, особено откако адвокатите на Трамп тврдеа дека овој материјал е сè што постои, па ФБИ минатиот месец пронајде и заплени нови кутии, со уште повеќе доверливи материјали, од резиденцијата на Трамп. Официјално не е објавен бројот на документите што биле чувани, но извештаите во медиумите сугерираат дека Трамп пренел на Флорида повеќе од 300 класифицирани документи, со тоа што бројот на страници е веројатно повеќекратно поголем од оваа бројка.
Јавноста сè уште не знае детали за содржината и не треба да очекува да дознае. Но од она што е веќе јавно познато, во однос на количеството на материјалот и нивоата на класификација, дури и дозволувајќи некаква можна прекумерна класификација, може да се заклучи дека погрешното постапување со овој материјал претставува сериозна опасност за националната безбедност. Речиси сигурно е вклучен ризикот за разузнавачките извори и методи, како и оној за чувствителните аспекти на американската дипломатија.
Компромитирање на информациите и нивно стекнување од непријателски сили може да се случи или преку директно добивање несоодветно обезбеден материјал или со регрутирање луѓе што имале пристап до нив, пишува „Нешенел интерест“.

Процени од штетите

Во овој момент е тешко да се направи реална процена каква е штетата од ваквата постапка на поранешниот претседател. Како што се наведува во писмото на спомнатата архиварка, обидите на адвокатите на Трамп да го замрзнат секое испитување на материјалот во Владата, со неверојатни тврдења за извршна привилегија, го одложија со месеци започнувањето на процената на штетата што ја покрива првата серија на откриени документи. Процените на штетите се најефективни за ограничување на понатамошната штета кога се изведуваат што е можно побрзо. Одговорите на таквите процени може да вклучуваат евакуација на извори на човечко разузнавање од области каде што тие може да бидат во опасност или преструктурирање на употребата на системите за техничко собирање информации.
Згора на тоа, како што потенцираат американските медиуми, е индиректниот ефект што непочитувањето на Трамп на правилата за заштита на материјалот за национална безбедност може да го има врз подготвеноста на многу пониски функционери што сè уште се во Владата да ги почитуваат тие правила. Поголемиот дел јавни службеници со пристап до таков материјал ќе продолжат да ги почитуваат правилата. Но потребно е само едно лице да предизвика значителна дополнителна штета со тоа што ќе одлучи дека не треба да биде повнимателно во справувањето со тајните отколку што бил поранешен претседател.
Што можел да направи (или можеби веќе направил) Трамп со тие документи? Фалењето со нивното поседување е веројатно најмалку штетната можност, иако секое неовластено откривање класифицирани материјали носи ризици. Друга можност е намерна саботажа на политиките на наследничката администрација преку селективни протекувања, во кои штетата би дошла и од компромисот на доверливите информации и од поткопувањето на надворешната политика на САД.
Многу прашања бараат одговор од надлежните служби, а јавноста со особено внимание ќе ја следи разврската. Од конечниот исход веројатно ќе зависат и многу натамошни постапки на државната администрација.

Подготвил: Mарјан Велевски