фото: Архива

Изминатиот период можеа да се забележат голем број домашни, но и странски реакции поради лошата состојба на македонските патишта и превисоката цена на патарините. Се поставува дилемата дали македонските граѓани плаќаат најскапи патарини во Европа и каде завршуваат тие пари

Македонија е една од земјите што се користат за транзит, особено во летните периоди, кога многумина од државите во опкружувањето, а особено од Србија, Босна и Херцеговина, Романија, Унгарија, па и подалечните земји, заминуваат на годишни одмори претежно во Грција. Летово повторно бевме сведоци на зголемена фреквенција на возила и неколкучасовен застој на граничните премини како последица на годишните одмори. Тоа е веројатно и одлична можност за заработка и преку наплата на патарините, кои за наши услови, сепак, се прескапи. Дури за одредени делници многу повеќе ќе ве чинат патарините отколку горивото што ќе го потрошите за да стигнете до посакуваната дестинација. Состојбата на патиштата е сосема друга приказна. За вакви крш патишта, полни со дупки и нерамнини, веројатно пологично е возачите да побараат отштета наместо да плаќаат скапи патарини.

ИЛЈАДА ДЕНАРИ ЗА КРШЕЊЕ ВОЗИЛО

Речиси илјада денари или, поточно, 720 денари во двата правца ќе ве чини патот до Гевгелија и назад. На овој потег, од Скопје кон Гевгелија или кон граничниот премин Богородица, има вкупно пет патарини, секоја од нив со различни цени, во зависност и од видот на возилото со кое патувате.
Па, така, на патарината Петровец, износот што треба да се плати е 40 денари. По оваа патарина следува Сопот, или за возачите повеќе нарекувана „патарината кај Велес“, за која треба да одвоите 80 денари. Кај Градско износот е 60, Демир Капија 80, а веќе пред граница, или кај Гевгелија, последната патарина изнесува 100 денари. Во еден правец треба да издвоите 380, а за враќање назад исто толку. Вкупно, само за патарини износот е 720 денари.
Тоа е повеќе отколку што би ве чинело горивото или плинот за истата оваа релација. Во западните земји тоа воопшто не е така и патарините се многу пониски во однос на стандардот во тие држави. Се поставува дилемата дали македонските граѓани плаќаат најскапи патарини во Европа и каде завршуваат тие пари.
Она што најмногу ги револтира возачите е фактот што состојбата на автопатот, особено на оној за враќање назад е очајна. Делови од него, во должина од неколку километри, се преполни со грпки, на кои возилото буквално отскокнува од асфалтот. На одредени места има и нерамнини и дупки, кои може да бидат фатални доколку не ги забележите навреме и не ги избегнете.
Македонските граѓани, но и странците што транзитираат низ земјава за да стигнат до својата конечна дестинација реагираат дека цената на патарините е многу висока, а патот е во очајна состојба.
– Никаде не е вака како кај нас. Патот е буквално крш, ама затоа цената на патарините е „солена“. Особено на потегот кон Гевгелија. Целиот асфалт е со грпки, возилото буквално потскокнува додека возите. Сите возила кочат кога се движат на овој потег, а иако е автопат, чиј тек е навистина одличен и дозволената брзина би можела да биде 120, тука, за жал, ограничувањето е 80, само поради тоа што е невозможно да се движите со поголема брзина – вели Благоја Здравковски, скопјанец што летово патувал за Грција.
Ништо подобра, односно полоша е реакцијата на странските државјани што земјава ја користеа како транзит. И на социјалните мрежи се советуваат нивните сограѓани да внимаваат на тој потег како возат, бидејќи постои можност дури и да си ги искршат возилата.
– Оние што се со тежок или проблематичен стомак и кои страдаат од стомачни тегоби при патување, на овој потег ќе доживеат кулминација на состојбата. Замислете, патував од Белград и кон Белград, ама ваков пат никаде не сретнав. Не дека сум нешто научен да возам на писти, меѓутоа коловозот тука е катастрофален. За нас, странците, патарините се наплатуваат нешто поскапо, а реално, и тие пари се многу за условите на патиштата – вели Срѓан Милетиќ, српски државјанин што транзитирал со своето семејство низ земјава.

ДЕЛ ОД АВТОПАТОТ ЌЕ СЕ САНИРА

Од јавното претпријатие за државни патишта велат дека во процедура е изборот на изведувач на работите на најоштетениот дел од делницата ТЕЦ Неготино -излез Неготино, со што ќе се овозможи почеток на санацијата.
– Во однос на дозволената брзина, во овој дел на автопатот максимална дозволена брзина е 80 км на час. Исто така, стои и знак за предупредување за нерамен коловоз. Инаку, одржувањето на патиштата е во надлежност на јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта („Македонија пат“), но со оглед на сериозноста на состојбата од овој дел од автопатот, ЈПДП ги презема активностите за санација на патот – информираа од претпријатието.
Добра најава е тоа што конечно ќе се санира овој дел, кој им причинува главоболки на возачите. Сепак, не е добро тоа што измина уште едно лето во кое државата доби лоши критики за негрижата на автопатот, кој е дел од паневропскиот меѓународен коридор 10, т.е. меѓународната рута Е-75.
Со одлука на Владата во 2008 година, автопатот го доби името Александар Македонски, за десет години подоцна, во 2018 година, да биде преименуван во автопат Пријателство, во знак на пријателство помеѓу Македонија и Грција.
Возачите, пак, што често ја користат оваа делница воопшто немаат чувство дека името на патот соодветствува и со условите и давачките за него. Или, со други зборови, овој автопатот и не баш пријателски настроен кон возачите.