Познатото софиско книгоиздателство „Персеј“ го објави бугарскиот превод на збирката раскази „Човечулец“ од Александар Прокопиев. Преводот од македонски е на Деница Проданова. Со тоа се заокружуваат преводите на „Човечулец“ на балканските јазици (турскиот, српскиот, хрватскиот, бугарскиот, албанскиот), а книгата досега е објавена и во Британија, Италија, Полска, Египет…
Оригинален, со чувство за хумор и ерудиција, автор за сите поколенија, Александар Прокопиев напишал волшебна и остроумна книга, што ќе ни даде уникатно читателско уживање. Тој раскажува за вината и прошката, за товарот на победите и поразите. Неговите сижеа преплетуваат современи стории со приказни, легендарни и митолошки мотиви. Така, писателот прави свои интерпретации на „Дивите лебеди“ и „Снежана“ или ни го покажува светот низ очите на грдото вонбрачно дете, на човекот со едно крило, кој се пресвртува во цар на птиците, на туѓинецот што припитомил змијулче, на алхемичарот што се обидува да создаде човече под стаклено ѕвоно – пишува издавачот „Гудридс“ во својата препорака на книгата „Човечулец“.
Писателот, есеист и литературен критичар Александар Прокопиев во 2011 година беше лауреат на меѓународната книжевна награда „Балканика“ токму за оваа книга, по што се појавија голем број преводи низ светот. „Човечулец“ e оригинално видување на светски познатите бајки како инспиративен уметнички жанр, богат со вистини за животот, за љубовта и страста за пишување, за човечката отуѓеност и површност, но и за молкот на интелектуалците… Книгата „Човечулец“ е составена од 16 уметнички бајки за возрасни, кои ги актуализираат важните, универзални вредности.