Србија
Во Србија сѐ повеќе домашната слава се прославува во ресторани, како да е свадба, и таа стана начин за искажување на финансиската моќ
Домашната слава за српските семејства, покрај Божиќ, претставува најважен ден во годината, но и голем издаток за семејниот буџет. Сезоната на домашни слави почнува од овој месец и трае до крајот на јануари. Србите сакаат да бидат добри домаќини, за да не се посрамотат пред гостите, па за достојна прослава на домашниот верски празник го купуваат и она за што немаат пари. Граѓаните се снаоѓаат како знаат, се задолжуваат кај пријатели и роднини, подигнуваат кредити, плаќаат на почек или на рати, само за да бидат подготвени за пречекот на гостите.
Просечно еден домаќин, како што пишува порталот „Србија данас“, троши најмалку 30.000 динари, под услов сам да ја приготвува храната. Доколку има повеќе од 20 гости, што најчесто се случува, вкупната цена за прославата достигнува до 500 евра. Оние што имаат повисок стандард даваат повеќе од илјада евра, а најмногу трошат за поскапи вина и виски, квалитетни предјадења, салати, разновидни сирења и секако печено месо или риба. Некои сакаат да донесат и музичари, и домашната слава се претвора во општа веселба, која трае до доцна во ноќта.
Претседателот на Националната организација на потрошувачи на Србија, Горан Паповиќ, вели дека луѓето не би требало да претеруваат со купувањето намирници на сметка на нивниот скромен месечен буџет.
– Многу работи се купуваат непотребно, а потоа се фрла и неискористената храна. Домаќините не сакаат да се покажат во лошо светло пред гостите и сакаат да ги исполнат своите очекувања. Би апелирал луѓето да не се задолжуваат, да не колат вол за две шницли и од секоја слава да не прават веселби како за свадба – вели Паповиќ.
Тој објаснува дека трговците добро го познаваат карактерот на српскиот народ и затоа плански ги зголемуваат цените во сезоната на слави.
– Тоа било и секогаш ќе биде. Цените за печеното месо задолжително расте, а ако славата е посна тогаш поскапува рибата. И во трговските фирми го следат верскиот календар и се приспособуваат на состојбата на пазарот – вели Паповиќ.
Во Србија сѐ повеќе домашната слава се прославува во ресторани, како да е свадба или испраќање војник, посочува верскиот аналитичар Драшко Ѓеновиќ.
– Славата стана начин на искажување на финансиската моќ. Да не заборавиме дека за одбележување на домашната слава се потребни жито, славско лепче и свеќа. Славата е во чест на домашниот заштитник – светец. Но ако ги прашате луѓето кој бил тој светец, половина од нив нема да знаат да ви одговорат. На пример, половина Србија го слави Свети Никола, а другата половина им оди на гости. Но ако ги прашате и двете страни да ви кажат повеќе детали за овој светец, многумина нема да знаат – вели Ѓеновиќ.
Домашната слава е народно-црковен обичај и е поврзан со денот за одреден христијански светител. Таа е толку карактеристична за Србите што претставува знак за нивното препознавање и идентификација. Домашната слава во семејството се наследува од колено на колено, а во 2014 година е впишана во регистарот на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.