Саудискиот принц им дозволи на жените да возат, но смртта на Џамал Кашоги го откри неговото вистинско лице, пишува за „Гардијан“ Дилип Хиро, авторот на „Студена војна
во исламскиот свет: Саудиска Арабија, Иран и битката за надмоќ“

Укинувањето на забраната за возење за саудиските жени во јуни беше прикажано низ светот како дел од модерната, либерална агенда на новиот принц, Мохамед бин Салман. И покрај тоа, саудиските власти им наредија на активистките за женски права да не говорат во нивна полза. Пораката на властите беше дека тоа што е понудено е подарок од кралот Салман и од неговиот син, а не е резултат на кампањата на активистките. Всушност, саудиската влада еден месец претходно уапси 11 од овие активистки. Сето ова покажа дека работите ќе останат по старо. На повеќе начини, принцот веќе беше подеспотски расположен од претходните лидери, па, така, сомнителните настани во Истанбул околу смртта на Џамал Кашоги во саудискиот конзулат не би требало толку да се шокантни, како што изгледаа на почетокот, пишува за „Гардијан“ Дилип Хиро, авторот на „Студена војна во исламскиот свет: Саудиска Арабија, Иран и битката за надмоќ“.

Околу 30 саудиски свештеници, писатели и интелектуалци лани летото беа затворени поради искажувањето на своето противење на политиките на кралското семејство, предводено од Бин Салман. Токму во тој период, чувствувајќи дека му се заканува апсење, Кашоги замина во Вашингтон. На познатиот новинар и уредник, со тридецениска кариера, му беше забрането да објавува статии или да се појавува на телевизија во декември 2016 година, по неговите критики за американскиот претседател Доналд Трамп. Во своите колумни во „Вашингтон пост“, Кашоги остро ги критикуваше саудиската дипломатска и трговска блокада на Катар, принудувањето на либанскиот премиер Саад Харири да поднесе оставка, како и прогонот на дисидентите и медиумите.

Пред преземањето на тронот од принцот Салман бин Абдул Азиз во јануари 2015 година, саудиската монархија дозволи поголема слобода за вахабиските религиозни лидери, и ги замолчи дисидентите, користејќи заплашување, корумпирање и, како во случајот со противниците од странство, периодични киднапирања. Со брзиот подем на решителниот Бин Салман, сето ова се смени. Тој ги зграпчи сите центри на моќ, и тоа не само во Владата, туку и во „Сауди Арамко“, најголемата нафтена корпорација во светот, како и во градежништвото и медиумите. Бин Салман го постигна тоа под закрилата на очигледно популистичката антикорупциска кампања во ноември 2017 година, кога затвори 326 бизнисмени и принцови во хотелот „Риц-Карлтон“ во Ријад. Претставници на кралскиот суд тврдеа дека притворените се товарат за кражба на финансиски имот од Владата. Токму во тој момент, владејачкото дуо во кралството ги елиминира своите ривали за власта, вклучувајќи и потомци на поранешниот крал Абдул. Неговиот син, принцот Мутаиб, беше отстранет од командната позиција на моќната Национална гарда. Покрај тоа, принцот Алвалид бин Талал, најбогатиот Саудиец со богатство од 17,4 милијарди долари, беше затворен во „Риц-Карлтон“ речиси 12 недели. На крајот, тој сепак беше ослободен. Во јануари, безбедносните служби уапсија 11 принца по нивното одбивање да ја напуштат историската палата „Каср ал Хокм“ во стариот дел на Ријад. Тие беа притворени во затворот со максимално обезбедување „Ал хир“.

Наспроти тоа, судбината на дисидентските свештеници, писатели и интелектуалци, кои се во притвор без судење, и натаму останува непозната. Исто така, непозната е судбината на 56 лица притворени во „Риц-Карлтон“, кои беа доволно храбри да им се спротивстават на принудите и заканите, и кои беа префрлени во традиционални затвори. Овие прогонети групи останаа обезличени, и се меѓу првите жртви на тоталитарниот режим во подем под раководство на 33-годишниот Бин Салман. И покрај тоа, историјата покажува дека бруталниот прогон на дисидентите го доведува народното незадоволство до точка на вриење, и тоа со катастрофални последици. Кралот Салман е доволно стар за да се сеќава што му се случи на иранскиот шах. Тој би требало да ги сподели своите сеќавања со својот најомилен син.


Трамп бара објаснување, ама не и санкции

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека не е задоволен со објаснувањето на Саудиска Арабија за смртта на новинарот Џамал Кашоги. Трамп беше еден од ретките лидери што досега не ги критикуваше Саудијците и сѐ уште е на ставот дека саудискиот престолонаследник, принцот Бин Салман, можеби не знаел за убиството на новинарот. Трамп вели дека се можни санкции, но нагласи дека стопирањето на купопродажните договори за оружје повеќе ќе им наштетат на САД отколку на Саудиска Арабија, јави Би-би-си.
Саудиска Арабија во петокот првпат призна дека Кашоги е мртов, велејќи дека бил убиен во тепачка во нејзиниот конзулат во Истанбул. Од друга страна, турските власти веруваат дека Кашоги бил ликвидиран, а потоа искасапен.