Големиот национален празник Илинден беше одбележан со низа пригодни манифестации, на кои лидерите и интелектуалците испратија различни пораки до јавноста и граѓаните. Во продолжение ги издвојуваме клучните аргументи од обраќањата на премиерот Ковачевски од Мечкин Камен, од лидерот на опозицијата Мицковски од Ташмаруништа, од претседателот на Собранието Џафери од Пелинце, како и пораките на интелектуалците од семакедонската средба во Трново
Премиерот Ковачевски во своето обраќање на Мечкин Камен, во Крушево, порача дека Илинден е длабоко врежан во нашиот код. Илинден е нашиот код. Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови.
– Стоиме денес исправени во чест на нашето минато и им оддаваме длабока почит на илинденците, кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската Република, заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост – и даваме збор. Идејата илинденска и асномска, за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешнината, и од неа назад – нема! Има само напред!
Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани еднакво. Денес, нашиот поглед е свртен кон иднината, исто како и погледот на илинденците и во 1903-та и во 1944-та и во 1991-та. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава – истакна Ковачевски.
Меѓу другото, тој порача и дека нема поголем државен приоритет од патот напред, кој носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните и затоа Илинден треба да биде нашата сила за нашата иднина, додаде Ковачевски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се обрати пред меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
– Денес, како и секојпат на овој ден, ги одбележуваме двата Илиндена и годишнини, 119-годишнината (1903) од Крушевската Република и 78-годишнината (1944) од заседанието на АСНОМ, што се двата столба врз кои се темели државотворноста на земјата и верувам дека годинешното мото утврдено од Организацискиот одбор не може да биде посоодветно и
попогодено, односно „Илинден – нашата сила за иднината“. Затоа што, Илинден навистина е единствениот концепт што ги опишува вредноста и основата од која сите поаѓаме и во која наоѓаме сила за продолжување понатаму во градењето на заедничката иднина на нашата заедничка држава – истакна Џафери.
И претседателот на државата Стево Пендаровски имаше редица активности по повод празникот.
Претседателот Стево Пендаровски, со македонска државно-црковна делегација, по пауза од 18 години, на Илинден беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Toj изјави дека е договорено во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи со Србија, која ќе треба да ги договори идните прослави на 2 Август во манастирот.
По посетата на манастирот, каде што положи цвеќе, Пендаровски им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на поглаварот на СПЦ, Порфириј, затоа што, како што рече, ни овозможиле по 18 години пауза да одиме на ова свето место и да го одбележиме најголемиот македонски државен празник.
– Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и, знаете, од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место, тука, да го прославиме тој празник, па, знаете, правевме некои алтернативни паралелни прослави во близината, меѓутоа не и овде, каде што навистина е одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која 2 Август, тоа е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и оттука натаму се разбира дека, како што велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да им оддадеме почит на оние што ја формирале македонската држава во 1944 година – изјави Пендаровски.
Тој дополни дека со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ договориле во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи, која ќе треба да ги договори сите детали за идните прослави.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се обрати пред присутните на собирот во Ташмаруништа по повод празникот Илинден.
– Епска е нашата столетна борба за слобода, во која се нижеа падови, но и победи, една ретка крвава драма, препочна со страдања, горчина, треперења и мирис на барут, кој еднакво ги следеше и нашиот копнеж за слобода и верувањето во идеалите. Првиот Илинден е светол, иако Крушевската Република беше крваво задушена, а неуспехот да се ослободиме беше страдањето што Македонците го прифатија и се носеа со него затоа што не престанаа да веруваат. А, знаеја дека таа борба за своја држава вреди, а успехот дојде четириесетина години по првиот Илинден, отелотворен во асномска Македонија, Македонија на Ченто, на Петре Пирузе, на Михајло Апостолски, една цела плејада херои што ја креваа главата гордо високо, кога многумина им велеа дека треба да клечат – истакна Мицковски.
Ваквата историска читанка ни вели дека Македонија и Македонците секогаш, без оглед и на периодите на очигледна слабост на капацитетот на елитите да водат во одредени моменти, раѓала поединци чии дела ечеле во немиот простор на суровата реалност на беспаќата, безнадеженоста на духот на нацијата и безволноста да се продолжи борбата.
– Тие поединци ја правеле разликата од преостанатите и биле примерот во кој народот верувал и по кој тргнувал во борба да го отсонува својот сопствен сон. Овие татковци на нацијата ја пишуваа нашата историја и го водеа нашиот народ. И тие не клечеа, не се колебаа, не тргуваа со светите работи за нашата кауза. Нивните имиња денес ги изговараме со особено чувство на почит и со трепет во нашите срца, затоа што тие веруваа во идејата од која многумина се откажуваа – нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање пред присутните во Ташмаруништа. Н.М.