Турција ја користи својата новооткриена стратегиска важност, а ќе продолжи да го прави тоа и во блиска иднина, истакнува Натали Точи за „Политико“
Останува ли Анкара во западното јато?
На последниот самит на НАТО во Мадрид, Турција официјално го укина своето вето за членството на Шведска и на Финска, што е извонредно достигнување на генералниот секретар Јенс Столтенберг и кое беше сè само не уверено. Пред самитот на Алијансата во Мадрид, трите земји се согласија за збир на чекори што имаат цел да ја уверат Анкара за ставот на скандинавските земји кон Курдистанската работничка партија (ПКК), како и за укинување на ограничувањата за продажба на оружје на Турција. Згора на тоа, американскиот претседател Џо Бајден даде зелено светло за продажбата на борбени авиони „ф16“ на Анкара, иако тоа сепак ќе треба да го помине тестот на Конгресот.
За возврат, Анкара ја поддржа поканата на НАТО за Хелсинки и за Стокхолм. Ова, веројатно, е само увертира на она што следува во тековниот танц на Западот со Турција. Всушност, до турските претседателски избори следната година, на кои Реџеп Таип Ердоган ќе бара реизбор на стогодишнината од Републиката, Западот треба да се подготви за веројатно нови предизвици со Анкара.
Односите меѓу Турција и Западот се како плима и осека. За волја на вистината, од средината на 2000-тите, врските се влошија, но стапката на влошување е променлива. Сегашната динамика сега наликува на онаа од пред две години, кога се разгореа тензиите во источниот Медитеран, при што Грција и Турција опасно се приближија до раб на судир. Лошата вест е дека тогаш, како и сега, Ердоган го искористи меѓународниот статус на својата земја, ескалирајќи ја својата надворешна политика за да извлече домашна политичка добивка. Добрата вест е дека во 2020 година, ескалацијата не се случи и постојат надежи дека така и ќе остане. Иако односите на Анкара со Западот можеби се тензични, а самиот Ердоган, веројатно, би сакал да искористи и други шанси што му се нудат, сепак Турција останува во западното јато.
Засилено влијание во регионот
Уште во 2020 година, турската воена интервенција во Либија спречи Триполи да падне во рацете на Халифа Хафтар. Создавајќи рамнотежа на силите меѓу ривалските фракции и нивните соодветни регионални поддржувачи, ова доведе до прекин на огнот подоцна истото лето, но иако не го зацврсти мирот, како што денешните случувања во голема мера покажуваат, привремено го запре насилството и спречи поделба на Либија. Тоа, исто така, ја консолидира улогата на Турција во земјата и го засили влијанието на Анкара во регионот. Потоа, Ердоган ја искористи таа улога за да ја смени геополитичката динамика што се зацврстуваше во источниот Медитеран во текот на претходните години. Поттикнати од откритијата за наоѓалишта на гас и вртејќи се околу старите ривалства, во регионот се јави зачеток на оската меѓу Кипар, Грција, Египет, Франција, Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) против Турција.
Турција го искористи зајакнатиот статус во Либија за да ги ескалира тензиите во источниот Медитеран, а тоа служеше за целта да се добие домашна поддршка за Ердоган. Всушност, кога станува збор за надворешната политика, особено во Медитеранот, Турците се релативно обединети во верувањето дека им е нанесена неправда од Западот, а особено од Европската Унија (ЕУ), со членството на Кипар во 2004 година. По изборот на Бајден, Ердоган направи чекор назад, реактивирајќи ги билатералните разговори со Грција и преминувајќи кон подобрување на односите со Египет, ОАЕ, Израел, како и со Саудиска Арабија. И иако односите со ЕУ и САД не се подобрија драматично, разговорите за санкции исчезнаа.
Улога во украинскиот конфликт
Но, сега, конфликтот во Украина уште еднаш ја зајакна турската моќ, а амбициозниот Ердоган се чини дека сака да ја искористи секоја можност што ќе му се укаже. Во раните фази на украинскиот конфликт, Турција се позиционираше како посредник меѓу Москва и Киев, а потоа ги искористи апликациите за членство во НАТО на Шведска и на Финска за да извлече придобивки. Сега, таа може да бара предности и од руската блокада на Црно Море, со оглед на нејзината улога во Конвенцијата на Монтре од 1936 година за контрола на Босфорот. Турција е присутна во сите договарања, без разлика дали ќе се преговара со Русија преку ОН или еднострано спроведена од коалиција да се испорача житото од Украина. Таа, исто така, игра клучна улога во гасната загатка од источниот Медитеран, чија стратегиска важност се зголеми како што Европа се откажува од рускиот гас.
Ердоган в година ќе се бори за реизбор
Со изборите закажани за јуни 2023 година и со проблемите во економијата, Ердоган повторно игра на карта на национализмот, поттикнат од таквите надворешнополитички маневри и конфронтации. Со зголемувањето на инфлацијата од близу 79 отсто, вредноста на лирата постојано се намалува, а Ердоган не сака да се откаже од неговото одбивање да ги зголеми каматните стапки. Турската економија се бори со проблеми и, веројатно, нема да се подобрат нејзините изгледи во наредната година.
И покрај постигнатиот договор за апликациите за членство на Шведска и на Финска во НАТО, треба да се очекува Ердоган да продолжи со амбициозноста и да ги ескалира споровите околу Сирија, источниот Медитеран или пошироко за односите на Турција со САД и со ЕУ. Само што се исуши мастилото на меморандумот за соработка меѓу Шведска и Финска, турскиот претседател побара екстрадиција на 73 члена на ПКК.
Кога станува збор за Ердоган, нема лесно решение за западните лидери. Оставањето на вратата широко отворена за него би го охрабрило турскиот лидер, додека затворањето ќе му овозможи само уште повеќе да го разгори национализмот. Фактот дека Турција отстапи од своето вето за Финска и за Шведска сè уште е добра вест, што сигнализира дека кога ќе дојде до притисок, Анкара останува закотвена на Запад. Сепак, додека земјата се подготвува за клучни избори, Европа и САД ќе мора овој пат внимателно да одржуваат рамнотежа, со нијанси и стратегиско трпение.