Скратувањата се прават божем во интерес на „најранливите“. Па токму луѓето од независниот културен сектор се меѓу најранливите категории! Без никакви стабилни приходи, многу често без здравствено и пензиско осигурување, живеат од проект до проект, во крајно несигурни услови, под постојан стрес и најчесто под огромен работен напор, вели Никола Гелевски
Со ребалансот на буџетот, програмските средства во културата се кратат за околу 352 милиони денари, од вкупно предвидените 1 милјарда и 48 милиони денари, односно 34,6 отсто.
Ваквиот ребаланс на буџетот, донесен среде година, кога повеќето од проектите се веќе почнати и испланирани, предизвика бурни реакции во светот на културата, посебно на оние од независната културан сфера, коишто би биле и финасиски најпогодени.
Никола Гелевски, издавач, уредник и автор, со ваквиот ребаланс смета дека драстично ќе се намали културната продукција, но и дека културните работници ќе бидат многу погодени.
– Овој план на Министерството за култура е погрешен и штетен од низа причини. Во многу доцна фаза кршејќи веќе потпишани договори Министерството за култура станува неверодостоен партнер и внесува правна и економска несигурност. Со тоа дополнително ја поткопува довербата на граѓаните во државата и во правниот систем. Не треба да се изедначуваат програмите за работа на вработените во културниот сектор со другите создавачи на културни добра (независниот културен сектор, издавачите и сите други кои не земаат плата од државата). На Синдикатот за култура, кој ги застапува правата на вработените во институциите, може дури и да им одговара намалувањето на програмските буџети зашто тоа значи дека нема да мораат со никаков труд да си ги заработат за наши услови често енормно високите плати. Но, за другите актери во културата намалувањето на парите за веќе испланирани проекти може да значи драматично осиромашување – вели Гелевски.
Ваквиот ребалан на буџетот беше направен со цел да се помогне во секторите што се најмногу погодени од финасиската непогодба.
– Скратувањата се прават божем во интерес на „најранливите“. Па токму луѓето од независниот културен сектор се меѓу најранливите категории! Без никакви стабилни приходи, многу често без здравствено и пензиско осигурување, живеат од проект до проект, во крајно несигурни услови, под постојан стрес и најчесто под огромен работен напор. Планот на Министерството за култура го занемарува факторот инфлација. Програмите за 2022 се правени отприлика пред една година, кога цените беа други. Веќе во моментов одобрените пари (за кои се склучени договори) реално се помали над 20 отсто зашто се поскапени сите услуги. До крајот на годината инфлацијата ќе изеде уште еден голем дел од парите кои допрва ќе треба да се исплаќаат (а често се исплаќаат со повеќемесечни доцнења) – појаснува Гелевски.
Кратењето на буџетот во културата се прави токму во време кога земјата го брани својот идентитет.
– Нели се многу важни „идентитетот“, македонскиот јазик, нашата традиција, култура, историја, нашата современа уметност, нашата солидарност како цивилизирана заедница итн.? Камо конкретни примери дека навистина го мислиме тоа?! Дека веруваме во тоа и дека работиме за тоа – прашува тој.
Реагираше и Асоцијација на независната културна сцена „Јадро“. Оттаму велат дека културните работници, уметниците, неформалните групи и организациите што работат во независниот културен сектор не биле навремено информирани, консултирани и не се согласни со какво било намалување на средствата за работа, за кои веќе имаат потпишано договори.
– Независниот културен сектор веќе претрпе огромна штета како последица од кризата со пандемијата, а најавеното кратење ќе остави големи последици врз секторот што веќе се наоѓа во исклучително нестабилна положба и чие опстојување е доведено во прашање. Ваквата одлука претставува опасност целосно да запрат долгогодишни програми и да згаснат мали организации кои опстојуваат само со овие средства. Револтирани сме од негрижата и непрепознавањето на предизвиците со кои независниот сектор се соочува, непрепознавањето на неговата улога во креирањето на културните политики, непрепознавањето на важноста на овој сектор за националниот развој на културата во нејзиното пошироко поимање, кое ги вклучува современите културни практики, како и демократизирачките идентитетски процеси – стои во реакцијата на „Јадро“.
„Јадро“, како и неколку други независни културни уметници и работници имаа и средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод предлог-кратењето на буџетот за култура како дел од Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година.
Од „Јадро“ велат дека министерката им ветила дека ќе стори сè во нејзина моќ за да направи нова „прекројка“ во кратењата, така што програмските трошоци на корисниците од пошироката независна културна сцена ќе останат недопрени и најмалку оштетени од очекуваниот ребаланс на буџетот за 2022 година.
Од Министерството за култура велат дека прават напори со ребалансот ниту еден сектор од сферата на културата да не биде драстично погоден.
– Во Министерството се прават детални анализи како најбезболно и со најмали штети да се реализираат проектите поддржани со годишната програма, во услови на неизвесност, инфлација и енергетска криза. Министерството за култура прави сериозни напори, на виталниот дел од секторот, како што се Другите корисници да им обезбеди непречена реализација на проектите, имајќи предвид дека поголем дел од нив ја обезбедуваат и својата егзистенција преку својата програма. Министерството за култура, на дневна основа работи со националните установи разгледувајќи ги можностите за нивна адаптација во ситуацијата која е условена од ребалансот на буџетот. Се прават реални проценки за можноста од сто процентна искористеност на првично одобрените средства, и во таа насока се прават напори ниту еден сектор да не е драстично погоден во оваа кризна година – велат од Министерството за култура.