Извршниот комитет ќе расправа и ќе се произнесе по повеќе точки меѓу кои и предлогот за референдумско изјаснување, како и анализа на актуелната политичко економска состојба во државата, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на општина Аеродром
– Да, денеска имаме седница на Извршниот комитет од деветнаесет часот, утре е Централниот комитет ќе разговараме за актуелните случувања исто така би сакал Извршниот комитет да се произнесе и за палењето на возилото на пратеникот во Прилеп, Прилеп овие денови е како Бејрут во најлошите времиња, денеска повторно ново возило е запалено, односно во текот на ноќта. Исто така за предлог за референдумско изјаснување да видиме каков тип на референдум, кога би го почнале, како би го почнале, на што би се насочиле, на што би се фокусирале, да слушнеме членовите на Извршниот комитет на партијата што мислат и нормално анализа на актуелната политичко економска состојба во државата што е стандардна тема во тие неколку часови кога Извршниот комитет заседава. Бидејќи состојбата со економијата, ајде еве ако ја тргнеме политиката на страна која што е катастрофална е исто така апокалиптична. А доаѓа зима овие во владата се однесуваат како онаа народната со штурецот, за месец два започнува и учебната година доаѓа есента, потоа и зимските денови цените на енергенсите гледаме континуирано растат, не гледаме дека некој се занимава со тоа, не гледаме дека некој се занимава со обезбедување на резерви на пченица и слично така што сложена е состојбата и како државотворна политичка партија треба да излеземе со наша позиција по неколку прашања отворени – нагласи Мицкоски.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ, пак, се противи на барањето да се организира референдум за одобрување на преговарачката рамка. Тој посочи дека двотретинското мнозинство ќе биде доволно за да се даде легитимитет на процесот. Маричиќ смета дека евентуалниот референдум би бил само за политички поени.
– Ние имаме научени лекции, се сеќавате дека опозицијата инсистираше на референдум за договорот со Грција. Тоа во 2018 година го прифати и Владата, тогаш на Заев, решивме да организираме референдум, којшто, партијата која го бараше, реши да го бојкотира. На тој начин отвори дамка, остави една сенка на процесот, иако можеше да учествува и да се затвори. Мислам дека тоа треба да ни е научена лекција. Имаме доволен капацитет и легитимитет на институциите, особено на Собранието, да дискутира, разговара, преку дијалог да дојдеме до двотретинско мнозинство, што е доволен легитимитет на уставните измени без референдум. Ова е мој личен став, Владата нема став. Мој личен став е дека од тоа нема потреба, а институциите треба да си ја преземат одговорноста, наместо да се користи евентуалниот референдум за политички поени – кажа Маричиќ.
Мицкоски претходно посочи дека на референдум граѓаните би се изјасниле само дали ја прифаќаат преговарачката рамка сосе билатералниот договор со Бугарија, но не и за менување на Уставот. Тој е дециден дека највисокиот правен акт нема да биде променет, а Бугарите нема да бидат во него.
– Јас ќе се задржам на Уставот, предвидува два типа на референдум, по и пред носење одлука. Независен од ова е процесот на менување на Уставот. Промената на Уставот, кажав дека нема да се случи. Гаранција е зборот на 44 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Не се фокусираме ние на тоа, ние се фокусираме на преговарачката рамка каде е вметнат протоколот – кажа вчера Мицкоски.