Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска за време на прес-конференцијата по потпишувањето на билатералниот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакна дека во билатералните односи, Бугарија не го признава официјалниот јазик на земјава.
– Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 земји-членки, сепак, тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став. Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка – изјави Генчовска.
Важно е, посочи Генчовска, дека отсега ниту еден документ во процесот на приклучување „не може да се сфати како бугарско признавање на постоењето на т.н. македонски јазик“.
– И тоа е јасно опишано во едностраната декларација што Бугарија ќе ја претстави во понеделник за време на Комитетот на постојани претставници – рече министерката за надворешни работи и додаде дека оваа декларација ќе биде претставена и во следните чекори на европско ниво и ќе биде поздравена од Советот на ЕУ.
Министерката за надворешни работи Теодора Генчовска рече дека при одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од страна на Чешкото претседателство со ЕУ, Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција, а потоа властите во земјава треба да ја започнат процедурата, да се смени Уставот со цел во него да се вклучат и локалните Бугари.
Како што информираше, дури потоа ќе има втора меѓувладина конференција на која всушност ќе започне преговарачкиот процес, но тоа ќе зависи од властите во Македонија
– Може да трае три месеци, како што беше случај кога името на Република Северна Македонија се промени, но може и да продолжи и две години – рече Генчовска.
Бугарската министерка за надворешни работи изјави дека вистинските преговори за Албанија може да започнат веднаш по првата меѓувладина конференција.