Постојат две големи причини зошто оваа година е поинаква состојбата со јаглеродното загадување. Русија ја започна својата специјална воена операција во Украина, а кинеската економија забави, поради строгите политики за спречување на ширењето на ковид-19
ЕНЕРГИЈАТА ОД фосилните горива СЀ УШТЕ НЕЗАМЕНЛИВА ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА СТАБИЛНОСТ НА ДРЖАВИТЕ
Глобалното загадување и натаму останува високо во приоритетите на сите позначајни меѓународни организации, и тоа не само на еколошките туку и на економските, здравствените, па дури и воено-безбедносните. Едноставно, глобалното загадување е проблем на кој треба да му се пристапи на многу широк фронт за да се најде излез од бездната кон која се приближува човештвото.
На овој проблем, меѓу другите медиуми, се навраќа и американскиот магазин „Атлантик“, кој укажува дека за да се разбере што се случува со изворите на загадување со јаглерод во 2022 година, прво треба да се разгледа минатата година. Во 2021 година, светот забележа 36,3 метрички гигатони јаглеродно загадување од фосилни горива во атмосферата, што е рекордно високо ниво. Ова загадување во голема мера беше поттикнато од порастот на производството на енергија во Кина, што изнесуваше околу една третина од вкупното јаглеродно загадување во светот како резултат на производството на енергија. Минатата година, побарувачката на електрична енергија во Кина скокна за 10 отсто, што е зголемување еднакво ако се додаде потрошувачка на енергија во Африка, според Меѓународната асоцијација за енергија. Но САД беа одговорни за приближно уште 13 проценти, а вкупните емисии на САД, Европската Унија (ЕУ) и Јапонија за околу една четвртина од вкупниот број на светско ниво.
За годинава нема бројки, но промените се видливи
Тоа се бројките за минатата година. Меѓутоа, засега нема бројки за да се има увид како изгледаат годинешните емисии, но 2022 година е дефинирана со два настана. Прво, Русија ја започна својата специјална воена операција во Украина, што предизвика промени на глобалниот енергетски пазар, со низа конвулзии што ја доведоа Европа во огромна енергетска криза и им донесоа на САД некои од нивните највисоки цени на бензинот досега. Покрај тоа, кинеската економија забави, поради строгите политики за спречување на ширењето на ковид-19.
Овие настани ќе ги променат емисиите на значителен начин, но прерано е да се каже какви ефекти може да имаат. Конфликтот во Украина може да поттикне зголемување на емисиите во секој сектор, освен во транспортот, каде што зголемените цени на нафтата ја намалуваат побарувачката. Во чудна логика на климатските промени, кинеската економија вообичаено би била добра за планетата, бидејќи БДП останува во корелација со емисиите на јаглерод. Но поради пристапот фокусиран на градежништвото и инфраструктурата што кинеските официјални лица го користат за да ја стимулираат економијата на нивната земја, забавувањето на кинескиот раст може да произведе големо количество емисии, бидејќи Владата инвестира во индустриите за челик, цемент и електрична енергија што имаат висока емисија на јаглерод.
Јагленот се враќа на енергетската сцена
Треба да се истакнат две значајни промени во енергетскиот систем. Првата е дека јагленот почна да се враќа на сцената, што веројатно е привремено, но не може со сигурност да се тврди. Пред пандемијата, општо беше познато дека јагленот полека се исфрла од употреба како главен извор на електрична енергија, особено во Северна Америка и во Европа. Тој не можеше да држи чекор со евтините обновливи извори на енергија и природен гас, бидејќи ѝ нанесува штета на климата повеќе од кој било друг енергетски извор, а производителите на електрична енергија немаа големи причини да го дозволат тоа.
Со зголемувањето на цените на природниот гас и со тоа што земјите повторно пресметуваат каква енергија можат да добијат во геополитичка криза, јагленот повторно доби на важност. Германија, која веќе беше во процес на постепено укинување на своите фабрики за јаглен пред избивањето на конфликтот во Украина, им нареди на постројките на јаглен да произведуваат повеќе електрична енергија на краток рок. Дури и во САД, каде што не се зголеми драстично цената на природниот гас, побарувачката на јаглен е зголемена уште од крајот на минатата година, иако постројките за јаглен сè уште се затвораат. На Запад, индустријата за јаглен не го третира овој бум како постојан. Не се прошируваат ископувањата во рудниците на јаглен или не се отвораат нови. Додека светот се подготвува за поголеми форми на економска војна, Кина двојно го зголеми производството на јаглен, што е меѓу нејзините воено најбезбедни извори на енергија. Премиерот на земјата вели дека само зајакнувањето на производството на јаглен може да го спречи прекинот на струја ова лето.
И биткоинот загадува
Втората промена што се забележа оваа година е дека потрошувачката на енергија на биткоинот е намалена. Криптовалутите исклучително земаат данок на животната средина, бидејќи создавањето нови монети бара постојани компјутерски процеси, кои чинат многу пари. Но, оваа година, индустријата за криптовалути доживеа крах: откако постигна врв минатата есен, повеќе од две илјади милијарди долари во вредност пропаднаа, а особено биткоинот падна за 70 отсто. За возврат, светската потрошувачка на енергија на биткоинот се намали за околу 70 терават-часа годишно, што е еднакво на потрошувачката на енергија во Австрија.
Во суштина, колку повеќе чини еден биткоин, толку е повредно за наоѓачите да трошат енергија за да го произведат. Исто така, постои сличен однос на пазарот на нафта: нафтените компании се обидуваат да бараат нафта каде што барелите се најскапи, како што е случајот со наоѓалиштата во Арктички Океан, и тоа само кога нафтата е скапа, бидејќи маргиналните трошоци за наоѓање дополнителен барел треба да ги надминат трошоците за негово извлекување од земјата на тоа конкретно место. Да биде јасно, биткоинот сè уште користи значително повеќе енергија отколку пред пандемијата. Неговите јаглеродни емисии сега се на исто ниво со вкупните штетни емисии на Грција, но не го доживеаја растот од кој се плашеа некои климатски експерти.
Тоа не е единствениот позитивен развој. Во текот на изминатата година, ветерните турбини и соларните панели станаа поскапи, но не до истиот степен како фосилните горива. Според новата студија од „Блумберг њу енерџи фајненс“, обновливите извори на енергија остануваат најевтината форма на производство на електрична енергија за две третини од светската популација. Овие трендови можеби нема да се одржат до крајот на 2022 година. Ако некои делови од светот влезат во рецесија, како што сега изгледа можно, ако не и веројатно, тогаш нивните емисии би можеле да се намалат. Без разлика, враќањето во повоинствен свет, помалку енергетски безбеден свет, значи дека повеќе земји ќе се свртат кон користење на фосилните горива како извор на енергија. Тоа значи дека јагленот, како фосилното гориво, кое убедливо е најштетно за климата и за здравјето на луѓето, може да се користи и во наредните години.
Подготвил: Марјан Велевски