На арапскиот свет му се потребни слободни медиуми, пишува саудискиот новинар Џамал Кашоги во последната колумна за весникот „Вашингтон пост“
Неодамна на Интернет го разгледував извештајот за 2018 година за „Слобода во светот“ објавен од страна на „Фридом хаус“ и дојдов до важен заклучок. Постои една држава во арапскиот свет што беше класифицирана како „слободна“. Станува збор за државата Тунис. Јордан, Мароко и Кувајт следуваа веднаш зад неа класифицирани како „делумно слободни“. другиот дел од државите во арапскиот свет се класифицираат како „неслободни“.
Како резултат на тоа, Арапите што живеат во овие држави се неинформирани или дезинформирани. Тие не можат соодветно да решат, а уште помалку јавно да дискутираат прашања што го засегаат регионот и нивното секојдневие. Државниот наратив доминира во јавното мислење и иако многумина не веруваат во тоа, големо мнозинство од населението е жртва на ваквиот лажен наратив. За жал, мали се шансите за да се промени оваа слика.
Арапскиот свет беше полн со надеж во пролетта во 2011 година. Новинарите, академиците и општото население имаа големи очекувања за подобро и послободно арапско општество во нивните држави. Тие очекуваа да се ослободат од хегемонијата на нивните влади и постојаните интервенции и цензурата на информациите. Овие очекувања за кратко време пропаднаа, а општествата се вратија на старото статус кво или се соочија со уште полоши услови од претходно.
Мојот драг пријател, истакнатиот саудиски писател Салех ал Шехи, напиша една од најпознатите колумни што некогаш била објавена во саудиските медиуми. Тој, за жал, сега отслужува петгодишна затворска казна. Овие мерки повеќе не носат негативната реакција на меѓународната заедница. Напротив, ваквите мерки можат да поттикнат осуда по која веднаш ќе следува молк.
Како резултат на тоа, арапските влади добија одврзана рака и натаму да ги замолчуваат медиумите со забрзано темпо. Некогаш новинарите веруваа дека Интернет ќе ја ослободеше информацијата од цензурата и контролата што беше карактеристика на печатените медиуми. Но овие влади, чие постоење се потпира на контрола на информацијата, жестоко го блокираат Интернет. Тие исто така апсеа локални новинари и вршеа притисок врз огласувачите за да им ги ослабат приходите од одредени реклами.
Има неколку оази што продолжуваат да го негуваат духот на Арапската пролет. Владата на Катар продолжува со емитувањето на странски вести за разлика од обидите на нивните соседи да ја имаат контролата врз информациите за да го зачуваат „стариот арапски поредок“. Дури и во Тунис и Кувајт, каде што медиумите се сметаат за барем „делумно слободни“, тие се фокусираат на домашни прашања, но не на прашања со кои се соочува поголемиот арапски свет. Тие се двоумат да обезбедат платформа за новинарите од Саудиска Арабија, Египет и Јемен. Дури и Либан, кој е бисер во арапскиот свет кога станува збор за медиумска слобода, стана жртва на поларизацијата и влијанието на Хезболах.
Арапскиот свет се соочува со своја верзија на Железната завеса што не е наметната од надворешни актери туку од домашни сили што се натпреваруваат за моќ. За време на Студената војна, Радио Слободна Европа, кое со текот на времето стана сериозна институција, одигра важна улога во негувањето и зачувувањето на надежта за слобода. На Арапите им е потребно нешто слично. Во 1967 година, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ станаа заеднички сопственици на весникот „Интернешенел хералд трибјун“, кој стана платформа за мислења од целиот свет.
Мојот весник „Вашингтон пост“ презеде иницијатива за да преведува многу од моите дела и да ги објавува на арапски јазик. Многу сум благодарен за тоа. Арапите треба да читаат на нивниот јазик за да можат да разберат и да дискутираат разни аспекти и сложености на демократијата во САД и на Западот. Ако еден Египќанец прочита статија во која се откриваат вистинските трошоци за некој градежен проект во Вашингтон, тогаш тој или таа ќе може подобро да ги сфати последиците од слични проекти во неговата или нејзината заедница.
На арапскиот свет му е потребна современа верзија на старите транснационални медиуми за граѓаните да бидат информирани за светските настани. Уште позначајно е што треба да обезбедиме платформа за арапските мислења. Ние се бориме со проблемите на сиромаштијата, лошото раководење и образование. Со формирање независен меѓународен форум, кој ќе биде изолиран од влијанието на националистичките влади што шират омраза преку пропаганда, обичните луѓе во арапскиот свет ќе можат да ги решаваат структурните проблеми со кои се соочуваат нивните општества.