На предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, Владата го прогласи Офицерскиот дом во Битола за културно наследство од особено значење.
– Значењето и вредноста на овој објект конечно беше валоризирано минатата година во мандaтот на оваа Влада откако беа усвоени ревалоризацијата на предметното добро од установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола, а потоа и ревизијата на актот за ревалоризација што го изврши Комисија формирана од Управата за заштита на културното наследство – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Офицерскиот дом изграден во 1912 година, претставува споменик на културата, а со овој највисок степен на заштита, трајно ќе биде зачуван овој редок архитектонски објект кој сам по себе говори за практикувањето на архитектура од јавен и монументален карактер кај нас во периодот на неговото настанување. Реставрацијата на Офицерскиот дом е изведена во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“, за кој Општина Битола за време на претходната локална власт доби средства од европските ИПА фондови.
Највисок режим на заштита подразбира трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба; создавање на поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво; ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација; оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.
М.М.