Карикатура: „Нова Македонија“

Дипломатски извори брифираат дека претставници од ЕУ-администрацијата перманентно прават силна пресија кон нас, со „убедувања и принудувања да се постигне компромис за надминување на спорот околу содржината на преговарачката рамка“!? Францускиот претседател Макрон е „предводник на пресингот за наметнување и прифаќање решение!“
Како своевидна посттрауматска дилема од францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија, откако е изгласан во бугарскиот парламент, има очигледни индикатори дека во машинеријата на ЕУ, разни административни апаратчици сѐ погласно го туркаат ставот наметнат за Македонија, наводно во името на Унијата: земи (ЕУ) или остави (ЕУ)!?
Поточно, одбивањето на предлогот од страна на Македонија, во ЕУ се пакува како наше „самооткажување од европерспективата и очигледна подложност на руското влијание“…

Тежок цинизам во ЕУ: Македонците евроскептици – ако ништо не прифатиме, ќе нѐ прогласат за еретици

Откако е почната блокадата на македонските евроинтеграции со ветото на Бугарија, три-четири земји-членки на ЕУ подготвуваа предлог-преговарачки рамки за негово надминување. Пред последниов, т.н. француски предлог, првата преговарачка рамка за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ беше подготвена за време на претседателството на Германија со Советот на Унијата, во времето кога канцеларка беше Ангела Меркел. Првото бугарско вето се случи токму на германскиот предлог. Проблемот го наследи Португалија, која исто така на Бугарија ѝ го достави на разгледување својот предлог, кој сепак не ги задоволи намерите, апетитите и хегемонистичките аспирации на бугарската политика спрема Македонија и Македонците. А како што е познато, најновиот, француски предлог на преговарачката рамка за Македонија, беше одобрен од Собранието во Бугарија. Одредени високи претставници од ЕУ настојуваа таквата согласност да ја претстават како „европска агенда за надминување на причините за бугарското вето за Македонија“ и да ја стават пред „завршен чин“ дека „веќе нема пречки да започнат преговорите“. Но предлогот беше отфрлен од највисоките државни институции во Македонија, во согласност со донесената резолуција во нашето Собрание. Сега, дипломатски извори сведочат дека претставници од ЕУ-администрацијата перманентно прават силна пресија, со „убедувања и принудувања да се постигне компромис за надминување на спорот околу содржината на преговарачката рамка“!? Францускиот претседател Макрон е „предводник на пресингот за наметнување и прифаќање решение!“

За ЕУ, конечното одбивање на францускиот предлог ќе значи наше дистанцирање од Унијата

Во период од една недела, од македонското одбивање на предлогот до формалниот крај на француското претседателство, во македонската јавност висеше неизвесноста за негово можно прифаќање по одредена „доработка“. Иако тоа не се случи до 30 јуни (кога официјално заврши претседателството на Франција со Советот на ЕУ), самото постоење на „француската верзија“ на преговарачката рамка остави низа рецидиви и предизвици за можната перцепција во ЕУ на македонскиот став за сопствените евроинтегративни аспирации.
Како своевидна посттрауматска дилема од францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија, откако е изгласан во бугарскиот парламент, има индикатори дека во машинеријата на ЕУ, разни административни апаратчици сѐ погласно го туркаат ставот наметнат за Македонија, наводно во името на Унијата: земи (ЕУ) или остави (ЕУ)!?
Поточно, одбивањето на предлогот од страна на Македонија, во ЕУ се толкува како наше „самооткажување од европерспективата и очигледна подложност на руското влијание“…

Длабок презрив однос на ЕУ и опасни подметнувања за Македонија

Директорката на Институтот за европски политики – Скопје, Симонида Кацарска, смета дека обидите за наметнување таква перцепција за македонските евроинтеграции не се исклучени, но колку што се ризик за Македонија, претставуваат ризик и за самата ЕУ.
– Несомнено дека постои тенденција, примарно од Бугарија, но и од еврокомесарот Вархеји до одредена мера, овој предлог да се претстави како земи или остави, поддржан од наративот дека „ветото е подигнато“. Оваа ситуација не е поволна за нас, но истовремено, како што споменаа и владините претставници, не е поволна ни опцијата да имаме условен почеток на преговорите со сите задршки како што предвидува предлогот на француското претседателство, кој го гледавме деновиве низ медиумите. Во моментот, според мене, клучно е да се работи со државите-членки на ЕУ и со новото (чешко) претседателство со Унијата, на илустрирање на сите ризици што овој пристап ги носи со себе, а се многубројни не само за нас туку и за сите други земји-кандидатки – вели Симонида Кацарска.
Предизвикот што сега се поставува пред Македонија е да објасни дека одбивањето на францускиот предлог не значи никако одбивање на идејата и откажување од стратегиската цел на државата да стане членка на ЕУ и да ги почитува европските вредности. И се разбира дека секој предлог, во согласност со Копенхашките критериуми и меѓународното право, е добредојден и прифатлив за Македонија. Но како што Македонија, и покрај сите предизвици поставувани и од самата Унија, секогаш (повеќе или помалку успешно) работи да се реформира до целосно прифаќање на европското законодавство и задоволување на европските критериуми за проширување, очекува и од ЕУ да се придржува до сопствените принципи и да го почитува универзалниот јус когенс за македонскиот национален идентитет, историја и јазик, како право на самоопределување и себеименување.

Сериозни предупредувања за можните стапици и предизвици во понатамошните односи со ЕУ

Политичкиот аналитичар и прв извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, сепак предупредува на можните стапици и предизвици во понатамошните односи со ЕУ, но и внатре во македонското општество, со отфрлањето на францускиот предлог од Македонија.
– За жал, слично на ситуацијата со Преспанскиот договор, а и како што веќе неколку колумнисти аргументираа, мислам дека ситуацијата е сведена на изборот „да земеме или да оставиме“. Мал дел од коментаторите е на страната да „земеме“, бидејќи понатаму ќе дојдат само полоши предлози и потешко ќе биде, а и дека во овој случај самата преговарачка рамка не е неприфатлива, туку има слични/исти одредби како и за другите земји (Србија и Црна Гора), а проблемот е во т.н. протокол, кој допрва треба да се прецизира/допреговара со Бугарија.
Од друга страна, огромно мнозинство се да „оставиме“, бидејќи ова е преседан, а прифаќањето би било недостоинствено, против нашите национални интереси, меѓународното и внатрешното право и со несогледливи последици.
Ако навистина заврши оваа епизода така – со отфрлање (како што е и сегашниот став на Владата), иако е нејасно во кој стадиум е процесот, а веројатно треба предлогот да се дополни и со барањата на бугарскиот парламент (значи во уште полоша форма од таа што веќе ја одби премиерот Ковачевски), па да ни се достави за и формално да се изјасниме…, а во меѓувреме да го допреговараме делот на т.н. протокол, кој не е довршен во предлогот (но со мали изгледи да се уреди според нашите „црвени линии“, бидејќи Бугарија ќе нема причина да попушти за што било), тогаш веројатно ќе застане нашиот понатамошен евроинтегративен процес за подолго време.
Проширувањето не е во приоритетите на чешкото претседателство, во Бугарија веројатно ќе има нови избори и техничка влада дотогаш, а и нашата влада најавуваше дека ако нема пробив до крајот на јуни – нема да се вложуваат понатамошна енергија и ресурси во тој процес кај нас во следниот период.
Прашање е дали во меѓувреме Албанија ќе ги почне преговорите, што дополнително ќе ја усложни ситуацијата и кај нас, како и дали како со разочарувањето од 2008 (НАТО ветото) и 2009 (првата неуспешна позитивна препорака за преговори), ова ќе донесе до нов бран општествена деградација, зголемена корупција, понатамошно иселување од државата, па и до социјална имплозија – што можеби беше/е целта на сите овие досегашни блокади – вели Александар Кржаловски.


Макрон: Постигнавме компромис за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон, на прес-конференција на маргините на самитот на НАТО во Мадрид, изјави дека е најдено компромисно решение за спорот меѓу Бугарија и Македонија.
Продолживме да разговараме со Бугарија и со Македонија и постигнавме напредок во однос на европската клима. Француското претседателство направи голем напредок, во вторникот и средата вечер и имаше уште едно прашање меѓу Бугарија и Македонија и, така, со нашите последни сили, продолживме да разговараме со двете страни. И како што објави Европскиот совет на 23 и 24 јуни, продолживме да работиме на отворање на првото поглавје врз основа на досегашните дискусии. Можам да кажам дека е најден компромис, компромис што ја зачувува чувствителноста на двете страни и верувам дека е прифатлив за сите. Во наредните денови и двете страни ќе го потврдат тоа. Бугарскиот претседател и премиерот веќе го поддржаа францускиот предлог и ќе има разговори во наредните денови во Скопје. Ова е важно за безбедноста, стабилноста и дека минатото може да се надмине – рече Емануел Макрон, претседател на Франција.
Макрон не соопштил детали за можниот компромис, но можно е тој да не опфаќа експресно решение, туку начин и македонската страна да се изјасни за договореното преку консултации во Собранието во Скопје.
Во таа насока говори и соопштението од Владата во Скопје објавено вчера попладне, во кое се наведува дека „пристигнал предлог со идеи“ од француското претседателство со ЕУ.
– Ова претставува основа за отворање широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата – соопштија од Владата.
Како што објави „Дојче веле“, во Мадрид на овие теми разговарале двајцата министри за надворешни работи, на Бугарија и на Македонија, Теодора Генчовска и Бујар Османи. Двете спорни точки биле за одржувањето на двете меѓувладини конференции – првата „политичка“ и втората формална, по која всушност и би почнале пристапните преговори на Македонија со ЕУ.