Претседателот на Франција Емануел Макрон на прес-конференција во Мадрид, на Самитот на НАТО изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.
– За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти, затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите – изјави Макрон.
Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.
– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото – потенцира Макрон.
Висок дипломатски извор за МИА вели дека Франција не се откажува до последен момент од изнаоѓање решение помеѓу Македонија и Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Додека во Мадрид се наоѓаат шефовите на држави и влади и министрите за надворешни на Македонија, Бугарија и Франција, во Брисел продолжува дипломатската активност од страна на Париз, вели за МИА дипломат од земја членка на ЕУ.
– Ќе видиме што ќе направат Французите, тие сакаат утре да се одржи првата меѓувладина конференција и сѐ уште се обидуваат – објаснува дипломатот запознаен со активностите на француското претседателство.
Меѓутоа ниту една друга земја членка освен Франција, и се разбира Бугарија, немаат никакви детали за содржината на овие последни обиди.
Француското претседателство завршува денеска на полноќ, по што палката ја презема Чешка, која за време на германското претседателство ги блокираше заклучоците токму поради внесувањето на билатерални историски прашања, меѓу другото.
Чешка, како следен претседавач со ЕУ, не е во можност да блокира ниту заклучоци, ниту преговарачка рамка, бидејќи од позиција на претседавач земјите членки не смеат да ги застапуваат своите национални интереси и ставови туку имаат задача да градат компромис меѓу сите 27 земји. Но, дипломат од земја на ЕУ објаснува дека ставот на чешката дипломатија и нејзините црвени линии „не се изменети“.
– Ги знаете црвените линии на Чешка, но како претседавач мора да се изнајде договор добар за сите страни, а Франција уште се обидува да ги наведе сите на договор – брифира дипломатски извор.
Франција сака да приложи успех во процесот на проширување со Албанија и Македонија, дотолку повеќе што во пакетот „Западен Балкан“ се наоѓаат и Косово и Босна и Херцеговина кои тапкаат во места, првите поради визната либерализација, односно поради кандидатскиот статус.
Иако Прага не го вклучи проширувањето експлицитно во приоритетите на претседавањето, нивните дипломати уверуваат дека Западниот Балкан несомнено останува на врвот на списокот на приоритети, како и Источното партнерство, односно Украина, Молдавија и Грузија пред сѐ.
Париз неодамна достави предлог преговарачка рамка која беше неприфатлива за Македонија поради непочитување на македонските црвени линии и киднапирање на процесот на преговори со ЕУ од страна на една земја членка, што претставува преседан во процедурите на ЕУ.
Бугарија потоа го усвои овој предлог, но со дополнителни услови. Предлогот не е усвоен како позиција на ЕУ. Останува отворено прашањето и што со дополнителните критериуми усвоени од страна на бугарскиот парламент и дали тие се прифатливи како за Франција така и за останатите земји на ЕУ.
Доколку пропадне обидот на Париз да ги одржи меѓувладините конференции со Скопје и Тирана, Чешка ќе ја преземе задачата, тврдат дипломатите во Брисел.