„Превдомување“ е изложба од Јасмина Руневска, која ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“.
На уметницата ова и е прва самостојна изложба, за која ќе говори Бисера Бендевска.
Изложбата е инсталација, имитација на Дом преку затворена композиција изработена со метална конструкција и саргии, во вид на кружна соба. Исполнета со објекти, сувенири, звук, светлина, мириси, со цел да се воведе гледачот во приказната за амбиентална уметност, која преку оваа визуализација на домот раскажува нешто повеќе за идентитетот, традицијата, колективното несвесно.
– Селектирањето на стари предмети, сувенири, звуци, миризби, поставени во оваа соба претставува еден процес на прераскажување (превдомување) на некогашен/дамнешен дом на Другиот. Со откривање на нови места за стари објекти, или ставање на искористените предмети во некој друг визуелен контекст, обојувајќи ги со специфичен филтер, или едитирајќи разговори коишто ги слушаме секојдневно во различни траки, овие приказни бидуваат преурамени и отворени за повеќе слојни читања. Значењето на асоцијациите што објектите ги имаат останува да биде протолкувано од публиката. Во зависност од нивното искуство, секој објект, звук, или збор си носи различен субјективен референт, па зависно од тоа искуство секој го пре-прочитува од различна точка на гледиште, т.е. со друга меморија, идентитет или експресија – вели Руневска.
Според неа „Превдомување“е претставено преку пронаоѓање на ново место, нов дом (дом како приказна, исполнета со спомени, мемории, традиција, заокружена со строго поставени бетонски граници врз метална конструкција) на веќе еднаш вдомените приказни, објекти, намештај, писма, мемориии, облека.
– Го пренесувам оттуѓувањето на луѓето, и повторно вдомување. Од една граница-во друга. Од еднa адреса на друга. Сосе нив и неколку предмети, објекти, мебел, писма, мемории, идентификации, облека, сапун…Од еден плакар во друг. Од една соба, во друга. Испишани се претходните мемории врз облеката и сапунот. Та сапунот ќе се потроши, ама ќе се сетиме на мирисот. Ќе треба да ја смениме адресата на личната карта, ама ќе ни остане во сеќавање и старата бројка. Плакарот ќе се смести во нов простор, но на него ќе се гледаат гребнатинките од едно дете кое ги направило со својата пластична закачалка – сабја. Дрвенатата рамка со истата фотографија од претходно пак поставена на креденецот, сега е избелена од секојдневното пребришување на прашината. И во вдоменоста наоѓаме оттуѓеност и во невдоменоста се пронаоѓаме. И обратно. И сите зборови, предмети, слики се обид да дообјаснат, обид да не доближат за да можеме пак да се оддалечиме, да се вдомиме, за пак да се оддомиме, да се присетеме – за да заборавиме. Како сè да е во дуализмот, во Едното наспроти Целото, во Јаството наспроти Другиот, во малите приказни наспроти големите. И сето ова го имаме во нашата меморија, во сеќавањето. Сеќавањето стои во тесна врска со идентитетот и постоењето на човечките битиа. Целото тоа сеќавање (талог) се насобира врз сите елементи, предмети, молекули. Тие раскажуваат цели постоења, односно, во нив се исчитува „минатото како сè уште актуелна презентност.“ – додава авторката.
Јасмина Руневска, која е претседател на ДЛУП, дипломирала на компаративна книжевност (2012) и Ликовна уметност – сликарство 2014 во Скопје. Во моментов работи на магистерските по Родови студии, а нејзините дела ги истражуваат проблемите на современиот женски идентитет преку меморијата и јазикот.
Ка.М.