Неповолни прогнози на ООН до 2050 година
Европа доживеала 45 суши во последната деценија, а зафатени се 15 отсто
од континенталната територија и 17 отсто од населението
Подготвил: Митко Јовановски
До 2050 година, 75 отсто од светската популација може да се соочи со последиците од сушата, предупредија од Обединетите нации, од каде што препорачуваат рано дејствување за да се избегнат катастрофалните последици од дезертификацијата на човештвото и околината.
Сушата бележи растечки тренд во светот поради глобалното затоплување и намалувањето на водните ресурси, покажуваат извештаите на меѓународните организации. Од 2000 година зачестеноста на траењето на сушните периоди пораснала за 29 отсто, посочуваат од Светската метеоролошка организација (ВМО). Најмалку 11,7 милиони луѓе починале од последиците на сушата во изминатиот век. Сушата најмногу ја погоди Африка. На овој континент во изминатите две децении се забележани 134 сушни периоди. Сомалија, Зимбабве, Џибути, Мавританија и Јужна Африка се меѓу земјите со најголем ризик од сушите.
Европа доживеала 45 суши во последната деценија. Трошоците за санирање на последиците во Европа надминаа 27 милијарди долари, а зафатени се 15 отсто од континенталната територија и 17 отсто од населението.
Во САД штетите предизвикани од сушата само во земјоделското производство достигнаа 250 милијарди долари во минатиот век.
Сушата, која е најчеста природна катастрофа што се јавува по обилните поплави, го намалила бруто-домашниот производ во Индија од два до пет отсто. Во Австралија поради сушните периоди е намалено земјоделското производство за 18 отсто.