Не сум оптимист дека Северна Македонија, и покрај напорите на Париз и Берлин да помогнат за тргање на ветото, може да ги почне преговорите со ЕУ на крајот од француското претседателство поради внатрешната ситуација во Бугарија, но и затоа што нема промена во дебатата кај домашната јавност во Бугарија, вели во интервју за МИА австрискиот социолог и претседател на влијателната тинк-тенк организација „Европска иницијатива за стабилност“ Гералд Кнаус.
– Според моето искуство од минатото со грчкото вето, со словенечкото вето на времето на Хрватска, клучот за решение е промена во дебатата кај домашната јавност, а јас не гледам дека постои таква промена во моментов во јавниот дискурс во Бугарија. Кај вакви билатерални спорови она што мора да се случи е дека земјата која гo предизвикала мора да сфати дека не може да успее. Грција требаше да сфати дека не може да успее да го промени идентитетот на Македонија со промена на името во Северна Македонија. Всушност Македонија го доби овој спор бидејќи вие имате македонски јазик, македонска нација и Грција мораше да го прифати ова. Словенија сфати дека нема да добие промена на границата со Хрватска како што сакаше и се откажа. Бугарија мора да сфати дека прашањето на бугарското малцинство не е проблем. Вистинскиот проблем е дека вие немате гаранции дури и да постигнете договор за ова, поголемиот проблем е дека Бугарија, односно некои во Бугарија го проблематизираат македонскиот идентитет. Ќе дојде моментот кога Бугарија ќе сфати дека не може да победи. Проблемот е што за ова треба време, а времето е единственото што Македонија го нема – вели Кнаус на прашањето за старт на нашите преговори со ЕУ до крајот на француското претседателство.
Според Кнаус, кој е добар познавач на состојбите на Западен Балкан, спорот со Бугарија нема да се реши лесно, Македонија направи се што треба, но, вели, има работи кои не смеат да се компромитираат и во моментов проблемот лежи во Бугарија.
Тој смета дека ќе биде лош и опасен преседан за ЕУ ако бугарските барања поврзани со идентитетските одредници влезат во преговарачката рамка за земјава. Македонија дури и да сака да направи некакви отстапки, Кнаус сугерира тоа да го направи билатерално, и да не се дозволи да се стават во преговарачката рамка.
– Јас не сакам да давам совети, на крајот тоа е на Владата во Северна Македонија да одлучи што сака да направи. Сметам дека ова е опасно за ЕУ. Ако Северна Македонија сака тоа да го направи тоа е нејзина работа, но ова за ЕУ би бил опасен преседан, бидејќи внесувате прашања кои се целосно билатерални и кои никогаш не би требало да бидат основа за ставање на вето на европско ниво. Тоа не е добро, оти може да се појават многу други прашања во процесот на проширување со останатиот дел од Балканот. Затоа сметам дека ова е лош преседан. Дури и Северна Македонија да сака да направи какви било отстапки, бидејќи ќе реши дека тоа е вредно да се направи, направете го тоа билатерално, кажете и на Бугарија „ова сме подготвени да го направиме“, но не го ставајте во преговарачката рамка, вели Кнаус.
Во интервјуто за МИА, тој меѓу другото говори и за евентуалното одвојување на Албанија доколку не биде кренато ветото за Македонија во јуни, за неговиот став за францускиот предлог за европска политичка заедница. Кнаус ја појаснува неговата идеја за пристапување на земјите од Западен Балкан во европскиот единствен пазар како конкретна придобивка што секоја земја која е во процес на пристапување треба да ја добие исклучиво на база на своите заслуги и без можност за вето. Кнаус, кој учествуваше на Преспа Форумот за дијалог во Охрид, говори и за перцепцијата за регионот во ЕУ и доделувањето статус на кандидати на Украина и Молдавија.