Франција, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, претстави неформален документ со кој се предлага формирање на „европска политичка заедница“ до крајот на оваа година, отворена за сите европски земји кои сакаат заедно да придонесат за безбедноста, стабилност и просперитетот на европскиот континент“.
– Европската политичка заедница би била отворена за европските земји кои споделуваат заеднички збир на демократски вредности, без разлика дали се членки на Унијата или не и без разлика на нивниот моментален однос со Европската унија: дали сакаат да ѝ се приклучат, ја напуштиле, не планираат да се приклучат или се поврзани со неа само со економски договори – се наведува во текстот на документот.
Франција во својот т.н „нон-пејпер“ поднесен за разгледување и понатамошна дискусија, наведува дека тековната политика на проширување, поради обемните реформи и времетраењето на процесот, „не ја нуди потребната политичка рамка за да одговори на итните историски и геополитички потреби“ кои произлегуваат од почетокот на војната против Украина, како ни за „политичко структуирање“ на европскиот континент.
– Европската политичка заедница не би била алтернатива за членството во ЕУ и не би била замена за процесот на проширување. За европските земји кои сакаат да се приклучат на Европската унија, тоа би овозможило зајакнување на врските со земјите-членки на ЕУ пред пристапувањето, како политички, така и во однос на учество во одлучувањето во одредени политики на ЕУ, вклучително и постепена интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ – пишува во документот.
Се додава дека таквата заедница не би ги заменила Советот на Европа, ОБСЕ или трансатлантските односи, туку би била европски форум кој ќе ги собере „сите членови на европското семејство“ на еднаква основа и во духот на единството на европскиот континент.
Франција бара во Европа да се „врати чувството на единство“ и да се зајакнат политичките, економските, културните и безбедносните врски меѓу идните членки на Европската политичка заедница, што, според документот, ќе биде начин да се одговори на заедничките предизвици на европската континент, како што се прашања од надворешната и безбедносна политика, климатски промени и снабдување со енергија и други суровини, безбедноста на храна, развој на инфраструктура и меѓусебно поврзување, мобилност, миграции, борба против организираниот криминал, како и односи со други геополитички актери.
Франција оценува дека Европската политичка заедница би требало да има форма на „лесна правна структура“ со капацитет за одлучување притоа почитувајќи ја „автономијата на одлучување“ на Европската унија и на секоја од земјите што ја сочинуваат Заедницата, а лидерите и министрите на овие земји би се среќавале неколку пати годишно.